Македонија
Конкурс за наградата „Жан Моне“ 2020
Делегацијата на Европската Унија и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници го објавуваат конкурсот за 18-тото издание на наградата „Жан Моне“ за најдобри достигнувања во известувањето за прашања поврзани со темата „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности“.
Наградата „Жан Моне“ ќе биде доделена во 3 натпреварувачки категории:
– најдобра новинарска сторија (за стории објавени во печатени медиуми, телевизија, радио и/или на интернет);
– најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет);
– најдобра аматерска фотографија.
Конкурс за најдобра новинарска сторија
Во оваа категорија може да учествуваат стории што се однесуваат на темата „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности“, а чии автори се новинари од државата. Сториите треба да бидат објавени во домашни весници, списанија, телевизии, радио или на веб-страници во периодот меѓу 1 јануари 2020 и 31 декември 2020 година.
Сториите треба да ги исполнуваат следниве критериуми:
– да се однесуваат на темата „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности“;
– да се објавени во периодот меѓу 1 јануари 2020 и 31 декември 2020 година;
– да се потпишани со вистинското име на авторот.
Копии од новинарските стории во дигитален ПДФ-формат (видеофајл за ТВ и радио), заедно со изјава во писмена форма, потпишана од авторот, со која гарантира дека таа/тој е автор на сторијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса: [email protected] најдоцна до 11 април 2021 година до 18 часот. Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје.
Награда: статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра.
Конкурс за најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет)
Конкурсот е отворен за сите професионални фоторепортери и фотографи од државата, кои може да поднесат до три (3) фотографии на тема „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности“ објавени во периодот од 1 јануари 2020 до 31 декември 2020 година.
Фотографиите треба да ги исполнуваат следниве критериуми:
– да бидат поврзани со темата „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности“;
– да се објавени во периодот од 1 јануари 2020 до 31 декември 2020 година;
– да не се користени за комерцијални цели.
Копии од фотографијата/фотографиите во дигитален формат (големината на секоја фотографија треба да биде 3-5 MB), заедно со изјава во писмена форма и потпишана од авторот, со која гарантира дека таа/тој е автор на фотографијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса: [email protected] најдоцна до 11 април 2021 година до 18 часот. Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје.
Награда: статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра.
Конкурс за најдобра аматерска фотографија
Конкурсот е отворен за сите фотографи аматери од државата, кои може да достават една фотографија на тема „Заедницата – тоа сме ние“. Фотографиите што се натпреваруваат во оваа категорија може, но не мора, да биле претходно објавени.
Фотографиите треба да ги исполнуваат следниве критериуми:
– да се однесуваат на темата „Заедницата – тоа сме ние“;
– да не се користени за комерцијални цели.
Кандидатите за оваа категорија треба да ги испратат своите пријави на следнава електронска адреса: [email protected] најдоцна до 11 април 2021 година до 18 часот. Секој кандидат може да испрати по една (1) фотографија (големина на фотографијата 3-5 MB), како и да гарантира дека тој/таа е автор на фотографијата со испраќање изјава во писмена форма на истата електронска адреса. Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје.
Награда: диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 500 евра.
За добитниците на наградите ќе решава жири-комисија составена од пет члена. Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 28 април 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Дрога чувана под шанк во кафеана: четири лица под истрага за илегална препродажба на марихуана и хашиш во Валандовско
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничен кој во временскиот период од октомври 2025 година до 23.01.2026 година, во угостителски објект во валандовското село Јосифово, неовластено заради продажба држел 121,40 грама марихуана, 751,99 грама хашиш и 37,44 грама мешавина од хашиш и марихуана.
Дрогата била спакувана во најлонски и книжни омоти ставени во пластична кофа со капак под работната иноксна маса во објектот. Полициски службеници пронашле и една пластична вага со остатоци од наркотична дрога.
Од тие причини постои основано сомнение дека осомничениот сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
За истото кривично дело се осомничени уште 3 лица, кои меѓусебно препродавале наркотична дрога марихуана во непосредна близина на плантажи со лозје во Јосифово. На 21 јануари едниот осомничен продал 679,97 грама марихуана на вториот осомничен, а тој потоа неовластено ја држел во штала.
Следниот ден дрогата ја однел кај третото лице во селото Пирава, кое требало да ја препакува и да посредува во купопродажбата на марихуаната на крајни корисници – зависници. При претресите полициски службеници ја пронашле дрогата, како и уште дополнителни 65,13 грама марихуана, 110 семки кои потекнуваат од растението канабис и вага со остатоци од наркотична дрога.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени дилери.

