Македонија
Во земјата се лекуваат 869 лица заразени од Ковид-19, во Скопје за 24 часа хоспитализирани 48 лица
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците во земјата е пријавено дека се лекуваат вкупно 869 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
Според Министерството за здравство (МЗ) во болницата во Битола се хоспитализирани 76 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 60 пациенти.
На инфективното одделение во Тетово има 38 пациенти, во Велес се лекуваат 68 болни, а во Куманово 143 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19.
Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 100 пациенти, во Прилеп – 112, во ковид-центарот во Гостивар – 36, а во Струга – 16 болни.
Во болницата во Струмица хоспитализирани се 68 пациенти, во Кочани – 34, во Кичево – 23, Кавадарци – 69, а во Гевгелија – 26 лица позитивни и суспектни на коронавирусот.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјата е 1.537 и има речиси 300 празни болнички кревети во ковид-центрите, објави МЗ.
Од таму додаваат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.
Што се однесува до состојбата со новозаразени од Ковид-19 во Скопје, од ресорното Министерство истакнуваат дека во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 48 нови пациенти поради компликации од коронавирусот.
Вкупно 668 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие на интерните и на хируршките клиники имало 30 приеми.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 7 примени пациенти и 6 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле бил примен еден нов болен, а четири пациенти биле примени на Клиниката за детски болести.
Во изминатите 24 часа дома биле пуштени 24 оздравени пациенти.
Во моментот во ковид-центрите на интерните и на хируршките клиники се лекуваат 319 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 136 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 146 пациенти, а на Иститутот за белодробни заболувања кај децата во Козле има 37 пациенти. На Клиниката за детски болести има 19 деца позитивни на коронавирусот, а на ГАК има 11 позитивни пациентки.
Вкупно 668 пациенти потврдени и сомнителни на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град.
Голем дел од пациентите е на кислородна поддршка, информираат од МЗ и додаваат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и може да згрижат пациенти што имат потреба од кислородна поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

