Црна хроника
Малолетникот осомничен за убиството во ГУЦ сè уште во бегство
Полицијата сè уште трага по шеснаесетгодишниот малолетник кој е осомничен за убиството на деветнаесетгодишниот Мухамед Али Јашари, кој настрада во петокот во училишниот двор на средното градежно училиште „Здравко Цветковски“.
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска вели дека ќе бараат малолетникот да одговара за убиство, но не се знае со каква квалификација ќе оди Обвинителот.„Иницијално нашиот предлог до Обвинителот е кривична пријава за убиство, сепак со каква квалификација ќе оди Обвинителот јас не би можела да кажам бидејќи тој го има последниот збор. Меѓутоа, важно е да испратиме една силна порака дека насилството во било која форма не смее и не може да се толерира“ рече Јанкулоска.Таа смета дека за да се намали насилството во училиштата треба поголема мобилизација на целото општество, а според неа, насилството своите корени ги влече од семејството и домот.„Сметам дека насилството своите корени ги влече можеби од најраната возраст и од онаму каде што се стекнуваат првите знаења односно се стекнува основата на воспитувањето, а тоа е семејството и домот. Секако дека целото општество има улога во воспитувањето на младите луѓе, тука пред сè мислам на педагозите, психолозите, наставниците, но не смее да се потцени и улогата на родителите бидејќи, како што реков, основните и првите знаења децата, уште пред да појдат на училиште, ги стекнуваат во кругот на семејството. Неопходно е да има една поголема мобилизација на општеството и да се едуцираат најмладите припадници на општеството дека секој проблем без разлика колку тој изгледа тежок и нерешлив, мора да се решава низ дијалог и толеранција“ вели Јанкулоска.Безбедноста во училиштата, според Јанкулоска, е во надлежност на градот или општината, а МВР презема мерки во однос на одржувањето на јавниот ред и мир и во делот на репресивниот дел ,односно тогаш кога ќе треба да се казнат сторителите. „Освен овој репресивен дел наша задача е да делуваме на превенција и едукација и токму тоа и го правиме и преку локалните совети за превенција и преку непосредни контакти и преку офицерите за превенција и голем дел од нив одржуваат предавања во голем дел на училиштата, но сепак сметам дека е неопходно да се оди кон една поширока општествена мобилизација“ вели Јанкулоска.Резултатите од обдукцијата од Институтот за судска медицина официјално не ги соопштуваат, велат дека ќе бидат готови за четири до пет дена.Последните неофицијални информации велат дека момчето починало од удар во пределот на срцето.Денеска во училиштето „Здравко Цветковски“ беше одржана комеморација за смртта на ученикот. Во среда Советот на Град Скопје ќе одржи вонредна седница за овој инцидент. Полицијата го уапси второосомничениот за учество во инцидентот, а истражен судија му одреди петнаесетдневен притвор.Според полицијата, причините за инцидентот биле банални. Ученикот кој го преживеа нападот, седумнаесетгодишниот Дарко имал недоразбирања со второосомничениот кој сега е во притвор и кој исто така е ученик во ГУЦ. И двајцата осомничени се од македонска националност.Пред неколку недели второосомничениот го нападнал Дарко пред неговата девојка со шлаканици во населбата каде што живее.Деветнаесетгодишниот Мухамед Али Јашари од Кондово во петокот се обиде да го спаси својот соученик – Македонец, но смртно настрада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Се запали глисер во Охридско Езеро

Пожар избувнал во глисер укотвен во водите на езерото, на плажите помеѓу населбата и автокампот „Елешец“, на околу 30 метри од брегот.
За среќа, во инцидентот нема повредени лица. Во гаснењето на огнените јазици интервенирале екипите на Територијалната противпожарна единица Охрид, заедно со припадници на езерската полиција, кои брзо реагирале за да спречат поголема катастрофа.
Според полициските информации, глисерот бил регистриран и во сопственост на 64-годишниот З.Д. од Тетово. Пожарот предизвикал сериозни оштетувања на коритото, поради што пловилото потонало на длабочина од околу три метри. Покрај тоа, огнот оштетил и два други глисери кои биле укотвени во близина.
Причините за избувнувањето на пожарот засега не се познати, а истрагата за утврдување на околностите е во тек.
Топ
Убиство среде бел ден во Тетово, во пукањето повредени се четири лица меѓу кои и дете

Едно лице загина, а четворица се повредени, меѓу кои и малолетно девојче, во вооружена пресметка што денеска околу 12:30 часот се случила на крстосницата меѓу улиците „Илинденска“ и „Благоја Тоска“ во Тетово. Според првичните информации од Министерството за внатрешни работи, во инцидентот учествувале лица од две возила, при што дошло и до сообраќајна незгода, по што возилата го напуштиле местото на настанот.
„Едното возило се упатило кон улица ‘113’, додека другото заминало во непознат правец“, информираат од МВР. Очевидци изјавиле дека возилото што се упатило кон улица „113“ било „Форд Фиеста“ со тетовски регистарски таблички, кои од извршената проверка се утврдило дека се одјавени и припаѓаат на 19-годишен жител на село Гајре.
При преземените мерки, полицијата на крстосницата меѓу улиците „Благоја Тоска“ и „107“ пронашла патничко возило „Фолксваген Голф“ со тетовски регистарски таблички, сопственост на 46-годишен жител на Тетово. „Во возилото било пронајдено едно починато лице со прострелни рани од огнено оружје“, соопшти МВР.
Во престрелката биле повредени и малолетно девојче од Тетово, кое е задржано на опсервација во Клиничката болница во Тетово, двајца мажи на возраст од 34 и 46 години, кои со тешки повреди се пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, како и 60-годишен пешак, кој бил случаен минувач и е пренесен во истата здравствена установа.
„Формиран е тим со кој раководи дежурен јавен обвинител при ОЈО-Тетово, а увидната екипа од СВР Тетово врши комплетен увид. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, наведуваат од МВР.
Црна хроника
Во пасат откриени десет мигранти на возраст од 15 до 39 години

Десет мигранти на возраст од 15 до 39 години, од кои девет од Египет и еден од Сирија, открила полицијата ноќеска во патничко возило „фоксваген пасат“ со радовишки регистарски ознаки.
Како што соопшти МВР во дневниот билтен, возилото било забележано во 00:40 часот кај место викано „Раскрсница Ѓавато“ од полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ.
„Откако ги забележал полициските службеници, возачот го запрел возилото и го напуштил местото. При преглед во возилото биле пронајдени 10 лица мигранти на возраст од 15 до 39 години, од кои девет од Египет и еден од Сирија“, наведува Министерството за внатрешни работи.
По наредба на јавен обвинител, мигрантите биле пренесени во Транзитен центар Винојуг во Гевгелија за понатамошна постапка, а увид извршила екипа од Одделение за прекуграничен криминал, миграции странци и реадмисија Гевгелија. Се работи на расчистување на случајот.