Македонија
Заев: Со Мицкоски се договоривме за одблокирање на Собранието и на неколку важни закони
Премиерот Зоран Заев кажа дека уште утре ќе се почне со измена на Изборниот законик во кој ќе се внесе гласање со отпечаток од прст, како дел од договорот со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Заев кажа дека од утре работни групи во законодавниот дом ќе разговараат и за отворени листи, како и локални избори во еден изборен круг. По средбата, премиерот кажа дека со Мицкоски договориле и одблокирање на Собранието.
„Одложување на пописот од 5 септември до 25 септември, а изборите од прва во втора половина на октомври. Важно е што дијаспората ќе продолжи да се попишува и ги повикувам нашите граѓани во странство да се попишат. Ова е важна статистичка операција. Логично е дека внимаваме да не се поклопи кампањата со пописот, така што таа ќе се одложи. Делот што го договоривме за одблокирање на Собранието е важен, односно законите како што се за легализација на бесправни градби, петтиот пакет мерки, законите за клинички центар, АВМУ/МРТВ закони кои се заглавени повеќе од година и пол, Законот за државјанствата, законите за пензионирање, законите за екологијата, законите од европската агенда. Верувам дека во периодот што престои ќе има покомфорна атмосфера и законодавниот дом ќе биде одблокиран. Прифативме уште утре во Изборниот законик да влезе гласањето со отпечаток од прст. Со самиот Изборен законик зедовмее обврска да започнат да работат групи и да се разговара за отворени листи, како и за барањето на избори во еден изборен круг. Но, и да се разговара за една изборна единица за парламентарни избори“, рече Заев.
И Мицкоски по средбата кажа дека за овие прашања е постигната согласност со Заев.
„Се согласивме и веќе утре во рамките на Парламентот ќе биде измената на Изборниот законик што се однесува на терминалите за вчитување на отпечаток на прст. Очекуваме успешно да биде изгласана во Собранието. Се согласивме да ги охрабриме групите кои преговараат за Изборниот законик, а тоа се предлозите за измена во една изборна единица, отворени листи за советници на следните избори, избор на градоначалник во прв круг, последно се разбира тука се гласање на дијаспората на следните парламентарни избори надвор од дипломатско-конзуларните претставништва, и последно, имплементација на препораките од ОБСЕ“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.
Македонија
„Сè беше легално и со дозволи“: како Македонија учествувала во проектот со мозоци што беше споменат во документите за Епстин
Македонија била вклучена во меѓународен научен проект кој се споменува во документите поврзани со починатиот американски милијардер Џефри Епстин,пишува Дојче веле.
Станува збор за проект во кој американски научници поврзани со Универзитетот „Колумбија“ создале голема банка од човечки мозоци наменета за истражување на самоубиства, шизофренија и други психијатриски нарушувања. Во документите се споменува и Македонија како една од земјите што придонеле со примероци.
Поранешниот директор на Институтот за судска медицина во Скопје, професорот Алексеј Дума, за ДВ објаснува дека Македонија учествувала со ограничен број примероци и дека сè било спроведено според закон, а секој примерок морал да има одобрение од македонскиот и американскиот Етички комитет.
„Примероците најлегално патуваа со авион, поминуваа царина и за нив имаше целосна документација. Без дозвола — примерок не можеше да влезе во САД“, вели Дума и ја отфрла можоста за профит од целата постапка.
Тој појаснува дека од Македонија биле испраќани околу 10 до 15 примероци годишно, и дека бројката од околу 1.000 мозоци се однесува на целата меѓународна колекција, а не на македонските примероци.
Проектот, според Дума, донел значајни научни резултати, нови сознанија за поврзаноста меѓу шизофренијата и самоубиствата, како и опрема, лаборатории и можности за докторски студии за македонски научници.

