Македонија
Почнува имунизацијата со вакцината на „Астра зенека“ во Македонија
Утрово, почна имунизацијата со вакцината на „Астра зенека“ на лица над 77-годишна возраст во Македонија.
Министерот за здравство, Венко Филипче, соопшти дека досега се закажани 5.976 термини за вакцинација.
„Првично пуштени се 9.577 термини, а досега се закажани 5.976 термини за вакцинација на граѓани над 77-годишна возраст. Вакцинацијата ќе се одвива на постојните вакцинални пунктови во здравствените установи во градовите во државата. Вакцинацијата е прецизно организиран процес, испораката на вакцини ќе оди сукцесивно“, вели Филипче.
Пунктовите за вакцинација се отворија во 8 часот, а ќе работат до 20 часот секој ден, од понеделник до петок.
Матичниот лекар на секој граѓанин, кога му закажува тремин за вакцинација, е должен да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа каде што се спорведува вакцинација против Ковид-19.
Филипче рече дека со вакцината на „Астра зенека“ нема да бидат вакцинирани лица под 60 години по двата извештаја на Канада и на Германија.
Инаку, Германија одлучи да ја запре вакцинацијата на лица помлади од 60 години со оваа вакцина, а Канада одлучи да не ја дава на лица помлади од 55 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Шпанија е принципиелен поддржувач на македонските евроинтеграции
Шпанија е наш важен партнер во НАТО, ООН и ОБСЕ и принципиелен поддржувач на македонските аспирации за членство во ЕУ, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната средба со делегацијата на Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија, во придружба на амбасадорот Рафаел Сориано Ортиз.
Ја поздрави посетата, оценувајќи ја како пресвртница во шпанско-македонските односи преку обнова и интензивирање на меѓупарламентарната соработка.
Сиљановска-Давкова укажа на потребата од создавање на мешовита Група пријатели во шпанскиот Сенат и Конгрес.
Таа препознава недоволно искористен потенцијал за економска соработка којашто може да се регулира со билатерален договор.
Претседателката детално ги образложи државните ставови по однос на интегративниот процес во ЕУ, реафирмирајќи ја посветеноста на земјата на исполнувањето на Копенхагенските критериуми.
Претставниците на шпанскиот Сенат се заблагодарија за разговорот и изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката, како и поддршка во евроинтеграцијата.
Македонија
Деблокиран процесот за клучката кај Момин Поток – продолжува изградбата со забрзано темпо
Град Скопје информира дека е деблокиран процесот за клучката кај Момин Поток и дека градежните активности продолжуваат со забрзана динамика. По период на застој, продолжува реализацијата на една од најважните сообраќајни точки во градот, каде се пресекуваат неколку клучни правци.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека по неколкумесечен застој, повторно се работи на проектот кој се смета за една од најстратешките точки во Скопје.
Во тек е изградбата на атмосферскиот канализациски систем Ф1200 на булеварот „Никола Карев“, во должина од 550 метри – од мостот над Серава до булеварот „Словенија“.
Паралелно, на истиот булевар се гради нов мост над Серава, кој ќе премостува три ленти во едната насока и четири во другата, со вкупна ширина од 44 метри.
Се подготвува и надвозник долг 43,5 метри до булеварот „8 Септември“, кој ќе биде премостен од булеварот „Никола Карев“ и ќе го поврзе кружниот тек со турбо кружниот тек.
Од Град Скопје наведуваат дека дел од активностите се изведувале во сложени услови поради густ сообраќај и нерешени имотно-правни односи, но дека процесот е деблокиран и динамиката на работа се забрзува.
Според најавите, оваа сообраќајна спојка ќе донесе олеснување за илјадници граѓани преку побрз проток, намалување на метежот и современ пристап до градот.
Македонија
Насилство врз жените во политиката е насилство врз целата демократија
Клубот на пратенички во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) Канцеларија Скопје и Центарот за интернет, развој и добро управување IMPETUS денеска организираа работна средба и дискусија на тема: „Насилство врз жените во политиката и изборите Линија „Биди безбедна“ локални избори 2025 – предизвици и понатамошни чекори“.
На средбата свои воведни обраќања имаа Јована Тренчевска, претседателка на Клубот на пратенички, Весна Ѓорѓиева, заменик – претседателка на Комисија за еднакви можности и Афердита Хaџијаxа Имери, IFES.
Претседателката на Клубот, Тренчевска изрази задоволство што оваа средба се оддржува денеска на почетокот на кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“. Таа информираше дека пратеничките веќе излегоа на терен и делеа информативен флаер на граѓаните кој беше изработен на иницијатива на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, со цел директно да ја приближат кампањата и пораката за спречување на насилството врз жените и девојките.
Тренчевска ја поздрави иницијативата на IFES I IMPETUS за безбедност на жените во кампањата и изборните процеси.
Насилството не е само физичко може да биде во повеќе облици психичко, преку закана, потценувачки коментар, и тн., овие напади не се само напади врз жените во политиката, туку и врз целата демократија – рече заменик – претседателка на Комисија за еднакви можности, Весна Ѓорѓиева.
Афердита Хaџијаxа – Имери, од IFES сподели дека насилството врз жените во политиката е најсериозна пречка за учество и го нарушува целиот изборен процес.
Лилјана Пецова, од IMPETUS – Центар за интернет, развој и добро управување презентираше како функционирала Линијата „Биди безбедна“ за време на локаните избори (26 септември – 25 октомври) 2025 година, каде имало вкупно 6 пријави од кои 3 консултативни, 2 барање за информации и една пријава за социјална мрежа.
По презентацијата следуваше дискусија на присутните каде во фокус беа: формите на насилство врз жените во политиката, каде е границата помеѓу легитимната политичка критика и говорот на омраза, дали онлајн нападите влијаат врз одлуката на жените во однос на нивните кандидатури, каде жена политичарка може да се обрати и што се случува потоа?
Исто така беа споделени и можните насоки за понатамошна поддршка на жените во политиката, особено во контекст на изборните процеси.

