Македонија
На инфективните одделенија во земјата се лекуваат 1.581 пациент, во Скопје примени нови 77 пациенти

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците во земјата е пријавено дека се лекуваат вкупно 927 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. По извештаите на болниците што пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 89 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 60 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 39 пациенти, во Велес се лекуваат 76 болни, а во Куманово 156 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид се хоспитализирани 103 пациенти, во Прилеп – 126, во ковид-центарот во Гостивар – 36, а во Струга – 13 болни. Во болницата во Струмица се хоспитализирани 85 пациенти, во Кочани – 37, во Кичево – 23, во Кавадарци – 65, а во Гевгелија – 19 лица позитивни и суспектни на коронавирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час на час според направените приеми и исписи на пациенти.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјата е 1.581 и има околу 260 празни болнички кревети во ковид-центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти, со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 77 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 654 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 75 оздравени пациенти.
Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба, одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поради сообраќајка, во прекин сообраќајот на патот Маврово – Дебар во двата правци

Поради сообраќајна незгода од 17:50 часот на патниот правец Маврово – Дебар и обратно, кај Ростушки мост, сообраќајот е во целосен прекин, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Се трага по 16-годишно девојче во реката Вардар, соопшти ЦУК

Денеска, во 16:42 часот, на бројот за итни повици била примена пријава за две потонати женски лица, на возраст од 16 и 26 години, во реката Вардар, во близина на селото Уланци, Општина Градско, соопшти ЦУК.
Пријавата била поднесена од лице присутно на местото на настанот, односно сестра на 16-годишното девојче, која, како што информираат од управата во видно вознемирена состојба, побарала итна помош.
Набргу потоа, се јавил и доктор од ИМП Велес, кој ја потврдил информацијата и побарал ангажирање на тимови за потрага и спасување на вода.
„По приемот на пријавата, Центарот за управување со кризи веднаш ги извести надлежните институции – СИКС при МВР, Оперативниот центар на Генералштабот и Дирекцијата за заштита и спасување – со барање за итно ангажирање на тимови за потрага и спасување на вода.
Според последните информации од терен, на локацијата е присутна екипа на МВР со чамец, а 26-годишната жена е пронајдена жива.
Потрагата по 16-годишното девојче продолжува“, соопшти ЦУК.
Македонија
Кадровско зајакнување во ГОБ „8 Септември“, се реконструира хируршкиот дел и кровната конструкција на болницата, соопшти Алиу

Министерот за здравство, Азир Алиу во рамки на денешната работна средба со директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојаноски ја реафирмираа заложбата за континуирано унапредување на третманот на пациентите и условите за работа на здравствениот персонал.
При посетата, Стојаноски го информираше министерот дека веќе се почнати градежни активности за реконструкција на хируршкиот дел и кровот на болницата.
-Денес на лице место, заедно со директорот направивме обиколка на болницата. Оваа установа претставува столб на секундарното здравство и е стратешки важна. Веќе се отпочнати градежни активности за реконструкција на хируршкиот дел со вкупна површина од 2000 метри квадратни, со седум операциони сали, боксови за интензивна нега, придружни простории, а со реконструкција е опфатена и кровната конструкција на оваа установа. Со ова значително ќе се подигне нивото на здравствени услуги кои ги обезбедуваме за нашите граѓани, посочи министерот во рамки на посетата.
Истовремено, како што соопштуваат од министерството, болницата кадровски се зајакнува со девет приватни специјализанти, за чие вработување течат законските процедури.