Економија
(Видео) Заев: Со инвестицијата во гасната централа „Александруполи“ си ја осигуруваме енергетската иднина

Официјално ја зацврстуваме соработката на полето на енергетиката со компании од соседна Грција. За таа цел се потпишани меморандуми за соработка за реализација на проектите: „Терминал на течен природен гас ‘Александруполи’“, „Обезбедување капацитет за природен гас“ и „Гасната централа ‘Александруполи’“, истакна премиерот Зоран Заев на денешното потпишување на трите меморандуми за соработка помеѓу Националните енергетски ресурси (НЕР АД Скопје) и „Елени Асмина Копелозу“, Електрани на Северна Македонија (АД ЕСМ) и „Гастрејд“, како и помеѓу АД ЕСМ и „Дамко енерџи“.
Заев рече дека земјата ќе биде дел од проектот за изградба на терминал за течен природен гас на 17 километри од Александруполи за складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри.
„Учествуваме со 25 отсто во гасната централа на природен гас во Александруполи, која е 800 мегавати. Проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра. Во инвестицијата во гасниот терминал предвидено е да имаме 10 проценти учество со вредност од 370 милиони евра, поддржан од ЕУ. Планот е до 2023 година да бидат пуштени гасниот терминал и гасната станица. Нашето вклучување во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александруполи во Грција ќе создаде можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за земјата, од каде што потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот“, нагласи премиерот.
Целта на Владата e имплементирање на зеленото сценарио како најприфатливото за развојот на земјата, кое треба да обезбеди економски и еколошки придобивки.
„Обезбедувањето природен гас како енергент за компаниите и домаќинствата ќе доведе до нивни намалени трошоци, но и намалување на загадувањето и заштита на животната средина, односно подобри услови за живеење на граѓаните во Северна Македонија“, изјави Заев.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, истакна дека со договорите се утврдуваат условите во согласност со кои НЕР АД ќе стане акционер во гасниот терминал, а АД ЕСМ ќе учествува во постапката за закупување на капацитетите во терминалот за течен гас во Александруполи за период од 15 години, проект вреден над 380 милиони евра.
„Имајќи предвид дека нашите планови вклучуваат и нови гасоводни врски со Косово, Албанија и со Србија, очекуваме и во овој дел значително да се подобри и унапреди соработката на регионално ниво. Со поврзувањето со земјите од Западен Балкан, Северна Македонија ќе стане транзитна рута на природен гас, a целта е Северна Македонија да стане дел од енергетскиот хаб на Балканот. Ова е прв ваков проект во Југоисточна Европа, на кој соработуваат повеќе држави“, рече Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески: Народната банка е пример за креирање политики засновани на квалитетни податоци и истражувања

„Несомнено, квалитетните и навремени податоци и анализи се клучни во носењето на кредибилни политики со кои се одржува макроекономската стабилност. Затоа, Народната банка своите одлуки секогаш ги темели на робусни докази засновани на детални емпириски истражувања, статистички анализи и квалитетни податоци, коишто го одржуваат и јакнат нејзиниот кредибилитет. А во време на глобални неизвесности и повеќе последователни кризи, токму силниот кредибилитет претставува најмоќната алатка за успешно остварување на целите на монетарната политика“. Ова го порача гувернерот Трајко Славески во своето воведно излагање на годишната конференција „Применети економски истражувања: патот кон оптимални национални стратегии и политики во турбулентни времиња“ организирана од страна на Балканската асоцијација на економисти во применета економија, во соработка со и поддржана од Економскиот факултет – Скопјe при УКИМ и Сојузот на економисти на Македонија.
Славески се осврна на анкетното истражување на Global central banking околу главните приоритети на централните банки, оперативните поставености и, следствено нивните истражувачки активности во следниот период.
„На прво место е финансиската стабилност, при што над 45% од централните банки даваат приоритет на финансиската стабилност и отпорноста, во контекст на тековните глобални предизвици. На второ место е справувањето со инфлацијата, при што мерките што ги преземаат централните банки се во насока таа да се сведе на историските нивоа од околу 2%. Третата област е кибер-безбедноста и вештачката интелигенција, коишто се новите предизвици пред кои што се исправени централните банки“, истакна гувернерот Славески.
Во фокусот на истражувањата се и дигиталната трансформација, вклучително и воведувањето на дигиталните валути коишто сѐ помасовно стануваат дел од стратегиите на централните банки.
Славески посочи дека носењето на одлуки базирани на докази е неопходно за централните банки успешно да ја извршуваат својата функција во комплексноста на денешните економии, особено во услови на епизоди на висока инфлација, брзи технолошки трансформации, огромна неизвесност и гео-економска дезинтеграција.
Во своето обраќање тој порача дека Народната банка посветено и во континуитет работи на подготовка на напредни и сеопфатни истражувања и анализи, коишто претставуваат еден од главните чинители при носењето на одлуките со кои се одржува севкупната макроекономска и финансиска стабилност на земјата.
Економија
МФ: Исплатени 19,4 милиони евра нова транша за поддршка на домашните компании

Над 1 милијарда денари нова транша е исплатена од кон Развојната банка за подршка на домашните компании, средства кои Владата ги обезбеди по поволни услови од унгарскиот заем, извести МФ.
Од централниот Буџет кон Развојната банка се исплатени 1,2 милијарди денари, односно 19,4 милиони евра, средства со кои ќе се реазираат инвестициски проекти од страна на домашните компании, кои претходно се одобрени од страна на деловните банки.
Со оваа транша вкупната поддршка што од централниот Буџет е трансфериран кон домашната економија преку оваа владина мерка изнесува 190,5 милиони евра.
Во Буџетот за 2025 година проектирани се вкупно 250 милиони евра кои се наменети за поддршка на инвестициски проекти на домашните компании, а кои треба да покренат инвестициски циклус во приватниот сектор од околу 300 милиони евра. Средствата за оваа намена ги обезбеди Владата по поволни услови преку унгарската Експорт-импорт банка, соопшти Министерството за финансии.
Економија
Халкбанк со нова кредитна линија од 12 милиони евра за одржливо земјоделство

Халкбанк АД Скопје, како една од водечките банки во земјата која постојано се насочува кон поддршка на реалната економија, започнува со реализација на нова кредитна линија наменета за развој на одржливо земјоделство.
Средствата во износ од 12 милиони евра се обезбедени преку Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) и ќе бидат ставени на располагање на земјоделците и земјоделските бизниси во наредните пет години.
Целта на оваа кредитна линија е да им овозможи на микро (вклучувајќи трговци поединци и индивидуални земјоделци), мали и средни претпријатија пристап до поволни извори на финансирање кои ќе им помогнат да ги реализираат своите планови за работен капитал, како и за инвестиции во опрема, модернизација и развој на одржливи агро-практики.
Кредитите ќе бидат одобрени под атрактивни услови, со варијабилна каматна стапка која започнува од 5,5% и со можност за флексибилна отплата преку месечни, квартални или полугодишни ануитети. Освен финансиската поддршка, програмата предвидува и дополнителни бенефити за земјоделците: организирани работилници и тренинзи преку кои ќе можат да стекнат нови знаења за современи и одржливи земјоделски практики, како и грант компонента до 1.000 евра по корисник, достапна до исцрпување на предвидениот буџет. На тој начин, кредитната линија не е само финансиски инструмент, туку и практичен поттик за модернизација и зголемување на конкурентноста на домашното земјоделство.
Халкбанк и ЕФСЕ соработуваат долги години, а ова партнерство овозможи континуирано насочување на финансиски средства кон микро, мали и средни претпријатија, со што се поддржа растот на многу бизниси и се даде значаен придонес во економскиот развој на државата. Новата кредитна линија претставува уште еден чекор во таа насока, ставајќи акцент на земјоделството како стратешка гранка со голем потенцијал за одржлив развој.
„Поддршката на земјоделството е од суштинско значење за иднината на економијата и благосостојбата на граѓаните. Со оваа нова кредитна линија, обезбедуваме не само поволни финансиски средства, туку и знаење и грантови кои ќе им помогнат на земјоделците да преминат кон одржливи практики и да ја зголемат својата продуктивност. Веруваме дека вложувањето во земјоделството значи вложување во долгорочна стабилност, храна со повисок квалитет и развој на руралните средини,“ велат од Халкбанк.
Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) е формиран од страна на Банката за развој KfW, со финансиска поддршка од германското Федерално Министерство за економска
соработка и развој (BMZ) и Европската комисија. Фондот има за цел да го поттикне економскиот развој и благосостојбата во земјите од Југоисточна Европа преку овозможување пристап до финансирање за микро и мали претпријатија и за домаќинства со пониски приходи, со фокус на одржливост и позитивно влијание врз заедниците.
Со оваа програма, Халкбанк ја продолжува својата долгорочна стратегија за поддршка на одржливите иницијативи во економијата, инвестирајќи во иднината на земјоделството и обезбедувајќи подобри услови за оние кои ја движат оваа важна гранка.
ПР