Свет
Четири лица убиени во пукање во Калифорнија
Четири лица загинаа, а едно е повредено во пукање во канцелариска зграда југоисточно од Лос Анџелес, Калифорнија, соопшти рано утрово американската полиција.
Меѓу убиените е и едно дете за кое не е познато зошто било во просториите на канцелариската зграда за време на инцидентот.
Напаѓачот е ранет како одговор на полицијата, која излегла на местото на инцидентот.
Детали за мотивот за нападот не се познати.
Во напад на супермаркет во американската држава Колорадо минатата недела загинаа десет лица, а во престрелка пред две недели во државата Џорџија загинаа осум лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Јапонија одобри делумно рестартирање на најголемата нуклеарна централа во светот
Гувернерот на Ниигата, Хидео Ханазуми, одобри делумно рестартирање на нуклеарната централа Кашивазаки–Карива, најголемата во светот по капацитет, јави „Ројтерс“. Со тоа се отстранува последната голема пречка за ТЕПКО, кој планира повторно да ги активира реакторите 6 и 7. Ханазуми најави гласање за доверба во префектурното собрание и истакна дека остануваат прашања поврзани со безбедноста и со подготвеноста за инциденти.
Двата реактори имаат капацитет од 2.710 MW, околу една третина од вкупниот капацитет на електраната. ТЕПКО веќе ги заврши инспекциите на реакторот 6, што би било прво рестартирање на компанијата по Фукушима во 2011 година.
Одлуката доаѓа во услови на растечка побарувачка за електрична енергија во Јапонија. Аналитичарите проценуваат дека вклучувањето на реакторот 6 би можело да го намали увозот на LNG за до 4 милиони тони во 2026 година. ТЕПКО во меѓувреме се соочува со критики за неправилно ракување со доверливи документи во централата.
Свет
Европа за планот на Трамп за Украина: „Тоа е списокот на желби на Путин“
Европските претставници го отфрлија најновиот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп за мировен договор што е во корист на Москва и предупредија дека попуштањето пред Русија само ќе го охрабри Владимир Путин да нападне и членка на НАТО, пишува „Политико“.
Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи, Каја Калас, му рече на тимот на Трамп дека нивниот нацрт-договор за прекин на огнот од 28 точки нема да успее без поддршката на Киев и европските влади. Денес, Европа е најголемиот донатор на украинската одбрана, нагласува „Политико“.
Американскиот предлог предизвика тревога во европските престолнини, делумно затоа што тие беа целосно исклучени од неговото создавање, а најмногу затоа што, како што рече еден европски функционер, „тој не претставува ништо повеќе од списокот на желби на Путин“, според „Политико“.
Според условите на договорот, за кој широко известуваа меѓународните медиуми, Украина ќе биде принудена да ги предаде окупираните делови од источниот дел на земјата, да ја преполови својата армија и да се откаже од дел од своето моќно оружје.
„За да успее кој било мировен план, тој мора да биде поддржан од Украина и мора да биде поддржан од Европа“, изјави Калас пред новинарите во Брисел. „Притисокот мора да биде врз агресорот, а не врз жртвата. Наградувањето на агресијата ќе доведе само до нова агресија“, рече Калас.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, им рече на европските министри на состанок зад затворени врати во Брисел дека е јасно дека Русија ги диктирала условите на новите предлози.
„Суштината е дека кој било мировен план не е изводлив ако се базира на смирување на агресорот“, рече Сибиха, според лице директно запознаено со неговите забелешки. „Тоа само би им донело на Украина и на цела Европа повеќе војна и бруталност“, додаде тој.
Новиот предлог доаѓа во чувствително време во речиси четиригодишната војна. Украина во последните денови претрпе зголемено бомбардирање и загуби на бојното поле, додека Москва наскоро ќе се соочи со последиците од спроведувањето на санкциите на Трамп против најголемите руски нафтени компании.
Веста наиде на негативни реакции во Европа и Киев, главно затоа што условите изгледаат како силна отстапка кон Русија.
Калас рече дека ниту еден европски министер не бил вклучен во изготвувањето на планот на Виткоф, додавајќи: „Не сме слушнале за никакви отстапки од руската страна“.
Помалку од еден месец претходно, Трамп конечно се чинеше дека прифати дека на рускиот претседател не може да му се верува. Кога објави санкции против двете најголеми руски нафтени компании, Трамп рече: „Секој пат кога разговарам со Владимир, разговорите се добри, а потоа ништо не произлегува од нив“, рече Трамп.
Но, точките од најновиот план практично ги исполнуваат клучните барања на Путин: предавање на Донбас и намалување на украинската армија.
Голем број европски функционери и дипломати, кои добија анонимност од „Политико“ поради чувствителноста на ситуацијата, изразија фрустрација од свртувањето на САД кон склучување „лош договор“ за Украина.
„Секако дека е загрижувачки, но мора да стоиме зад нашиот став“, рече еден дипломат на ЕУ. „Ако Русија се извлече, само е прашање на време кога ќе видиме поголема руска агресија – во Украина, но и во земјите од ЕУ и НАТО“.
Висок европски функционер запознаен со нацрт-предлогот рече дека станува збор за список на „ставки за задоволување на Путин“ и дека планот е „многу лош“. „Но, сигналите се дека Украинците мора да се согласат“, рече функционерот. „Киев испраќа јасна порака дека вршењето притисок врз Украина е бесмислено и нема да му помогне на никого.“
Друг висок европски функционер рече дека времето на новиот американски напор е особено лошо, со оглед на тоа што Зеленски „веќе е под голем притисок од руските воени придобивки и внатрешната криза предизвикана од корупциски скандал“.
Европејците се соочуваат со уште една непријатна реалност: нивните обиди да си купат место на преговарачката маса со преземање на поголемиот дел од финансирањето на одбраната на Украина – не функционираат.
„Како е можно Европејците да имаат толку мала улога дури и сега, кога ние ја плаќаме целата сметка?“, рече друг висок европски функционер, нарекувајќи ги предложените отстапки што се бараат од Украина „неразумни“.
Откако го прими целиот документ на состанокот со американските претставници, вчера канцеларијата на Володимир Зеленски издаде соопштение во кое не го отфрли директно планот, но сугерираше дека Украина верува дека сегашната верзија не води кон „праведен“ мир.
„Претседателот на Украина официјално доби од американската страна нацрт-план кој, според проценката на американската страна, би можел да помогне во оживувањето на дипломатијата“, се вели во соопштението.
„Претседателот на Украина ги истакна основните принципи што се важни за нашиот народ, а по денешниот состанок страните се согласија да работат на одредбите од планот на начин што ќе овозможи праведен крај на војната“, соопшти канцеларијата на претседателот.
Фото: ЕПА
Регион
Косово оди на нови избори по неуспехот да формира влада
Косово ќе оди на вонредни парламентарни избори на 28 декември 2025 година, објави претседателката Вјоса Османи, откога пропаднаа обидите во Собранието да се обезбеди мнозинство за да бидат донесени многубројни клучни акти, меѓу кои и буџетот за 2026 година.
Османи го избрала подоцнежниот датум поради технички барања и очекувањата за поголем одѕив.
Таа изрази жалење што граѓаните повторно одат на избори, но нагласи дека тоа е резултат на политичките актери, кои од февруари не успеале да формираат влада.
Земјата западна во политичка криза по парламентарните избори одржани на 9 февруари 2025 година кога ниедна од партиите не освои мнозинство од 61 глас во 120-члениот парламент.

