Топ
Журка во викендица на Тиквешкото Езеро, следуваат кривични пријави

Рано утрово со судски налог полицајци влегле во викендица на Тиквешко Езеро, сопственост на А.В.(23) од Кавадарци, информираат од МВР.
На 04.04.2021 во 02,20 часот со претходно обезбедена наредба од Основен суд Кавадарци, полициски службеници влегле во викендицата лоцирана на место викано Брушанска населба на Тиквешко езеро, сопственост на А.В.(23) од Кавадарци, каде биле затекнати четири лица, а во близина на викендицата пронајдени биле и легитимирани уште 14 лица меѓу кои и сопственикот.
По целосно расчистување и документирање на случајот ќе следи кривична пријава, известуваат надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски: Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес

Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес, изјави премиерот Христијан Мицкоски, на заедничката прес – конференција со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, по лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан посветен на Планот за раст што се одржува во Скопје.
Тој кажа дека Западен Балкан се приближува кон Европската Унија не со зборови, туку со дела, со реформи, резултати и со интеграција што се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните.
„Фактот што сме домаќини на овој лидерски самит е важна симболична потврда за нашата регионална и европска релевантност. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на политичкиот капитал кој го вложивме во стабилноста, реформите и конструктивниот пристап. Ова е признание за улогата што нашата држава ја има во градењето мостови и создавањето решенија. На денешните разговори се фокусиравме на реализација на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој претставува историска шанса за сите нас. Тоа е механизам кој ни овозможува не само пристап до инвестиции и фондови, туку и мотивирачка рамка за унапредување на владеењето на правото, ефикасноста на институциите и економската конкурентност“, рече Мицкоски.
За нас, додаде тој, овој план не е формалност. Според Мицкоски, тоа е алатка преку која ќе ја трансформираме земјата, ќе ги модернизираме јавните услуги, унапредиме образованието, ќе инвестираме во енергетска и дигитална инфраструктура и ќе ја направиме татковината вистински европски дома – пред да стане формално дел од ЕУ.
Но, исто така, додаде Мицкоски, сакам да бидам јасен дека нашите чекори по европскиот пат се со отворено срце и разум. Со прифаќање на европските вредности.
„Меѓутоа се противиме на уцените кои не се дел од тие вредности. Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес. Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството. Тоа се вредностите што ги прифаќаме – сè друго е туѓо за Европската Унија, и туѓо за нас“, рече премиерот.
Топ
Го удрил со тупаница докторот што му давал лекарска помош, а потоа тепал и полицајци: предложен притвор за 28-годишник

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило дело – Напад врз здравствен работник и здравствен соработник при вршење здравствена дејност предвидено во член 304-г од Законот за здравствена заштита, како и кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 од Кривичниот законик.
На 29 јуни, во казино во Битола, осомничениот најпрво нападнал доктор од итната медицинска служба кој му давал лекарска помош. Го удрил со тупаница и му нанел телесна повреда. По укажувањето на медицинската помош, осомничениот бил пренесен во ЈЗУ Клиничка болница – Битола каде исто така давал активен отпор да биде третиран, па била повикана и полициска асистенција. Кога пристигнале двајцата полициски службеници, осомничениот 28-годишник и нив ги нападнал, ги удирал повеќе пати и им се заканувал.
Ценејќи дека се исполнети законските основи – опасност од бегство и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Арсовска со отворено писмо до Михалис Рокас: Во секоја држава има мафија, само во Македонија мафијата си има своја држава

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска упати отворено писмо до Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија во Македонија.
„Почитуван господин Рокас,
Денес сте домаќин на Еврокомесарката Марта Кос во Скопје на голем настан Самитот ЕУ – Западен Балкан посветен на Планот за раст.
Вчера излегоа на вонредна прес конференција институциите и пратеникот Бране Петрушевски, во одбрана на нивни партиски миленици кои добиле закани, а за жал нема никогаш да излезат во одбрана или осуда на насилие врз било кој друг, вклучително и врз мене.
Како човек и жена сум немала и немам заштита од ниту една институција за заканите кои континуирано ги добивам, кои сум ги пријавила и за кои јавно зборувам, затоа Ве замолувам на Еврокомесарката Марта Кос да и го пренесете следното од мое име:
ВО СЕКОЈА ДРЖАВА ИМА МАФИЈА, САМО ВО МАКЕДОНИЈА МАФИЈАТА СИ ИМА СВОЈА ДРЖАВА.
За заканите врз мене како жена и некој што не е од екипата на “јаките” партии, министерот за внатрешни работи наместо да постапува си тера политика, при загрозување на мојата, безбедноста на моето дете и семејство, како и безбедноста на вработените во град Скопје, МВР сè уште нема ни формално постапено по ниту една поднесена пријава.
Неодамна откривме значаен криминален скандал во кој е вклучен градоначалникот Висар Ганиу и неговата организирана криминална група од општина Чаир. Оваа група е вмешана во фалсификување и фабрикување на документи од повеќе институции, со што незаконски им овозможиле на одредени (дел малолетни) лица да стекнат милиони. Размерот и дрскоста на овие дела, кои во овој момент достигнуваат 152 откриени случаи, се алармантни и претставуваат сериозна закана за безбедноста на нашите жители.
Како одговор на доказите што ги прибавивме, Основното јавно обвинителство покрена истрага. Доказите ни се потврдени од повеќе јавни институции, како и од повеќе правни и физички лица. И покрај овие напори, заканите по мојата безбедност и безбедноста на вработените од Градот Скопјe кои работеа на откривање на овие кривични дела се интензивираат.
Нашите инспектори и вработените, кои вредно работат на овој случај, се подложени на насилство и брутална сила. Гумите на возилата им беа исечени со ножеви, при што и тие како и јас, добија директни закани по нивната безбедност, од лица вклучени со Висар Ганиу во овој скандал. Овие инциденти се официјално документирани и пријавени во Министерството за внатрешни работи, но бавното темпо на правдата ги става во ризик животот и безбедноста на секој од нас.
Со оглед на посветеноста на Европската Унија на владеењето на правото, што е дел од поглавјата за пристапување кон ЕУ, како и поддршката на напорите во борбата против криминалот и корупцијатата, ви се обраќам да пренесете дека Вашето вклучување не само што ќе го зајакне и придвижи постапувањето кон правдата, туку ќе испрати и јасна порака дека корупцијата и криминалните активности нема да бидат толерирани.
Ви благодарам на вниманието, се надевам ќе се одважите да ѝ ја пренесете на Еврокомесарката Марта Кос мојата порака“, се наведува во писмото на Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје.