Македонија
Се повлекува од продажба замрзнaтиот зеленчук од Србија, откако беше пронајден глушец
Поради сомнеж за физичка контаминација, присуство на туѓо тело – глушец, во замрзнат зеленчуков микс на „Сани фантази- Царски микс” по потекло од Република Србија, увезен од „КАМ ДООЕЛ“, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за промет на овој производ и нареди негово повлекување од рафтовите на маркетите на „КАМ“ на цела територија на државава.
Издадена е наредба на операторот со храна да изврши сопствена проверка на секоја серија од овој производ, во сите маркети каде е пласиран производот, на територијата на цела држава, се вели во соопштението од Агенцијата.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Никола Бабовски, потенцира дека „АХВ“ ќе изврши вонредни инспекциски надзори и ќе провери дали пласираните количини од овој производ се повлечени од малопродажната мрежа. Извршени ќе бидат и органолептички прегледи на одредени примероци, од секоја серија на овој производ. Примероци за контрола на микробиолошките критериуми за безбедност на производот ќе бидат испратени на лабораториско испитување.
Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува потрошувачите доколку купиле ваков производ, пред консумација внимателно да го отворат и прегледаат и доколку утврдат присуство на туѓи тела, истиот производ да го вратат на местото на купување и за тоа да ја известат Агенцијата.
За случајот кој беше објавен викендов на социјалните мрежи, до Агенцијата не е поднесена претставка.
Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме ваквите случаи место на социјалните мрежи, да се пријавуваат кај надлежните институции. Ги потсетуваме граѓаните дека секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната можат да ја пријават до Агенцијата за храна и ветеринарство, лично, писмено, електронски на [email protected] и на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22, стои во писменото соопштение од Агенцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Филипче зборува за сиромаштија, а оди на зимување во Дубаи
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска на прес-конференција остро го критикуваше Венко Филипче, обвинувајќи го за лицемерие и двојни стандарди.
Манасиевски изјави дека, додека Филипче во јавноста зборува за тежок живот, ниски плати и економски проблеми во државата, паралелно заминал на зимување во Дубаи – една од најскапите дестинации во светот. Претходно, како што рече, Филипче летувал и на милионската јахта на Зоран Заев во Грција.
Тој наведе дека Филипче во различни периоди покажувал наводна загриженост за пензионерите, младите, пациентите и земјоделците, но дека за време на владеењето на СДСМ не биле реализирани ветените политики во овие области. Манасиевски посочи и дека во периодот кога Филипче бил министер за здравство, имало спорни тендери.
Во обраќањето, Манасиевски изјави дека, според сведоштва за кои немало демант, Филипче поседувал недвижност во Дубаи, додавајќи дека Антикорупциската комисија при СДСМ – АКТ, треба да го истражи потеклото на средствата.
Тој исто така го спомена и експремиерот Зоран Заев, за кого изјави дека од земјоделец станал милионер и дека градел висококатница во Дубаи, наведувајќи дека и овој случај треба да биде предмет на истрага.
Манасиевски оцени дека во СДСМ нема реална намера за реформи или кадровско освежување и дека партијата продолжува со истата политика од времето на Заев. Тој додаде дека СДСМ е незадоволна единствено поради тоа што не е на власт и дека нивното седумгодишно владеење покажало дека не се грижеле за проблемите на граѓаните.
Македонија
(Фото) Се преврте цистерна на патот Струга – Ќафасан, сообраќајот во прекин
Министерството за внатрешни работи информира дека во моментов во целосен прекин е сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“ поради превртена цистерна на патот.
Засега нема повеќе информации како се превртела цистерната и дали има повредени.
„Сите надлежни служби се излезени на местото на настанот и се преземаат мерки за утврдување на причините за незгодата и за нормализирање на сообраќајот за што соодветно ќе ја известиме јавноста“, велат од СВР – Охрид.
Македонија
Угостител во Скопје работел и покрај забраната, обвинителството бара меркa на претпазливост
Обвинителството поведе постапка против едно лице за кривично дело – Симнување и оштетување на службен печат.
Осомничениот е сопственик и управител на угостителски објект „Јужна пруга“ во Скопје, на кој со Решение од овластен инспектор за животна средина од Општина Аеродром му била изречена забрана за вршење на дејност, што било истакнато и на влезната врата на објектот. Меѓутоа, тој решението го отстранил, а при контрола инспекторите констатирале дека угостителскиот објект и покрај изречената забрана продолжува да работи и во него се присутни гости.
Со тоа што продолжил да врши угостителска дејност иако не исполнувал услови за тоа, осомничениот манифестирал непочитување на службените акти, нарушувајќи службена функција на издадениот акт – решение и попречувајќи го нормалното функционирање на државните и јавните институции.
Бидејќи со симнувањето на службениот знак постои основано сомнение дека е исполнето битието на кривично дело, јавниот обвинител побара од Судот да определи и мерка на претпазливост додека трае кривичната постапка, односно да изрече забрана осомничениот да врши дејност – давање угостителски услуги и во целост да го спроведе Решението на надлежните инспекциски служби.

