Македонија
Притворот на Мијалков истекува за две недели, Обвинителството бара нов поради опасност од бегство
Бидејќи притворот на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, кој му е одреден во предметот „Таргет-Тврдина“, истекува за две недели, а според Обвинителството постои можност да избега, обвинителот Трајче Пеливанов побара да му се одреди притвор во предметот „Трезор“, каде што денеска е осуден на осум години затвор. Притвор е побаран и за поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, кој досега имаше мерка на претпазливост – одземање патна исправа.
„Поради околноста дека Сашо Мијалков е моќен човек, несомнено се јавува потребата од определување мерка за обезбедување негово присуство, а со оглед на тоа што за овој обвинет во ‘Таргет-Тврдина’ има мерка ефективен притвор, која може да трае до правосилноста на оваа пресуда, односно најдоцна до 27 април, предлагаме по објавувањето на денешната пресуда за обвинетиот Сашо Мијалков, а поради постоење опасност од бегство, да се определи мерка притвор во овој предмет, а притворот во предметот ‘Таргет-Тврдина’ да биде укинат. Причините за ваквиот предлог на Обвинителството е делумно идентичен како што се произнесовме во другиот предмет, а тоа е дека се потврдени податоците оти Сашо Мијалков има дозвола за престој и адреса во Прага, но и дека поседува две возила, кои се регистрирани на негово име. Во однос на овој наш предлог би сакал накусо да дополнам дека судот треба да го цени и фактот што и претходно беше изнесен дека обвинетиот Сашо Мијалков е лице што добро е ситуирано, дека тој и неговите членови на семејството поседуваат приватни бизниси, што создава финансиска можност за организирање логистика и комотно живеење во бегство“, рече Трајче Пеливанов.
Според адвокатите на Мијалков, барањето за ефективен притвор за предметот „Трезор“ е без поткрепа и докази. Тие тврдат дека бизнисите што Мијалков ги има во земјата се причина тој да остане во државата, а не да бега.
„Пред апелација овој предмет ќе заврши со ослободителна пресуда, убедни во сопственото знаење и недокажување на она што беше од судот образложено, со фрагментирање делови што не се предмет на обвинението, со што сметам дека јавноста е доведена во заблуда, се поставува логично прашање кој ќе ја сноси одговорноста кога се предлага притвор, а кога за овој предмет одбраната е цврсто убедена дека нема ниту еден релевантен доказ што оди во прилог на обвинението. Одбраната смета и тврди дека тезата на Обвинителството е погрешна и оди во прилог на тврдењето дека Мијалков, кој има повеќе бизниси во државата, нема да се даде во бегство, туку тоа е причина повеќе да остане тука“, рече адвокатот Љупчо Шврговски.
Предлог за притвор обвинителот Пеливанов даде и за поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ.
„Имајќи ја превид казната затвор од пет години, цениме дека определените мерки на претпазливост, односно одземањето на патната исправа, не се доволни за обезбедување присуство. Од тие причини постои реална опасност од бегство и за овој обвинет имајќи ја предвид казната затвор, па поради тоа предлагаме мерка притвор“, рече Пеливанов.
Бранителот Александар Новаковски, кој го застапува поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, смета дека не треба да му се одреди притвор на лицето.
„Обвинителството не наведе доказ и причина, а предложи притвор. Се работи за обвинетиот за кој се води само оваа постапка. Судот има точна евиденција дека не е осудуван ниту за сообраќаен прекршок и не гледам ниту една причина за да се предложи ваква мерка, за која сум изненаден. Судскиот совет, ако го прифати овој предлог, грубо ќе се прекрши законот. Се работи за фамилијарен човек, татко на две деца“, рече адвокатот Новаковски.
Обвинетите Горан Грујевски и Тони Јакимовски веќе имаат мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска дожд, од утре сонце
Времето денеска ќе биде облачно, проследено со врнежи од дожд. Според Управата за хидрометеоролошки работи, пообилни врнежи се очекуваат во јужните делови.
Во утринските часови, по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Минималните температури ќе се движат од 6 до 10 степени, а максималните од 8 до 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува облачно време со врнежи од дожд. Северниот ветер ќе биде слаб до умерен, а температурите ќе се движат од минимални 9 до максимални 12 степени.
Од УХМР најавуваат дека врнежите ќе почнат да се намалуваат во попладневните часови. До крајот на неделата следува период на претежно стабилно време, со пораст на дневните температури. Во котлините, сепак, ќе продолжи појавата на магла.
Македонија
„Дава пари за руско железо, за да го препродава“ – Груевски повторно го нападна Заев на социјалните мрежи
Поранешниот премиер Никола Груевски вечерва објави нов статус на „Фејсбук“, во кој повторно го нападна Зоран Заев, обвинувајќи го за дволичност, корупција, политички договори и стекнување богатство преку злоупотреби. Објавата следи по размената на јавни пораки меѓу двајцата поранешни премиери.
Во статусот со наслов „ЧОВЕКОТ КОЈ ПРИФАТИ СЕ ШТО ОДБИВ – ЕДНА ПРИКАЗНА ЗА ЕДНА ‘НАПАТЕНА ДУША’“, Груевски тврди дека Заев бил видно вознемирен по текстот што тој го објави вчера, а во одговорот, стилот на Заев соодвестувал со неговото литературно ниво, додавајќи дека „после лектирата ‘Зоки-Поки’ во трето одделение, не губел многу време на книжевна надградба“.
Груевски повторува дека Заев истовремено политички се претставува како противник на Кремљ, додека во заднина купува железо од Русија.
„На темата дека купува железо од Русија, додека политички е жесток противник на Русија, не се осврна, бидејќи купува и тоа многу. Кажа само дека кога би бил жеден, сметал дека Русија не би му дала капка вода. Но јас не ја лоцирав неговата дволичност во правец дека Русија нешто му дала или би му дала.
Туку дека тој дава. Дава пари за да го купи железото и да го препродаде. Русите кои му продаваат, притиснати од санкциите, не знам дали и воопшто знаат кој стои зад фирмата купувач, со скриен сопственик“, напиша Груевски.
Тој повторно го спомнува тврдењето за „300 милиони евра во криптовалути“, за кои претходно напиша дека биле поврзани со Преспанскиот договор.
„Прифати се што побараа, и што претходно не им беше паднало на памет да побараат. Кој потоа не може да стане успешен бизнисмен во Дубаи? Зар јас не можев да прифатам или побарам такво нешто за трговија со националните интереси? Зарем Глигоров не можеше да ја прифати понудата за саатот, куферот пари и анфората?“, пишува Груевски.
Зборува и за низа други обвинувања: рекет, нелегално стекнати средства, работа со марихуана, злоупотреби со тендери, вклучително и случаи во РЕК Битола.
Во статусот тој наведува дека Заев диктирал казни преку поранешни функционери, барајќи лажни сведочења против него, како и дека влијаел врз предмети кои подоцна паднале во судска постапка. Груевски пишува дека Заев го инсталирале како марионетски премиер и дека му била ветена неказнивост.
„Тој направи зделка, знаеме со кого. Со еден вид државен удар да биде инсталиран за премиер, да му биде ветена неказнивост нему лично, што во превод значи гаранции дека за предавствата, кражбите и злоупотребите кои ќе ги направи за време на мандатот да не биде казнет. Бараше дури и да го наградат со Нобелова награда за мир, но во меѓувреме направи толку рекети и злоупотреби што тоа стана многу ризично за кој и да е. Кога како млад човек тој копал на нивата во близина на родното село Муртино, и сонувал да биде бизнисмен и инвеститор во Дубаи. И стана. Се согласи да си ја продаде нацијата, името, идентитетот и историјата на цел еден народ, на соседите. За 300 милиони исплатени во криптовалути и за не казнивост за се што ќе разграби од фирмите и народот додека е премиер“, напиша Груевски во објавата вечерва.
Во прилог целата објава:
Македонија
Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови, порача ВМРО-ДПМНЕ
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагира по објавите на британските медиуми и СДСМ дека Владата подготвува договор со Обединетото Кралство за отворање центар за враќање мигранти во Македонија.
Откако Социјалдемократите ја повикаа Владата да ја објави содржината на преговорите со Обединетото Кралство, ВМРО-ДПМНЕ порача: „Криминалците за да се спасат од одговорност се подготвени да измислат колонизација на марсовци во Македонија само за да создадат паника кај народот“. Според владејачката партија, кога СДСМ нема аргументи, бега во фантазии и хорор-сценарија, но, според нив, државата денес е безбедна, стабилна и водена од одговорна Влада.
Партијата категорично негира дека се разговара за отворање било каков центар за мигранти.
„Да бидеме јасни, заради јавноста: Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови. Ова е уште една лага од фабриката на истата партија која пред неколку години молчеше пред најголемиот мигрантски бран и ја претвори државата во транзитна зона без контрола“, се наведува во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДСМ за најголемиот распад на институциите и дека ја оставиле државата со нарушена безбедност и ниска доверба во државата. Дополнително, реагираат дека ваквото свесно лажење за да се креира страв покажува дека СДСМ нема што друго да понуди.
Партијата посочи и на изјавата на британскиот амбасадор Лосон, кој во мај одговарајќи на новинарски прашања во врска со објавите дека Македонија ќе треба да прифати мигранти, ги отфрли таквите тврдења.
„Како дел од договорите, земјата се согласи да се приклучи на заедничката мисија во однос на мигрантите. Но, тоа се однесува на соработка на полициските сили, справување со криминални банди и подобро споделување разузнавачки информации, што веќе се прави со неколку други европски земји. Сосема друга приказна е прифаќањето мигранти, не се работи за тоа. Сакам да бидам јасен во тој дел“, посочи тогаш Лосон.
СДСМ ја повика Владата јавно да ги објави разговорите со Британија
Социјалдемократскиот сојуз претходно ја повика Владата итно да ја објави целата содржина од евентуалните разговори со Британија и јавно да одговори дали за неколку милиони евра се подготвува Северна Македонија да стане „најголемиот мигрантски центар на Балканот“.
Повикот следеше по написот на британскиот „Тајмс“, со наслов „Одбиените баратели на азил би можеле да бидат депортирани во Северна Македонија“, во кој беше објавено дека македонската Влада влегла во формални разговори со Лондон за отворање „центар за враќање“ на мигранти.
Од СДСМ тврдат дека премиерот Мицкоски „преговарал да ја направи Македонија депонија за мигранти“, обвинувајќи го за „трговија со суверенитетот, безбедноста и иднината на граѓаните“. Според партијата, ваков центар би овозможил мигрантите да бараат азил или да се вработат во земјата, што тие го оценија како опасно за државата.
Што пишуваат британските медиуми
Според британските медиуми, Обединетото Кралство би ѝ плаќало на Македонија за секој прифатен мигрант, со дополнителни инвестиции и поддршка за безбедноста од Русија. Мигрантите, според предлогот, би можеле да бараат азил во земјата или да добијат работни визи и не би биле задржувани во притвор.
Се додава дека Британија води разговори и со Косово, додека Босна и Херцеговина веќе ја одбила можноста. Портпаролот на Даунинг стрит не ги потврдил ниту демантирал разговорите, повторувајќи: „Постојано нагласуваме дека нема да даваме тековни коментари за центрите за враќање.“

