Македонија
(Видео) Богдановски: Градоначалникот на Сопиште свесно го кочи проектот за водоснабдување
Според Далибор Богдановски од СДСМ, на неколку километри од Скопје жителитe на општина Сопиште немаат вода за пиење.
За ваквата состојба, според Богдановски, виновна е локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Стефче Трпковски.
„Граѓаните од оваа општина, поради неспособноста на градоначалникот, се препуштени сами на себе во 21 век да решаваат елементарни проблеми со купување техничка вода од цистерни за хигиена и вода за пиење. Притоа, за да се донесе таа техничка вода во домовите, неопходни се хидрофори, кои престануваат да работат при прекин на електричната енергија. Притоа никој не знае дали водата е бактериолошки исправна. Поради ова, жителите се изложени и на чести бактериски заболувања“, вели Богдановски.
Додаде дека Стефче Трпковски останал глув и слеп за потребите на своите сограѓани.
„Поради неговиот игнорантски однос, Владата предводена од СДСМ, со средства од државниот буџет, ќе продолжи со изградба на водоводот ‘Патишка Река’, кој претставува трајно решавање на водоснабдувањето во општина Сопиште. Одговорно тврдам дека Владата има обезбедено финансиски средства за реализација на овој проект од круцијална важност за жителите на општина Сопиште“, потенцира тој.
Напомена дека за решавање на случајот недостига еден документ што градоначалникот бил должен да го приложи до Владата, но тој тоа не го сторил.
„Го прашуваме градоначалникот на општина Сопиште зошто чека и до кога мисли да ги замајува своите сограѓани со лаги и дезинформации?“, запраша Богдановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.