Македонија
(Видео) Арсовски: Една недела молк од институциите за вмешаноста на наркокартелот Заеви
Цела недела молк од институциите за вмешаноста на наркокартелот Заеви во наркотрафикингот на марихуана, кој беше спречен и пресечен од американската агенција ДЕА, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Цела недела молк и од Оливер Спасовски за неговите потрчковци началници и командири на полициски станици и сѐ уште не поднесува никаква одговорност за нивното дејствување.
Кире (Чипсио) Спиркоски, близок човек на Оливер Спасовски и Зоран Заев, командир на Полициската станица Прилеп, која е една од најголемите во градот, редовно на фотографии до Заев и Спасовски, беше уапсен заедно со возачот на Трајче Заев за над 800.000 евра марихуана, Трајче Заев и Бобан Заев отидени во Дубаи, а Оливер Спасовски повторно не понесува никаква одговорност“, изјави Арсовски.
Според него, единственото нешто што Спасовски може да направи за почеток е да даде оставка затоа што, како што вели, во наркотрафикинг му е вмешан командир на една од поголемите полициски станици во Република Македонија.
„Срамота е Оливер Спасовски да излегува на јавни настапи и да говори недоветни и нереални работи бидејќи сите знаат што се случува во државата, а да не говори за најважното во моментот, а тоа е кога ќе си поднесе оставка од функцијата министер за внатрешни работи. Бидејќи е заглавен во криминал до гуша и повеќе таму не му е место.
Ако ги видиме командирите и началниците во градовите што ги поставил Оливер Спасовски, на чело со Кире (Чипсио) Спиркоски, кој го уапсија, па да продолжиме со велешките командири и началници, па битолските, струмичките, кумановските, штипските, повеќе од јасно е зошто ги штити Оливер Спасовски и Зоран Заев. Овие луѓе им е допуштено да прават што сакаат во нивните места затоа што ова е партиската војска на СДСМ, која во време на изборните процеси малтретираат, поткупуваат и местат изборни резултати. И ова е јавна тајна“, порача Арсовски.
Тој нагласи дека тоа се луѓе што на Спасовски му е поважно да прават нелегални дејства наместо да се борат против криминалот и криминалците. Всушност, не само што не се борат, туку сите од врвот на СДСМ, па до најниските структури, се вмешани во криминал до гуша, заклучи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари финансиска поддршка за младите претприемачи од општина Илинден
Општина Илинден, како една од најбрзорастечките општини во регионот, со континуиран раст на локалните економски зони и бизнис секторот, продолжува со активни мерки за создавање поволна бизнис клима и поттикнување на претприемништвото, велат од Општината.
„За таа цел, општина Илинден во 2023 година воведе субвенции за млади претприемачи кои имаат регистрирано трговско друштво со седиште на територија на општина Илинден. Од оваа година, наместо досегашната финансиска поддршка од 6.000 денари за млади до 29 години, општина Илинден овозможува финансиска поддршка од 10.000 денари во времетрање од три години, за сите млади до 35 години кои се активни во занаетчиството или водат мали локални бизниси. Мерката важи од денот на отворање на бизнисот и има за цел поттикнување на младинското претприемништво, самовработувањето и развојот на локалната економија.
Средствата за реализација на оваа мерка во целост се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден, што уште еднаш ја потврдува посветеноста на локалната самоуправа кон поддршка на бизнис секторот, претприемништвото и развојот на локалните економски зони“, извести Општината.
Македонија
Ѓорѓиевски: Убава вест за Скопје – набавуваме повеќе од 40 возила за Комунална хигиена
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска информираше за започнување на најобемната инвестиција во јавната чистота во изминатата деценија, со официјален почеток на постапката за набавка на повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“.
„Со оваа одлука, Град Скопје прави суштински исчекор кон трајно и системско решавање на проблемот со одржувањето на јавната чистота, подобрување на хигиенските услови и обезбедување достоинствено, организирано и ефикасно собирање на отпадот во сите скопски населби.
Проектот се реализира преку координирана соработка со Министерството за транспорт и Светската банка, а дополнително ќе биде поддржан и со сопствени средства на Град Скопје, што јасно ја потврдува силната институционална заложба за здрав, уреден и модерен град“, соопшти Град Скопје.
Македонија
Клиниката „Жан Митрев“ официјално акредитирана како Европски центар за третман на дебелина – EASO Collaborating Centre for Obesity Management (COM)
Центарот за менаџмент на обезност (дебелината) при Клиника Жан Митрев се стекна со престижниот статус EASO Collaborating Centre for Obesity Management (COM) и е официјално акредитиран од Европската асоцијација за проучување на обезноста (EASO) за периодот 2026–2028 година, со што станува признат како водечки центар за третман на обезност на европско ниво. Оваа акредитација претставува највисоко европско признание во областа на третманот на обезноста и се доделува исклучиво на центри кои ги исполнуваат најстрогите медицински, научни и организациски критериуми, во согласност со европските и академските клинички упатства. Процесот на акредитација вклучува темелна евалуација од страна на EASO COM Working Group, која ја потврдува клиничката извонредност, мултидисциплинарниот пристап и долгорочната грижа за пациентите.
Со ова признание, Клиника Жан Митрев станува прв и единствен EASO-COM акредитиран центар во рамки на приватна здравствена установа во целиот Балкански регион, позиционирајќи ја клиниката како регионален референтен центар за современ, интегриран и научно заснован третман на дебелина.
EASO COM акредитацијата е директна гаранција за пациентите дека третманот на обезност во Клиника Жан Митрев се спроведува според највисоки европски стандарди и носи конкретни придобивки: лекување и примена на валидирани клинички протоколи, структуриран пациентски пат и континуирано следење на резултатите. Овозможува пристап до најновите научни достигнувања и современи терапии преку вклученост во европски експертски мрежи, размена на знаења и имплементација на најнови терапевтски пристапи во третманот на обезноста, како и соработка со врвни европски медицински центри во EASO COM мрежата, во креирање европски консензус-насоки и заеднички стручни иницијативи.
Центарот за менаџмент на обезност е раководен од д-р Џулиана Михајловска, специјалист ендокринолог, чија стручност, посветеност и професионализам беа клучни во процесот на стекнување на ова високо европско признание.
Третманот се спроведува преку мултидисциплинарен тим, составен од ендокринолог, генетичар, физиотерапевт, психолог, психијатар, како и други медицински специјалности по потреба, што овозможува сеопфатен, персонализиран и долгорочен пристап кон обезноста како хронично и комплексно заболување.
Со оваа акредитација, Жан Митрев Клиника уште еднаш ја потврдува својата мисија да обезбеди европски стандарди, медицинска прецизност и врвна грижа за пациентите, поставувајќи нови стандарди во современото здравство.
ПР

