Економија
ТИРЗ со најдобар прв квартал во последните четири години

Во технолошко индустриските зони е регистрирана највисока економска активност во прв квартал во последните четири години и во однос на извозот и во однос на увозот, покажува редовната месечна анализа на ТИРЗ.
„ Во првиот квартал од 2021 година извозната активност во индустриските зони под надлежност на Владата достигна износ од 776 милиони евра што е за 30% повеќе од истиот период во 2020г. Во однос на 2018 година порастот е над 41%. И на месечно ниво, извозната активност во март 2021г. е највисока во изминатите 4 години и достигна ниво од 260 милиони евра, што е за 67 милиони повеќе од истиот месец во 2020г. Компаниите активни во зоните и понатаму се носители извозот во земјата со над 48% учество во вкупниот извоз што е највисок процент до сега“ се вели во извештајот.
И во однос на увозот е регистрирано највисоко ниво досега во однос на споредбата по квартали во изминативе четири години.
„ Така увозот во првиот квартал од годинава достигна 736 милиони евра и е за 34% повисок од првиот квартал лани, а дури за 50% повисок споредено со првиот квартал во 2018 година. Во зоните во март исто така е регистриран највисоко ниво на учество во севкупниот увоз досега – 36%. Истотака, месечниот увоз во ТИРЗ во 2021 година го надминува месечниот увоз за ист период во изминати четири години и е на ниво од 243 милиони евра односно 87 милиони повеќе од истиот месец лани“ покажува анализата.
Како што се додава, трендот на раст на увоозот е поврзан и со зголемената инвестициска активност во зоните. Само во првиот квартал од годинава се потпишани договори со три компании чиј вкупни инвестиции се очекува да достигнат 50 милиони евра. Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски неодамна најави и нови странски инвестиции.
„ Изминативе 5 месеци успеавме да поттикнеме инвестициски проекти кај 15 компании кои вкупно тежат околу 250 милиони евра и кои предвидуваат отворање на дополнителни 5.500 нови работни места. Едната е инвестиција во 9 цифри, односно повеќе од 100 милиони евра. Со овие компании разговараме во моментов и можам да кажам дека добар дел од нив веќе се во фаза во која подготвуваме одредени симулации за тоа што компанијата може да очекува како поддршка од државата што е чекор пред склучување на договор,” изјави директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
Редовната месечна анализа на Дирекцијата за ТИРЗ за месец март покажува продолжување на позитивниот тренд и во однос на покриеноста на увозот со извозот. Така, во март 2021 нето извозот е 5%, додека на државно ниво (за месец февруари) овој однос е -21%.
Анализата покажува дека и во првиот квартал од годинава бројот на вработени во зоните останува стабилен. Во овие компании работат околу 14.000 лица, а во дел од нив веќе има постапки за отворање нови работни места.
Инаку, во 2020 година регистриран е раст на просечната бруто плата од 5,5% и просечната нето плата од 2%, при стабилен број на работни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Халкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит

Халкбанк АД Скопје им овозможува на своите клиенти нова можност да ги реализираат своите желби и планови под поволни услови, преку промотивната понуда за Промо потрошувачки кредит, со фиксна каматна стапка за целиот период на отплата.
Новиот производ на Халкбанк е со максимален износ до 2 500 000 денари, со можност за отплата до 120 месеци, и камата што останува непроменета во текот на целиот период на отплата. За кредити со рок до 95 месеци, каматната стапка изнесува 5% фиксна, а за кредити со рок до 120 месеци – 5,7% фиксна, со вклучено осигурување (CPI или Живот + Незгода).
Кредитната способност за вработени лица изнесува до 50% од месечните примања, додека пензионерите можат да користат кредит до 600 000 денари, по фиксна камата од 5%, со рок на отплата до 120 месеци, и кредитна способност до 40% од износот на пензијата.
Покрај поволните услови, Промо потрошувачкиот кредит овозможува висок степен на заштита и сигурност, благодарение на вклучените осигурителни полиси за случај на несреќа, боледување или невработеност, издадени од Халк Осигурување АД Скопје или Триглав Осигурување – Живот АД Скопје.
Со вкупна стапка на трошок (СВТ) од 5,78% за кредити со рок на отплата до 95 месеци и 6,53% за кредити до 120 месеци, оваа промотивна понуда претставува една од најповолните и најсигурни можности на пазарот за реализација на лични цели и финансиски планови.
Промоцијата е со важност до 30 ноември 2025 година.
(ПР)
Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .