Македонија
Набавена механизација за зимско одржување на патиштата во Демир Хисар
Во рамки на проектот за јакнење на регионалните капацитети за одржување и заштита на патната инфраструктура во Пелагонискиот регион, набавен е функционален комплет на механизација, товарно возило, плуг и соларка, за зимско одржување на сите видови на патна инфраструктура на територијата на општина Демир Хисар, соопшти Министерството за локална самоуправа.
„ Бенефит од проектот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ќе имаат околу 30.000 жители на Демир Хисар, Крушево, Кривогаштани, а вкупната вредност на инвестицијата е над седум милиони денари заедно со општината Демир Хисар. Со набавката преку проектот е да се придонесе кон зајакнување на техничките капацитети на Пелагонискиот регион за одржување и заштита на локалната и регионалната патна инфраструктура“, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Тој појасни дека на овој начин ќе се подобри ефикасноста на Јавното комунално претпријатие во Пелагонискиот регион при извршувањето на своите надлежности и давањето на услуги на населението и стопанството, а исто така ќе се зголеми безбедноста на локалните и регионалните патишта во зимски услови како и зголемување на протокот на луѓе и стоки на територијата на Пелагонискиот регион.
„ Во период од 3 и пол години ова е трето возило кое што го набавуваме преку Пелагонискиот плански регион. Двете возила беа за собирање на комунален отпад и ова возило за одржување на локалните патишта. Како општина Демир Хисар кофинансиравме во проектот во висина од 3 милиони и 700 денари затоа што ни претставуваше приоритет за одржувањето на патиштата. Ние имаме околу 100 км локални патишта и со ова возило непречено ќе работат од страна на јавното комунално претпријатие“, истакна градоначалникот на општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски.
Од Центарот за развој на Пелагониски плански регион потенцираа дека овој регион во зимскиот период изобилува со обемен снег и ниски температури, така што од тие временски услови се појавила иницијативата на градоначалникот за набавка на возилото.
„ Преку оваа набавка ќе се направи заштеда на јавните претпријатија со тоа што нема потреба повеќе да се ангажира приватна механизација така што директно јавното комунално претпријатие ќе ги подобрува условите за живот на локалните граѓани во Демир Хисар но и за тие кои патуваат постојано во овој регион“, истакна Гого Видимче, директорот на Центар за развој на Пелагониски плански регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Eксперимент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

