Европа
Макрон: Санкциите не се доволни за Русите, треба остро да се разговара со нив
Тензиите на руско-украинската граница се неприфатливи, смета францускиот претседател Емануел Макрон, тврдејќи дека санкциите против Русија не се доволни.
„Денешната ситуација и нивото на напнатост на границата се апсолутно контрапродуктивни и неприфатливи“, рече Макрон во интервју за американска телевизија.
„Јас сум за засилени дипломатски напори за ублажување на тензиите, но разговорите со Москва мора да бидат јасни и остри. Мислам дека треба да ги дефинираме границите на прифатливото во овие разговори. Само тогаш можеме да бидеме веродостојни. Санкциите сами по себе не се доволни, но тие се дел од пакетот“, нагласи тој.
Макрон се вклучи во дипломатските напори за смирување на последните тензии во Украина и разговараше во петокот со германската канцеларка Ангела Меркел и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тројцата државници побараа од Русија да ги повлече трупите во близина на границата со Украина и повикаа на почитување на кревкото примирје во источна Украина. Украинскиот претседател најави нови консултации, со посредство на Германија и Франција.
За потсетување, во 2014 година Русија го анексираше полуостровот Крим, кој дотогаш беше дел од Украина, и бунтовниците во делови на источна Украина со мнозинство руско население се судрија со украинската армија. Делови од регионите Доњецк и Луганск, по должина на руско-украинската граница, сè уште се под контрола на бунтовниците, поддржани од Русија, а тензиите неодамна ескалираа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц ја откажа изборната кампања и ги посети поплавените региони во Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.
Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.
Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.
„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.
Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.
Европа
Напаѓачот на Фицо доби мерка притвор за да не побегне и да не го повтори делото
Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување денеска му одреди притвор на 71-годишниот Словак Јурај Цинтула, кој на 15 мај годинава во градот Хандлова со пет истрели го застрела премиерот Роберт Фицо и тешко го рани во стомакот.
Притворот за осомничениот е побаран поради опасност да не избега или да го повтори делото.
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска призна вина.
Адвокатите предупредија дека признавањето на вината е спорно, бидејќи Цинтула веднаш по атентатот и апсењето бил сослушан во шок, без присуство на адвокат.
Европа
Премиерот Фицо уште е во животна опасност, напаѓачот призна вина
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска пред Специјализираниот кривичен суд во градот Пежинок призна вина. Состојбата на премиерот Фицо и понатаму е сериозна.
Обвинителството вчера побара притвор за 71-годишниот Цинтула поради евентуално бегство или повторување на кривичното дело. Напаѓачот беше спроведен под силно полициско обезбедување, а ниту на новинарите им беше дозволен влез во Судот.
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо на 15 мај беше застрелан во градот Хандалова додека се поздравуваше со насобраниот народ. Цинтула веднаш по нападот е приведен.
Тој се соочува со обвинение за обид за убиство од одмазда, за што е предвидена казна од 25 години до доживотен затвор.
Словачките политичари изјавија дека нападот врз Фицо не е политички мотивиран.