Македонија
Претседателот Пендаровски го посети армискиот полигон „Криволак“

Претседателот Стево Пендаровски денеска беше во посета на армискиот полигон „Криволак“ каде што беше информиран за активностите на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија и на припадниците на 15. Инженериски баталјон од Армијата на САД, во пресрет на почетокот на големата меѓународна вежба „Одлучен удар-21“.
Претседателот Пендаровски изврши обиколка на дел од терените, како и сместувачките капацитети каде се предвидени активности на претстојната вежба „Одлучен удар-21“ и беше запознаен со планот за подобрување на инфраструктурата и предвидените понатамошни проекти кои имаат цел да го промовираат „Криволак“ во современ воен тренинг-центар на кој ќе можат да се одржуваат вежбовни операции според сите стандарди на НАТО. Претседателот Пендаровски направи увид и во градежните активности кои се реализираат со цел надградба и проширување на капацитетите за обука и вежбање на полигонот.
Претседателот оценил дека Армијата на Република Северна Македонија како НАТО-членка со претстојната вежба ќе има одлична можност да ја подобри интероперабилноста со другите земји учесници членки на НАТО, информираат од неговиот кабинет.
За време на посетата, на претседателот Пендаровски му биле презентирани и планираните активности поврзани со првичното оценување на декларираниот лесен пешадиски баталјон, според НАТО-стандардите „КРЕВАЛ“ кое претстои во текот на 2022 година.
Пендаровски изразил очекување дека успешно ќе бидат оценети борбените способности на овој баталјон, согласно највисоките НАТО-стандарди и ќе биде сертифициран како борбено способен за изведување на операции на НАТО.
Тој бил запознаен и со фукционирањето на Ковид центарот во рамки на полигонот Криволак, кој е формиран за превентивно спречување на ширењето на Ковид-19, пред и за време на вежбата.
Вежбата „Одлучен удар-21“ ќе се одржи во периодот од 17.5.2021 до 2.6.2021 година на армискиот полигон „Криволак“.
Околу 1.100 припадници на Армијата на Република Северна Македонија ќе учествуваат на вежбата, а покрај нив ќе учествуваат и армиите на САД со околу 300 припадници и на Република Грција и Република Бугарија со по околу 20 припадници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
93 пациенти повредени во пожарот во Кочани закрепнаа, уште 100 се лекуваат во странство и во домашните болници

Од вкупно 193 повредени во пожарот во Кочани, 93 пациенти закрепнаа и заминаа на домашно лекување, а во болниците во странство и кај нас се лекуваат уште 100 пациенти. Министерот за здравство Арбен Таравари утрово кажа дека е подобрена состојбата на еден од четворицата пациенти кои се во критична состојба.
„Имаме добри вести. Вкупно ни остануваат од 193 пациенти за среќа само 100 пациенти кои се лекуваат од кои за среќа денеска имаме само тројца критични. Во Македонија се лекуваат 20 пациенти. На Клинички центар петмина, во Стара градска седуммина, петмина во ГОБ ‘8 Септември’ и тројца во приватните болници. Надвор од државата се лекуваат 80 пациенти и денеска се враќаат уште двајца пациенти. Имаме најава за враќање на повеќемина пациенти до крајот на неделата“, рече министерот Таравари.
Тој нагласи дека катастрофалниот настан во Кочани ги погодил сите, не само како институции туку и како луѓе.
Македонија
Над 340.000 пензионери во државата од денес ќе добиваат за 2500 денари повисоки пензии

Над 340.000 пензионери во Република Северна Македонија од денес ќе добиваат за 2500 денари повисока пензија. Со линеарното покачување на пензиите во месец Септември и мартовската пензија во месец Април, пензионерите добиваат за 5000 денари повисоки пензии за само 9 месеци мандат од оваа Влада, извести МТСП.
„Покачувањето на пензиите беше едно од предизборните ветувања на оваа Влада, која веднаш, на првата владина седница, започна со постапката за нејзино реализирање.
Како Влада и ресорно министерство ја потврдуваме грижата за нашата највозрасна категорија на граѓани. Продолжуваме и понатаму со креирање на политики и мерки кои ќе го унапредуваат квалитетот на живот на пензионерите“, велат од МТСП.
Македонија
За една недела „пајакот“ кренал 116 возила

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 24 до 30 март, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 116 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, информираат од ПОЦ.
„ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците“, се наведува во соопштението.