Свет
Пакистан ги отповика своите дипломати од Саудиска Арабија
Пакистан отповика голем број свои дипломати од Саудиска Арабија поради повеќекратни поплаки од тамошната пакистанска заедница, објави пакистанскиот министер за надворешни работи, Шах Махмуд Куреш, пренесува НДТВ.
„Дипломатскиот персонал во Саудиска Арабија има налог да ги обезбеди сите услуги за иселениците од Пакистан“, изјави Куреш при официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати.
Во Саудиска Арабија живеат околу два милиони Пакистанци, според годишните дознаки кои се проценуваат на 4,5 милијарди долари. Ријад во последните две години еднострано депортира голем број пакистански работници.
Иако двете земји претходно имаа силни стратешки односи, тензиите се појавија минатата година кога Ријад го одби барањето на Исламабад да свика специјален состанок на Советот на министри за надворешни работи на Организацијата за исламска соработка за да изврши притисок врз Индија за прашањето на Кашмир.
Пакистан подоцна беше принуден да го отплати саудискиот заем од една милијарда американски долари што кралството си го побара откако Пакистан инсистираше да му се дозволи да раководи со поддршката на Организацијата за Кашмир, регион во голема мерка под индиска окупација кој беше анектиран од Индија во 2019 година.
Саудиска Арабија потоа ги прекина заемите и снабдувањето со нафта за Пакистан поради критиките на јужноазиската држава дека Организацијата за исламска соработка, предводена од Саудиска Арабија, не прави доволно за поддршка на Кашмир.
Заемот беше дел од пакетот вреден 6,2 милијарди американски долари, најавен од Саудиска Арабија во ноември 2018 година, и вклучуваше вкупно 3 милијарди долари заеми и нафтен кредитен капацитет во износ од 3,2 милијарди долари. Тие зделки беа потпишани кога престолонаследникот Мухамед бин Салман беше во посета на Пакистан лани во февруари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

