Црна хроника
Обвинение против српскиот камионџија кој предизвика тешка сообраќајка кај Маврово
Гостиварското Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против српскиот камионџија, кој предизвка сообраќајка во која загинаа две лица на патот Маврови Анови – Дебар.
Тој се товари за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Обвинетиот на 13 април, управувајќи камион – влекач „ман“ со полуприколка, не се придржувал кон прописите со што го загрозил јавниот сообраќај и предизвикал опасност за животот на луѓето.
Движејќи се на регионалниот пат Р1-202 Маврови Анови-Дебар, по десната страна од коловозот, не ја приспособил брзината на движење на возилото кон состојбите на патот.
Со влекачот пристигнал на 410 метри пред Ростушки мост со брзина од 60 километри на час, што е поголема од ограничената брзина на таа делница.
На влажниот коловоз изгубил контрола врз полуприколката, која се излизгала и преминала на левата сообраќајна лента, косо аголно удирајќи во автомобил „хјундаи“, кој доаѓал од спротивна насока.
Од ударот автомобилот излетал надвор од коловозот. Од повредите здобиени во сообраќајката на самото место почина Атанас Ѓорѓиевски, возач на автомобилот „хјундаи“, додека неговиот сопатник Гоце Тековски еден ден подоцна им подлегна на повредите во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Уште двајца сопатници во патничкиот автомобил се здобиле со тешки повреди поради кои се пренесени на скопските клиники.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Гостивар доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за 52-годишниот српски државјанин, особено заради опасност од бегство и како нужна мерка за негово обезбедување во текот на кривичната постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Измамен 77-годишен виничанец од лажен лекар за сума од над 430.000 денари
Вчера во 17:30 часот во ОВР Виница, 77-годишен жител на Виница пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од над 430.000 денари.
Според пријавеното, претходно во текот на денот лицето му се јавило, се претставило како лекар и го известило дека неговата ќерка е во болница поради скршеница на нога за која било потребно да се изврши операција со вградување на шипки.
Како што е пријавено, лицето му ги побарало парите и откако се договориле во неколку наврати ги однел на договореното место. Според пријавеното, откако се вратил дома му се јавила неговата ќерка, по што сфатил дека е измамен.
Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на случајот.
Црна хроника
Скопјанец ја истепал поранешната партнерка и насилно ја исфлил од автомобилот
Скопското Обвинителство поведе постапка против едно лице за телесна повреда.
„Осомничениот на 4 јануари, при испад на љубомора, ја навредувал и телесно ја повредил неговата поранешна партнерка, удирајќи ја повеќе пати по главата и телото, а потоа насилно ја исфрлил од својот автомобил, туркајќи ја на бетонот помеѓу столбчињата поставени на коловозната лента“, соопшти Обвинителството.
Случаен минувач го пријавил настанот во полиција, а оштетената била пренесена во болница за укажување на лекарска помош.
Јавниот обвинител предложи од судијата на претходна постапка да определи мерка на претпазливост – забрана за приближување и остварување каков било контакт со оштетената во текот на постапката.
Црна хроника
Државјанки на Бугарија осомничени за кражба на банкарски картички и паричници во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две државјанки на Република Бугарија за кои постои основано сомнение дека вршеле повеќе кривични дела – Кражба од член 235 став 1 од Кривичниот законик.
Првата осомничена во пет наврати, од кои последниот пат заедно со второосомничената, од различни лица крадела паричници, во кои покрај парични средства имало и банкарски картички од кои потоа се обидувале да повлечат и дополнителни износи.
Така на 04.04.2025 година, во автобус бр.7 на ЈСП-Скопје, на релација од поликлиника Букурешт до Рекорд, осомничената украла паричник во кој имало 2.600 денари, банкарска картичка и други документи, а кога оштетениот се јавил да ја блокира сметката од банка му кажале дека од банкомат веќе му биле подигнати 30.000 денари.
Во текот на август 2025, во трговски центар во Скопје, три пати вршела кражби на паричници во кои имало документи, картички, пари и други вредни предмети со што првично прибавила противправна имотна корист од 39.000 денари. Потоа од картичките се обидувала да извлече уште пари, што кај една оштетена и успеало и од банкомат на два пати и повлекла од сметката вкупно 60.000 денари.
Последниот пат на 04.01.2026 година двете осомничени заедно, повторно во продажен објект на трговски центар, украле паричник од оштетена и други предмети во вкупна вредност од 3.000 денари, а потоа два пати неуспешно се обидувале од банкомат да повлечат пари од сметката на оштетената.
Бидејќи во конкретниот случај постојат индиции дека осомничените во двата успешни обиди за повлекување пари од украдените картички користеле ПИН кодови кои жртвите, повозрасни лица, ги чувале запишани во своите паричници, јавниот обвинител презема дејствија за да испита дали осомничените исполниле и елементи на кривично дело – Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем. За осомничените странски државјанки предложена е мерка притвор.
Фото: unsplash

