Европа
Фон дер Лаен: Вакцинираните американски туристи ќе може да дојдат во ЕУ

Американските туристи вакцинирани против Ковид-19 ќе може да ја посетат Европската Унија во наредните месеци, изјави претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лаен, во неделното интервју за „Њујорк тајмс“.
Најавувајќи голема промена во политиката на ЕУ со интензивирање на вакцинацијата во светот, Фон дер Лаен не зборуваше за датумите, но „Тајмс“ пишува дека новите правила може да стапат во сила налето.
„Американците, колку што можам да видам, користат вакцини одобрени од Европската медицинска агенција“, рече таа. Ова, според неа, ќе овозможи слободно движење и патување во Европската Унија.
ЕМА, регулатор на лекови на Европската Унија, одобри три вакцини што се користат во САД – на „Модерна“, на „Фајзер“ и на „Џонсон и Џонсон“.
„Тајмс“ пишува дека брзата програма за вакцинација на САД, како и напредокот во преговорите за употреба на сертификати за вакцинација, се основа за планот за враќање на патувањато за годишните одмори на Американците во ЕУ.
Фон дер Лаен рече дека САД постигнуваат голем напредок и истакна дека се на пат да вакцинираат 70 проценти од возрасните до средината на јуни.
Продолжувањето на патувањето ќе зависи од „епидемиолошката состојба, но состојбата во САД се подобрува, исто како што се надеваме дека се подобрува и во Европската Унија“, додаде таа.
Пандемијата го опустоши туризмот на континентот, а многу нации ги затворија своите граници.
Грција минатата недела изјави дека патниците од ЕУ и од уште пет други земји што биле вакцинирани или имаат негативен тест повеќе нема да мора да бидат во карантин по пристигнувањето.
Земјата е подготвена да го отвори значително погодениот туристички сектор и ги засили вакцинациите во надеж дека ќе создаде имунитет кај локалното население.
Европската Унија соопшти дека сака да воведе пасоши за вакцинирани патници иако плановите сè уште не се официјализирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин