Македонија
(Видео) Шахпаска: Слепите лица првпат добиваат алатка – аудиочитач
Програмата за развој на Обединетите нации, во партнерство со Националниот сојуз на слепите, почна процес на изработка на софтвер – апликација која на слепите и на лицата со оштетен вид ќе им овозможи пишаниот текст да го чујат и разберат во аудиоверзија. Дигиталната апликација – аудиочитач ќе биде бесплатна и достапна за сите, доспапна на македонски и на албански јазик и лесно применлива за сите возрасти.
Е-продуктот ќе биде достапен во мобилна и десктоп-верзија, при што на корисниците ќе им се понуди можност за едноставно и лесно користење на алатката во секојдневниот живот.
„Ми претставува особена чест и задоволство што денеска имам можност да соопштам дека слепите лица во Република Северна Македонија прапат ќе добијат функционална, современа и соодветна алатка, која ќе им овозможи поголема независност во сите сфери од секојдневниот живот. Апликацијата – аудиочитач, која ќе биде достапна во мобилна и десктоп-верзија, ќе биде создадена во согласност со современите технолошки трендови. Taa ќе биде лесно разбирлива, а текстот ќе го изразува со природен глас. Аудиочитачот целосно ќе ги промени начинот и квалитетот на живеење на слепите лица и на лицата со оштетен вид затоа што ќе има примена во сите области на живеењето. Тој ќе овозможи непречена комуникација, непречено движење, целосно вклучување во општеството“, изјави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Аудиочитачот ќе има примена во сите области на живеењето, а особено од огромна важност ќе биде неговата примена при стекнување знаења, информации и воспоставување комуникација по системот од текст до глас“ Алатката ќе може да ја користат учениците, студентите, невработените лица што бараат работа, практикантите, вработените и сите оние што се соочуваат со тешкотии при совладување на информациите прикажани во текст.
„Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост потенцира дека лицата со сите видови попречености мора да ги уживаат сите човечки права и фундаментални слободи. Во актуелните услови на глобална криза поради Ковид-19, максимата на ОН – „никој да не биде изоставен“ – станува уште порелеватна, особено кога зборуваме за инклузивни и интегрирани општества. Новиот продукт на слепите лица ќе им овозможи поголема и поефикасна дигитална пристапност, а со тоа ќе се исполнат и условите за независно живеење, слободен пристап до информации, слобода на говор и изразување и комуникација, недискриминација, целосно и ефективно учество и вклученост во општеството“, истакна постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, Нарине Сахакјан.
За претседателот на Националниот сојуз на слепите, изработката на аудиочитачот претставува исчекор во квалитетот на живеење на оваа категорија граѓани.
„Огромно е задоволството што, конечно, слепите лица ќе може да добијат соодветно аудиопомагало, кое ќе може да го користат на свој мајчин јазик, лесно разбирливо, што текстот го изразува со природен глас. Оваа дигитална апликација ќе ги зголеми шансите и можностите секое слепо лице полесно да се движи, да ги извршува секојдневните домашни работи, да учи, да се социјализира, да најде вработување и да остварува свој приход, а тоа е од непроценливо значење за сите нас“, изјави претседателот на Националниот сојуз на слепите, Жарко Селковски.
Аудио читачот апликација, освен за слепите лица, ќе може да го користат и лицата со потешкотии во учењето, лицата со дислексија и сите оние лица кои информациите најдобро ги разбираат во аудио формат.
Се очекува изработката на е – продуктот да биде финализирана за околу два месеци, при што се отвора можост и за регионално користење од страна на слепите лица кои комуницираат на македонски и албански јазик.
На решението ангажирана е да работи реномираната американска компанија Non-Routine LLC, со искуство во изработка на вакви комплексни аудиорешенија и применливи комјутерски технологии за неколку светски јазици, со поддршка на локален тим од лингвисти и филолози.
Аудиочитачот за андроид-мобилните телефони ќе може да се преземе од Google Play Store, при што ќе биде интегриран со постојната платформа Talkback, што е инсталирана на секој андроид-уред.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа-Касами: силен инвестициски фокус на животната средина во Тетово
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска одржа работен состанок со градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
Во фокусот на разговорите беа инвестициите кои Министерството ги реализира во Тетово, вклучувајќи ја реконструкцијата на главниот водовод од Попова Шапка до градот, проширувањето на примарната мрежа во населбата „Вонвардарска“ и изградбата на колектори за атмосферска канализација во Фалише и Дарданија, проекти кои се во различни фази на реализација.
На средвата беа разгледани проектите финансирани од Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој, вклучувајќи ја втората фаза на реконструкција на водоводот и изградбата на Станицата за трансфер на отпад во Тетово, како и тековните IPA проекти.
Соговорниците се обврзаа на тесна институционална соработка за ефикасна реализација на проектите и одржливо подобрување на условите за живот на граѓаните на Тетово.
Македонија
Интересот за докуп на стаж не се намалил и во 2025 година: управниот одбор на Фондот на ПИОМ ја усвои завршната сметка
Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување ја одржа триесет и втората седница.
Директорот на Фондот, Никола Мемов ги информира членовите на Одборот за активностите што се остварени по претходната седница. Тој рече дека предвидените активности на Фондот се одвиваат согласно плановите и при тоа нагласи дека процесот на дигитализацијата на архивата се одвива непречено согласно СИАП проектот и се очекува да заврши до 30 јуни оваа година.
Мемов, исто така, информира дека состојбата со решавањето на предметите е подобрена, а особено во Комисиите за процена на способноста, и нивниот број е намален.
Управниот одбор ја усвои Завршната сметка на Фондот за 2025 година. Директорката на Секторот за финансии, Фатиме Неџипи рече дека од податоците изнесени во Завршната сметка произлегува дека Фондот навремено и во целост ги извршувал сите обврски во текот на 2025 година. Таа додаде дека приходите и расходите се избалансирани и се во согласност со предвидените параметри.
Членот на Одборот, Станка Трајкова рече дека од Завршната сметка се гледа дека финансиското работење на Фондот е позитивно, што е задоволувачки резултат.
Управниот одбор на седницата ги разгледа и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината на издадениот станбен простор во домовите за живеење на корисниците на пензија за период 01.01 – 31.12.2025 година и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината за издадениот деловен простор во домовите за живеење и клубовите за дневен престој на корисниците на пензија за истиот период.
Директорот на Секторот за човечки ресурси, правни и општи работи, Влатко Ѓуроски рече дека наплатата на закупнините кај станбениот простор се одвива непречено, поради тоа што истата се одвива со задршка од пензијата на корисниците. Кај издавањето на деловниот простор, додаде тој, во два случаи се прекршени одредбите од Договорот за закуп и истите се раскинати. Ѓуровски рече дека овие простори ќе бидат дадени на лицитација за изнајмување откако ќе биде извршена проценка на вредноста за давање под закуп по метар квадратен.
Управниот одбор ги разгледа и Информацијата за остварените права од двостолбниот пензиски систем и Информацијата за утврдување на стажот на осигурување – „докуп на стаж“ во 2025 година. Директорката на Секторот за остварување на права од ПИО, Билјана Стојанова информира дека во вториот столб има 410.602 активни осигуреници. Според евиденцијата на Фондот досега 130 осигуреници оствариле право на старосна пензија со исплата од двостолбниот пензиски систем. Од нив 57 корисници кои ги потрошиле средствата од индивидуалната сметка примаат минимална пензија од Фондот.
Во однос на докупот на стаж, Стојанова рече дека интересот не се намалува и во 2025 година се поднесени 840 барања. За 791 барање е донесено позитивно решение, за 21 негативно, а 11 предмети се во тек на решавање. Стојанова рече дека по овој основ до 31.12 2025 од Фондот се наплатени 4 милијарди 222 милиони 217 илјади и 2 денари.
Македонија
Утре сончево со мала локална облачност, во наредните денови температурите во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

