Регион
Турција: Обвинителството бара две доживотни и 1.900 години затвор за Ѓулен
Турското обвинителство побарало две казни доживотен затвор и казна од 1.900 години затвор за поранешниот имам Фетулах Ѓулен, обвинет дека стои зад создавањето паралелни структури во државните институции и особено зад неуспешниот обид за воен преврат од ноќта меѓу 15-ти и 16-ти јули, извести во вторникот турската новинска агенција Anadolu.
Обвинението е напишано на 2.527 страници и државното обвинителство на покраината Усак бара израчување на исламскиот клерик Фетулах Ѓулен кој од 1999 година живее во доброволен егзил во американската сојузна држава Пенсилванија.
Ѓулен се товари во ова обвинение дека „насилно се обидел да го урне уставниот поредок“, како и дека „формирал и раководел со вооружена терористичка организација“ којашто турските власти ја означуваат како FETO, пренесува агенцијата.
По неуспешниот пуч, во турската јавност започна да се споменува враќањето на смртната казна, укината во 2004 година, на што реагираа западните сојузници на Турција.
Порано блискиот политички сојузник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, сега 75-годишниот Ѓулен стана негов најогорчен противник, ја отфрла секоја своја вмешаност во обидот за пучот и тврди дека тоа е спротивно на неговата идеологија.
Турската влада со години го обвинува Ѓулен дека прави „паралелни структури“ во правосудството, полицијата, војската, образованието и медиумите, а критиките се заострија по започнувањето на големиот корупциски скандал од 2013 година, кога беа приведувани високи функционери и министри и членови на нивните семејства, па дури беше инволвирано и семејството на Ердоган.
Според владата „Фетулистичката терористичка организација (FETO)“ дејствува преку мрежата приватни образовни институции на сите нивоа, компании, медиумски и осигурителни кучи, кои се финансираат од донации на богати деловни луѓе со цел да ги преземат турските државни институции./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Не ја напаѓам ЕУ, туку ја штитам Србија, нема да бидеме понижени
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека е сигурен дека Србија ќе најде решение и ќе го забрза патот кон ЕУ, додавајќи дека не ги бојкотира членовите на Европскиот парламент, туку дека тие покажале големо непочитување кон земјата.
„Ја повикувам претседателката на Собранието повторно да го отвори дијалогот со невладиниот сектор, да разговараме за сè што е добро за земјата. Секако, не правете го она што директно е во спротивност со интересите на Србија, и тоа е мое барање“, изјави Вучиќ за „ТВ Пинк“.
„Мојот повик до г-ѓа Брнабиќ е да го повтори тој процес, да ги вклучи сите во тој процес“, додаде Вучиќ и нагласи дека се надева дека ќе се најде решение.
Запрашан за европратениците кои рекоа дека доаѓаат во Србија, иако разговорите со српските претставници не беа соодветно најавени, Вучиќ рече дека го бојкотира само Тонино Пицула.
„Ниту нè прашаа дали се добредојдени, ниту ни ги соопштија датумите, ќе беше убаво да прашаа дали претседателот е тука, а пред еден месец го закажаваа тоа. Не направија ништо од тоа, туку рекоа „тогаш ќе стигнеме“, а јас сè се договорив во Давос пред пет месеци“, истакна Вучиќ.
Во исто време, ги праша европратениците зошто не покажаа почит кон неговата земја, додавајќи дека тие, заедно со блокадерите, не сакаат дијалог.
„Ние сме на европскиот пат, но нема да бидеме понижени од некои европратеници, а моја работа е да го спречам тоа“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека е единствениот од регионот што е почестен и дека е најавен на бизнис форумот во Давос на исто ниво како и светските лидери.
„Сите доаѓаат во Давос и сите сакаат да бидат слушнати, а пред сè сакам да слушам и да присуствувам на сите настани што се организираат. Обично само еден претседател е таму цел ден, а тоа сум јас, од рано наутро до вечер, бидејќи немаме пари да плаќаме за скапи хотели. Се наоѓаме на околу 20 километри од центарот на настанот“, рече Вучиќ.
Регион
(Видео) Инцидент во хрватскиот парламент: пратеничка ја удри струја
За време на вчерашната парламентарна дебата во Хрватска, пратеничката Далија Орешковиќ ја „стресе“ струја.
Додека зборуваше членот на ХДЗ, Марко Павиќ, таа гласно вресна, а потоа почна да ја тресе раката.
„Извинете, колега Павиќ, дајте ми кратка пауза. Дали сте добро, колешке? Дали ви треба помош или нешто слично?“, прашал заменик-претседателот на Парламентот, кој во тој момент претседавал со седницата.
Орешковиќ одговорила дека сè е во ред, а се чини дека струјниот удар се случил кога се обидела да го вклучи полначот, пренесува Дневник.хр.
Регион
Oдиме на избори, рече Радев откако и третата партија го врати мандатот за состав на влада
„Алијансата за права и слободи“ (АПС) го прифати третиот мандат, но потоа го врати, што значи дека Бугарија оди на нови предвремени избори.
„Не случајно избрав да ви го врачам третиот мандат на вашата пратеничка група. АПС беше подложена на сериозен притисок“, изјави претседателот Румен Радев на почетокот од средбата.
Според шефот на државата, токму АПС најдобро ги разбирала пороците на актуелниот модел на владеење.
Хајри Садаков, претседател на пратеничката група на АПС, му се заблагодари на претседателот за довербата да им го врачи третиот мандат.
„Ние изодевме еден многу сложен пат“, нагласи Садаков, додавајќи дека АПС го слушнала гласот на луѓето од плоштадите. Тој истакна дека токму АПС први го кренале гласот против појавата што се наѕирала.
„Одиме на избори“, констатира Радев, откако и третиот мандат се покажа како неуспешен.

