Економија
„Алкалоид“ – резултати од работењето за периодот јануари – март 2021 година
„Алкалоид“ со консолидирани продажби во износ од 3,27 милијарди денари, со 58 нови вработувања во земјата и со инвестиции во износ од над 178 милиони денари во периодот јануари-март 2021 година.
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-март 2021 година, продажбите достигнуваат 2.406.134.466 денари, што е за 4% помалку во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 3.273.226.394 денари, што е за 3% помалку во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 14%. Вкупниот консолидиран извоз на компанијата е намален за 9%. Од вкупните консолидирани продажби, 33% се остварени на домашен пазар, додека 67% се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22%, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 10%, а на другите пазари се остварени 1% од вкупните консолидирани продажби.
Минималното намалување на продажбите во првиот квартал од 2021 година во споредба со истиот период од 2020 година се должи на подигнувањето на безбедносното ниво на залихи на лекови кај голем број наши клиенти и тоа, пред сѐ, на извозните пазари, што беше реализирано во март 2020, предизвикано од почетокот на КОВИД-19 пандемијата.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88%. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со удел од 21%, антибиотиците со 19%, кардиолошките препарати со 15%, невролошките препарати заземаат 14% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 3%, козметиката со 7%, а билкарството учествува со 2%.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 514.698.816 денари, бележи зголемување од околу 12%, додека единечната нето-добивка изнесува 283.499.233 денари и е зголемена за 11%.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 606.551.018 денари и бележи раст од 12%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 346.686.179 денари е зголемена за 10%.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-март 2021 година, изнесуваат 178.821.567 денари.
Вработени
Во периодот јануари-март 2021 година во „Алкалоид“ се реализирани 58 нови вработувања во Р.С.Македонија. Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од 100 % од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во Р.С.Македонија.
Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето. Групацијата „Алкалоид“ брои 2.430 вработени, од кои 1.860 се во базата во Скопје, а 570 се вработени во подружниците во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-март 2021 година се движеше од 13.300,00 денари до 14.530,00 денари или просечно 13.917,00 денари за една акција, што претставува раст од 14,9% во споредба со просечната цена во истиот период од 2020 година. Пазарната капитализација на компанијата на 31.03.2021 изнесуваше 20,5 милијарди денари.
Бизнис-план за 2021 година
Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2020 година, предвидува инвестирање на околу 12% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година. Остварените резултати во првиот квартал од 2021 година ги надминуваат зацртаните плански цели.
Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на КОВИД-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

