Македонија
(Видео) Здравковски: Царовска да ги објасни мултимедијалните содржини на фотокопиите
Во недостиг на аргументи и немање конкретни одговори на поставените прашања од страна на наставниците, родителите, учениците и пратениците, Мила Царовска го губи тлото под нозете и во паника сѐ почесто се обидува да ја спинува темата, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски.
„Арогантно и инаетливо ги навредува сите, им ги проценува капацитетот и кредибилитетот на пратениците, ги омаловажува родителите, ги критикува наставниците и целото незадоволство од споменатите го припишува на влијанието на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Здравковски.
Тој додаде дека како партија немаат ништо против дигитални учебници со интерактивни и со мултимедијални содржини и со наратор, по можност, да биде додаден. Тие бараат печатени, убаво илустрирани модерни учебници за учениците што ќе сакаат да ги имаат. Исто така, бараат министерката да го оствари она што во концепцијата самата го има предвидено, а тоа е еднаков пристап и еднакви можности за сите во образовниот систем. Тоа, како што рече Здравковски, со дигитални учебници за оние што може да си ги дозволат и печатени учебници, еднакви на црно-бели фотокопии, едноставно не е можно.
„Царовска да ги објасни мултимедијалните содржини на фотокoпиите, всушност да го објасни принципот на дрвено железо. Како во така печатен учебник, што таа го промовира, ќе се пренесат мултимедијалните содржини од дигиталниот учебник? Кога ѝ стана јасно дека тоа не е можно, сега ветува библиотечен фонд во секое училиште од таблети. Ние не ѝ веруваме затоа што ништо што оваа Влада што го ветила го нема остварено и длабоко сме убедени дека доколку имаше сериозна намера тоа да го стори, таа и досега ќе обезбедеше таблети за најранливите категории. А како и кога ќе ги изготви дигиталните учебници, сѐ уште нема одговор“, посочи тој.
Здравковски нагласи дека конфузијата и неконзистентноста по изјавите дополнително ги в0лошуваат состојбата и недовербата. Според него, паниката е веќе видно присутна кај Царовска и довела до злоупотреба на европското знаменце и негово додавање на предлог-законот за измени и дополнување на Законот за учебниците.
Злоупотреба на моќ против сопствениот народ промовира на најсилно можно ниво, порача Здравковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ уништи околу 37 тони небезбедна храна со поминат рок која се продавала без декларација
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изминатата недела при спроведена вонредна контрола кај оператор со храна, заплениле и нештетно уништиле приближно 37 тони храна.
Како што соопшти денеска Агенцијата, биле запленети и уништени јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи и разни зачини без декларации и на кои рокот на употреба им бил истечен од една до две години.
За сторениот прекршок на операторот му е изречена мерка привремена забрана за работа и парична казна, како и наредба за отстранување на утврдените недоследности со надзорот.

АХВ информира дека во изминатата недела биле спроведени вонредни контроли и кај други оператори со храна – месарници, ресторани, сендвичарници, маркети. Поради утврдени недоследности – нерегистрирани оператори со храна, неспроведени задолжителени обуки на вработените за безбедност на храната, пуштање во промет на небезбедна храна и слично, операторите со храна и нивните одговорни лица се казнети парично и им се изречени привремени забрани за вршење дејност.
-Издадени беа и наредби за отстранување на утврдените недостатоци со контролите, а затекнатата небезбедна храна беше нештетно уништенa, наведува АХВ во соопштение.
Македонија
„Супорт Кочани“ собра 11 милиони денари од донации за настраданите од „Пулс“, државата им наплати 1 милион денари данок
Околу 11 милиони денари се распоредени од заедничката сметка за донации од граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“.
Од граѓанската иницијатива велат дека од вкупната сума од 10.944.793 денари еден милион се за данок на државата, а останатите се еднакво распределени на 137 лица во износ од по 71.900 денари.
Средствата што се распоредени се донирани од компании, здруженија, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и во странство.
„Транспарентно ја споделуваме информацијата за втората распределбата на средствата од заедничката сметка за донации преку ‘Супорт Кочани’, кои беа собрани по трагедијата што нè погоди“, се вели во објавата на „Супорт Кочани“ на нивниот фејсбук-профил.
Иницијативата „Супорт Кочани“ беше формирана веднаш по пожарот во „Пулс“, а во неа се вклучени 30-ина волонтери, меѓу нив и млади луѓе кои биле присутни во клубот на трагичниот 16 март. Во пожарот загинаа 63 лица, а над двесте беа повредени.
Од иницијативата изминатата година реализираа и три пратки компресивна облека наменета за преживеаните лица. Облеката, како што велат од иницијативата, е со цел да се овозможи правилна рехабилитација и побрзо заздравување.
Македонија
Најмногу дожд наврна во Охрид
Утрово најниска температура од 2 степени Целзиусови е измерена во Крушево. Следат Берово и Маврови Анови со 5 степени, 6 во Крива Паланка и Лазарополе, 7 Прилеп, Битола, Тетово, 8 Скопје–Петровец, Претор, 9 Кавадарци, Велес Виница, Штип, 10 Куманово, Скопје–Зајчев Рид и 11 степени во Гевгелија и во Струмица, соопшти УХМР.
Согласно количината на врнежи измерени во изминатите 24 часа заклучно до утрово 7 часот најмногу дожд наврнал во Охрид. Според мерењата во Охрид до 19 часот синоќа наврнале 34 литри на метар квадратен. Сметано од утрово, 25 л/м2 наврнале во Гевгелија, 17 во Пожар-Радовиш, Претор, 14 Крушево, 13 Штип, 11 Струмица, 10 Берово, 9 Битола, Виница, 7 Велес, 6 Крива Паланка, 5 Тетово, Кавадарци, Лазарополе, Пожаране, Попова Шапка, 4 Прилеп, Куманово, Тополчани, 3 Маврови Анови, 2 Ѓуриште и 1 л/м2 во Скопје-Зајчев Рид и во Скопје кај Петровец.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 14 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 17 степени.

