Македонија
Медиумските здруженија бараат Министерството за економија да ги поништи тендерите за медиумска кампања

Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите реагираат до Министерството за економија да ги поништи тендерите за медиумска кампања.
Министерството за економија објави огласи за јавни набавки, со кои бара фирма за изработка на медиумска и комуникациска стратегија и за посредување закуп на медиумскиот простор. Според описот на јавната набавка, целта е да се склучи договор со приватна фирма за сума од речиси 200.000 евра, која потоа ќе ги изработи овие стратегии и ќе им плати на онлаjн-медиуми за кампања за промоција.
„Партнерските организации ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ потсетуваат дека праксата за закуп на медиумски простор е забранета и во спротивност со заклучокот на Владата од 24. седница од 22.8.2017, a во согласност со мерката 6.1.2. од планот 3-6-9, која се однесува на стопирање со владините реклами. Со овој заклучок се обврзуваат државните органи да престанат да емитуваат/рекламираат кампањи/спотови на платен простор во електронски комерцијални радиодифузери – телевизии и радија, дневни и неделни весници, билборди, интернет-портали и сл. (со исклучок на социјалните медиуми)“, се наведува во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски од Блед: Нашата стабилност е европска стабилност, нашиот напредок е европски напредок

На покана на министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски утрово учествуваше и се обрати на работниот појадок со министрите за надворешни работи од Западен Балкан и специјалните пратеници за проширување на Европската Унија.
Во своето обраќање, Муцунски ја истакна клучната улога на регионалната стабилност и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, оценувајќи дека сегашните глобални кризи уште повеќе ја зголемуваат потребата од европска кохезија.
„Во свет на војни, безбедносни закани и економски шокови, Европската Унија и Западен Балкан имаат потреба еден од друг повеќе од кога било досега. Нашата стабилност е европска стабилност. Нашиот напредок е европски напредок“, нагласи министерот во обраќањето.
Тој посочи дека Северна Македонија останува посветена на европскиот пат и активно работи на реформите и имплементацијата на Планот за раст на ЕУ, истовремено нагласувајќи дека процесот на проширување мора да биде заснован на заслуги и јасни критериуми.
„Проширувањето не смее да биде заложник на билатерални спорови или прашања на идентитет. Ако тоа се дозволи, се ризикува не само застој на една земја, туку и губење на кредибилитетот на целиот процес“, потенцираше министерот Муцунски.
Притоа, тој го нагласи значењето на регионалната соработка и ја поздрави улогата на специјалните пратеници на ЕУ, оценувајќи дека нивниот ангажман е клучен за одржување на вниманието кон регионот и поттикнување на практични решенија.
„Веруваме во дијалог, веруваме во компромис кога тој е фер и взаемен – и пред сè, веруваме во визијата за обединета, стабилна и просперитетна Европа со Западен Балкан во нејзиното јадро“, заклучи Муцунски.
Македонија
Без струја дел од Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од улиците Пандил Шишков, Вангел Тодоровски и Руди Чаевец, општина Аеродром.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект во шахта на улицата Шекспирова бб (во близина на Тинекс маркет), општина Карпош, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.