Македонија
Филипче: Одлуката за полицискиот час не ја донесов сам, туку по телефонска консултација со членовите на Комисијата
Одлуката за скратување на полицискиот час и за продолжување на работното време не е политичка, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој вели дека одлуката не ја донел сам, туку по телефонска консултација со претседателот и членовите на Комисијата за заразни болести.
Во понеделникот немало официјален состанок поради празникот, па затоа министерот самиот, по телефонските консултации, предложил на кризниот штаб во Владата да го разгледа предлогот за олабавување на мерките.
„Во неофицијалните консултации направени телефонски, констатиравме дека има можност за попуштање. Јас се консултирав со сите и потоа предложив. Одлуката не е политичка. Сите се согласија, но поради празникот немаше официјален состанок. Членовите се согласни да има попуштање на мерките. Денес имаме 300 новодијагностицирани. Доколку трендовите продолжат, ќе има дополнително попуштање на мерките“, рече Филипче.
Министерот го даде предлогот во понеделникот, а Владата вчера изгласа полицискиот час да почнува во 23 часот,односно да се скрати за два часа, работното време на терасите на угостителските објекти да се зголеми за два часа и тие да можат да работат до 22:30 часот, а дополнително изгласана е и одлука за двонеделен карантин за патниците што доаѓаат од Индија и Бразил за да се спречи ширење на нови видови на вирусот.
На седницата не биле прифатени предлозите за отворање не вежбалниците и за зголемување на максимално дозволениот број деца во градинките.
Поради намалениот притисок врз болниците, на вообичаениот начин на работа се враќаат урологија, пластична хирургија, а од денес почнува подготовка и кардиологија да се врати на стариот начин на работа. Овие оддели беа прилагодени во привремени ковид-центри поради зголемената потреба за болничко лекување на пациентите заболени со Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитар Апасиев по лидерската средба: До јуни можен нов Изборен законик, се разговара за една изборна единица
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, по завршувањето на лидерската средба изјави дека, изненадувачки, за првпат станувало збор за конструктивен состанок, на кој начелно било договорено до крајот на пролетта, односно до јуни, да се донесе нов Изборен законик.
Како што рече Апасиев, на средбата се дискутирало за различните модалитети на изборниот модел – воведување една изборна единица, со или без изборен цензус, како и за можноста за отворени или затворени листи. Тој најави дека комуникацијата ќе продолжи на ниво на координаторите на пратеничките групи во Собранието, заедно со дел од министрите во Владата.
На лидерската средба било разговарано и за укинување на техничката, односно Пржинската влада, и тоа во две варијанти – или веднаш, или не на наредните, туку на парламентарните избори по нив, во зависност од ставот на СДСМ.
Како последна политичка тема, Апасиев наведе дека се разговарало и за изборот на Народен правобранител, при што Левица предложила, како што рече, „соломонско решение“.
„Тоа е припадник на ромската заедница да биде избран бидејќи сметаме дека се најдискриминирана заедница која нема никакви полуги на власта – ниту министри, ниту пратеници, еден градоначалник, ако не се лажам, и сметаме дека ова е уставна категорија која треба да ѝ припадне на ромската заедница“, изјави Апасиев.
Левица ги наметнала прашањата за минималната плата, која, според него, е оправдано барање на работниците и синдикатите, како и за апанажа и патни трошоци на пратениците и јавните функционери.
„И за овие две теми не наидовме на разбирање. Иако имаше различни варијанти кои се дискутираа, сепак мислам дека овие се неприфатливи“, изјави Апасиев.
Како дополнително прашање отворено од Левица, Апасиев наведе дека било разговарано и за обештетување на семејствата на жртвите од Кочани, но, како што истакна, за тоа немало слух.
Македонија
Движењето ЗНАМ е за укинување на Пржинската влада и воведување една изборна единица
На денешната лидерска средба, одржана на иницијатива на претседателот на Владата, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија беше претставено од генералниот секретар на партијата и министер за јавна администрација Горан Минчев, како и од координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски.
Движењето ЗНАМ ја поздравува иницијативата за одржување лидерска средба како одговорен и државнички чекор, насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во период кога пред државата стојат клучни одлуки од стратешко значење.
Во однос на Законот за Влада и постоењето на техничката, односно таканаречената Пржинска влада, ставот на Движењето ЗНАМ е јасен – таа треба да биде укината.
„Таканаречената Пржинска влада беше воведена како привремено решение и со јасна задача. Денес таа е анахрона и претставува кочница за функционирањето на институциите. Македонија има капацитет самостојно да организира кредибилни избори и затоа ова решение мора да биде укинато“, изјави Бобан Карапејовски, координатор на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
По однос на Изборниот законик, Движењето ЗНАМ се залага за суштинска и праведна реформа со воведување една изборна единица, која ќе обезбеди еднаква вредност на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. Истовремено, ЗНАМ инсистира на јасно и транспарентно уредување на финансирањето на политичките партии.
Во делот на реформските закони од областа на правосудството, како и останатите закони од реформската агенда, Движењето ЗНАМ дава силна и недвосмислена поддршка, со јасен повик за политички консензус околу овие прашања, како предуслов за владеење на правото и европската иднина на државата.
Во однос на изборот на Народен правобранител, ставот на ЗНАМ е дека оваа функција мора да ја извршува лице со висок професионален и морален интегритет, кое ќе биде вистински и независен заштитник на правата на граѓаните.
Дополнително, Движењето ЗНАМ се залага за побрзо донесување на Законот за прекршоци, со што ќе се зајакне правната сигурност и безбедноста на граѓаните.
„Лидерската средба ја гледаме како можност сите релевантни политички фактори да покажат зрелост и одговорност. Потребни ни се храбри, но државнички одлуки, изборни и правосудни реформи и јасен консензус околу европската иднина на Македонија. Интересот на државата и граѓаните мора да биде над сè“, посочи Карапејовски.
Македонија
Костадинов: Одлучив да го одмрзнам моето членство во СДСМ
„По доволно поминато време и по донесена лична одлука, одлучив да го одмрзнам моето членство во СДСМ“, извести преку социјалните мрежи, Костадин Костадинов, поранешен градоначалник на Струмица.
„Сакам јасно да нагласам дека останувам зад сите мои претходни ставови и позиции по однос на бројни прашања од јавен интерес и дека овој чекор не значи нивно менување или повлекување.
Во овој момент не најавувам никаква форма на активен ангажман, туку стојам на располагање, со почит кон партијата, нејзините вредности и секој член поединечно.
Единството бара подавање рака, држење до принципи и искрени разговори во имe на секој еден социјалдемократ“, додаде тој.

