Црна хроника
Две условни затворски казни за гинеколозите кои без лиценца дозволија царски рез
Основното јавно обвинителство Битола, по спровредената претходна постапка, а пред поднесување на обвинителен предлог постигна спогодба со трите осомничени лица – двајца специјалисти гинеколози од Одделот за гинекологија и акушерство во ЈЗУ Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола и странска државјанка која без соодветна лиценца за работа од лекарската комора во земјата, правела царски рез во Клиничката болница во Битола на 1.1.2021 година.
Во текот на постапката од прибраните докази се утврдило дека првоосомничениот специјалист по гинекологија и акушерство на 1.1.2021 година, околу 9:00 часот, како службено лице кое врши работи од јавен интерес – службена должност ги пречекорил границите на своето службено овластување на начин што ја повикал и и дозволил на својата сопруга – третоосомничената, доктор на медицина, странски државјанин која не исполнува услови за вршење на здравствена дејност согласно одредбите на Законот за здравствена заштита, односно нема стекнато лиценца за работа на здравствен работник со високо образование издадена од Лекарската комора на РСМ, да врши здравствени услуги.
Второосомничениот специјалист по гинекологија и акушерство, како службено лице кое врши работи од јавен интерес, не ја извршил својата службена должност на начин што ѝ дозволил на третоосомничената да врши здравствени услуги. Со ваквите дејствија двајцата осомничени ѝ прибавиле корист на третоосомничената изразена во право истата да учествува како оператор при породување со царски рез на пациентка.
Третоосомничената не постапила според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на опасна заразна болест Ковид-19 со кои била воведена забрана за движење и посета на болниците за неовластени лица. На обвинетата ѝ биле познати предметните прописи и наредби, но сепак дошла на Одделот за гинекологија и акушерство во ЈЗУ Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола, извршила соодветна подготовка, влегла во операциона сала и учестувала како оператор при породување со царски рез на пациентка.
Дополнително, на 4.1.2021 година, првоосомничениот на Одделот за гинекологија и акушерство во ЈЗУ Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола, во службена книга, Оперативен дневник во кој се внесуваат податоци за извршени оперативни зафати, отстранил 4 страници со што ја оштетил службената книга во поголема мера. Во новоотворениот Оперативен дневник за 2021 година своерачно внел невистинит податок дека при пружањето на здравствена услуга – породување со царски рез на пациентката на ден 1.1.2021 како оператор учестувал второосомничениот, иако не можело да му остане непознато дека овој податок е невистинит бидејќи конкретната интервенција неовластено ја извел тој заедно со неговата сопруга – третоосомничената.
Со преземените дејствија првоосомничениот сторил две кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 и фалсификување службена исправа од член 361 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Второосомничениот сторил едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик, додека третоосомничената сторила едно кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 од Кривичниот законик.
Во поглед на кривичното дело надрилекарство од член 209 од Кривичниот законик кое ѝ се ставаше на товар на третоосомничената, во текот на постапката се утврди дека со решение на Министерството за образование и наука на РСМ на третоосомничената како странски државјанин и е признат завршен прв циклус на студии и стекнат академски назив доктор на медицина. Истата има положено специјалистички испит по гинекологија и акушерство на Медицински факултет при Универзитет во Белград и со одлука на Комисија на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје од февруари 2020 година одлучено е третоосомничената да обави дел од турнусите во траење од 12 месеци по што ќе ѝ биде признаено специјализацијата по гинекологија и акушерство како да е стекната во РСМ. Поради тоа во конкретниот случај отсустуваат битните елементи за постоење на кривичното дело надрилекарство, а тоа е сторителот да нема пропишана стручна подготовка и да се занимава со лекување што подразбира континуирано, подолготрајно вршење на такви дејствија.
Осомничените го признаа извршувањето на кривичното дело што им се става на товар, па во постапка по предлог спогодби, прифатени од судијата на претходна постапа при Основниот суд Битола, на првоосомничениот му е изречена казна затвор во траење од осум месеци, која нема да се изврши доколку во рок од три години не стори ново кривично дело. На второосомничениот му е изречена казна затвор во траење од три месеци, која нема да се изврши доколку во рок од една година не стори ново кривично дело и на третоосомничената ѝ е изречена парична казна во висина од сто дневни глоби при што вредноста на една глоба да се определи на 10 евра во денарска противвредност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец осомничен за семејно насилство, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
„Осомничениот 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, при вршење семејно насилство, со умисла телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка.
Додека оштетената ја подготвувала да ја однесе во градинка нивната ќерка, тој најпрво започнал вербална расправија, а потоа со лажица за облекување чевли, во повеќе наврати ја удрил во пределот на главата.
Жртвата се повлекла во спалната соба од станот, каде осомничениот насилно ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, почнал да ја плука по лицето и со неколку удари со бокс во главата и телото и нанел телесни повреди – контузија и хематоми.
Јавниот обвинител го имаше предвид фактот дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но потоа го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, заради обезбедување на присуството на осомничениот во текот на кривичната постапката и особено заради заштита од понатамошни насилни однесувања кон оштетената, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Обвинителството.
Црна хроника
Истрага за полов напад и уцена на девојче во липковско
Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна постапка и ќе предложи мерка притвор за 2 лица за кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 2 во врска со став 1, а едниот од нив е осомничен и за кривично дело – Уцена согласно став 259 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
„Првоосомничениот, спротивно на јасно изразена волја, извршил полови дејствија врз малолетна девојка во липковско, а ја принудил на полови дејствија и со второосомничениот.
Потоа жртвата ја уценувал дека наводно ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати 20.000 евра.
Девојчето било принудено да зема пари од дома без знаење на родителите и да позајмува од други лица, па во повеќе наврати му ги давала парите на првоосомничениот.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени кои се лишени од слобода.
Основното јавно обвинителство Куманово продолжува да презема истражни дејствија“, стои во соопштението на Обвинителството.
Топ
18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело, информираат од Обвинителството.
„Осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

