Македонија
На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 527 пациенти

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 527 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство во болницата во Битола се хоспитализирани 63 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 54 пациенти.
На инфективното одделение во Тетово има 20 пациенти, во Велес се лекуваат 62 болни, а во Куманово 63 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 60 пациенти, во Прилеп 49, во ковид-центарот во Гостивар 14, а во Струга 17 болни.
Во болницата во Струмица хоспитализирани се 54 пациенти, во Кочани 22 во Кичево 15, Кавадарци 26, а во Гевгелија 8 лица позитивни и суспектни на коронавирусот.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 926 и има околу 800 празни болнички кревети во ковид-центрите.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла, велат од Министерството за здравство.
Од таму информираат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, стои во известувањето од оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски: „Покрсти“ ќе биде новата омилена туристичка дестинација на Скопје

Општина Кисела Вода интензивно работи на изградбата на новото рекреативно и туристичко место – „Покрсти“, кое наскоро се очекува да прерасне во омилена дестинација за љубителите на природата и рекреацијата од цело Скопје, велат од Општината.
„Сместена во зелена околина, со чист планински воздух и поглед над цело Драчево и околината, локацијата „Покрсти“ го добива свој нов лик. Веќе е изградена асфалтирана рекреативна патека, а во тек се активностите за уредување на плоштад, велосипедски патеки и поставување на урбана опрема – клупи, корпи за отпадоци и други содржини кои ќе овозможат пријатен престој за сите посетители.
Локацијата има и традиционално значење, бидејќи токму по патеката „Покрсти“ секоја година се движат стотици верници на вториот ден по Велигден. Со реконструкцијата, патеката која се протега во должина од над 8 километри ќе стане уреден простор за пешачење и велосипедизам, со што ќе се подигне и нејзината функционалност преку целата година. Овој проект е дел од пошироката стратегија на општина Кисела Вода за развој на спортско-рекреативни капацитети, заштита на животната средина и поттикнување на домашниот туризам“, информира Општината.
„Големите дела се остваруваат со упорност, посветеност и многу љубов. Покрсти е место со духовно значење, со природна убавина и огромен потенцијал. Сакаме да го вратиме сјајот на оваа локација и да го направиме достапно и пријатно за сите – за спортисти, семејства, туристи, рекреативци. Верувам дека Покрсти ќе стане вистинска атракција за нашата општина и за целиот град“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Македонија
Мицкоски очекува на 24 јуни Бугарите да го повлечат барањето пред македонскиот јазик и идентитет да стои „сегашен“: Ете им прилика на дело да го покажат она што го зборуваат

Премиерот Христијан Мицкоски нема голема верба во она што го зборуваат Бугарите за спорот околу идентитетот и јазикот оти од официјална Софија стигнуваат многу различни пораки. По изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев во Тирана во која вели дека не станува збор за вето или блокада, туку за потреба од исполнување на обврските од преговарачката рамка кои земјава веќе ги прифатила, Мицкски вели дека Бугарите на 24 јуни 25 е имаат прилика на дело да го покажат она што го зборуваат.
„Нашите стари рекле помалку случај што зборуваат, повеќе гледај што работат. Еве имаме таква можност да го покажат тоа што го зборуваат, на 24 јуни на комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент се наоѓа извештајот во кој што очекувам бугарските членови на Европскиот парламент да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето сегашен или презент, и во рамките на европскиот дух да биде усвоен тој извештај, а потоа и патоказот на малцински права кој што многу скоро ќе биде на дневен ред. Ете имаат можност тоа што го зборуваат и на дело да го покажат“, рече премиерот Мицкоски денес при посетата на Битола.
Во име на добрососедските односи, премиерот Мицкоски очекува бугарската страна да прифати средба во рамките на состанокот во Хаг, да разговараат и за Коридорот 8 за и таму да тргне работата и овој проект да им биде приоритет.
Бугарскиот претседател, Румен Радев, вчера во Тирана изјави дека нема да има значајни поместувања во однос на евроинтеграцијата на Северна Македонија доколку не се испочитува Преговарачката рамка. Тој нагласи дека Бугарија не поставува нови услови, туку инсистира на целосно спроведување на веќе усвоените договори – како што се Договорот за добрососедство од 2017 година, два билатерални протоколи, и Преговарачката рамка од 2022 година.
Македонија
„Граѓаните да не креваат паника, лисиците не се опасни и не напаѓаат луѓе“, апелираат од „Анима мунди“

Во последните неколку дена се појавија видеа за присуство на лисици во подножјето на Водно, во населбата Козле (мајка со малечки), како и на други места низ Скопје. Од Анима Мунди апелираат до граѓаните да не креваат паника – овие животни не се опасни и не напаѓаат луѓе.
„Лисиците, како и многу други диви животни, сè почесто се приближуваат до урбаните средини поради загуба на природните живеалишта, уништување на шумите, градежна експанзија и недостиг на храна. Ова не е закана, туку јасен сигнал дека и тие бараат начин да опстанат.
Лисиците се плашливи, интелигентни и претежно ноќни животни кои се плашат од луѓето и избегнуваат контакт. Присуството на лисици во урбана средина не значи дека се болни или агресивни. Напротив, во многу големи градови како Лондон, Берлин, Торонто, па и Љубљана, лисиците веќе се дел од урбаната дива фауна и живеат паралелно со луѓето без никакви инциденти.
✳️Што треба да направите ако видите лисица?
• Не обидувајте се да ја бркате, фаќате или храните.
• Не оставајте остатоци од храна или отворени канти за ѓубре, затоа што тоа ги привлекува.
• Ако сте со домашно милениче – држете го на поводник и останете смирени, лисицата ќе избега.
• Пријавете ако видите повредена или залутана лисица.
Лисиците се дел од природата на нашата земја. Нека незнаењето не биде храна за ирационален страв и отпор. Наместо тоа, потребна ни е свесност, почит и разбирање кон овие животни кои се обидуваат да опстанат. Ве повикуваме да бидеме град кој живее во хармонија со природата“, се наведува во соопштението на Анима Мунди.
„Лисиците се редовни жители на Водно и често се забележуваат и во градските населби како Жданец, Водно, Козле и Нерези. Забележувањето на мајка со млади е јасен показател дека се работи за здрави единки.
Лисиците, како и другите животни кои се опортунисти во исхраната, лесно може да бидат привлечени во градските и селските средини од органски отпад кој не се селектира и не се собира редовно“, коментираат од Македонското Еколошко Друштво (МЕД).