Македонија
(Видео) Арсовски: Филипче и Заев ќе се рекламираат за успешна вакцинација со 300.000 евра народни пари

Владата на СДСМ не прекинува со сомнителни тендери и воопшто не губи време. Иако Драги Рашковски како искусен тендераш повеќе не е генерален секретар во Владата, сепак Генералниот секретаријат работи со полна пареа, истакна на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Владата на СДСМ последниот работен ден од април, пред празниците, на 29 април, објави тендер за маркетинг-услуги, за осмислување и реализација кампања од јавен интерес за успешна вакцинација и заштита на населението од Ковид-19“, рече Арсовски.
„Вредноста на овој тендер е 15.635.580 денари или 255.000 евра без ДДВ. Со ДДВ околу 300.000 евра, 300.000 евра за маркетинг-услуги и промоција на неуспешните министер и премиер, Венко Филипче и Зоран Заев. Триста илјади евра народни пари Владата ќе ги даде на некоја нивна блиска маркетинг-агенција да им осмисли и реализира кампања за успешна вакцинација и заштита на населението од Ковид-19“, изјави портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Немаат вакцини, луѓе умираат секој ден, народот собира пари, ама затоа Филипче и Заев решиле да прават кампања од 300.000 евра за успешна вакцинација на товар на граѓаните што немаат леб да јадат. Замислете, тендерот ќе заврши на 31 мај, а за да се реализира сето ова, ќе требаат најмалку уште 2 месеца, но Владата од сега проценува дека треба да се прави камапња за успешна вакцинација“, посочува Арсовски.
Според него, за да се прави кампања за успешна вакцинација, Владата треба да има набавено вакцини, вакцинацијата да оди без никаков проблем и над 70 % од населението да е вакцинирано. Кај нас, вели Арсовски, сѐ уште не се вакцинирани хронично болните и ризичните категории граѓани, нема вакцини, односно ги добиваме само од донации.
„Очигледно, што впрочем и сериозно се сомневаме дека овој тендер за оваа кампања од 300.000 евра е направен со цел да се испумпаат народни пари, да се финансира кампањата за локални избори на СДСМ преку парите на граѓаните и однапред веќе се зборува во кулоарите кои агенции треба да го добијат. Зошто го велам ова, ќе дознаете наредните денови“, додава Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес гласаат 2.162 затворениците, болните и изнемоштени и лицата во старските домови

Почнува гласањето за Локалните избори 2025. Денеска, на ден пред одредениот датум за изборите гласаат 2.162 затворениците, лицата во домашен притвор, 8851 болни и немоќни лица и 442 лица во старските домови.
Во казнено – поправните домови, според Избирачкиот список, треба да гласаат 2162 затвореници. Најмногу глсачи има во КПД Идризово 938, во затворот во Шуто Оризари 391, во штипскиот затвор 237, во прилепскиот 119… Во своите домови ќе гласаат и лица кои се пријавиле за гласање а се во куќен притвор.
Членови на избирачките одбори денеска во нивните домови треба да посетат 8.851 болни и немоќни лица кои побарале и им било прифатено да гласаат. До ОИК пристигнале 9217 пријави за гласање на болни и немоќни лица, а прифатени беа само 8.851.
Во старските домови ќе гласаат 442 возрасни лица, наместо 450 лица. Бројката се намали за осум лица откако Министерството за социјална политика, демографија и млади, како што соопшти ДИК на седница пред неколку дена, извести дека старскиот дом Арија е затворен.
Во земјава утре ќе се одржат осмите локални избори од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.474 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10.490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.
Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.
Право на глас на Локалните избори имаат 1.832.415 гласачи, од кои 1.717.803 во земјата додека останатите 112 илјади се запишани во посебниот Избирачки список со лица кои се иселени од државата. Гласање во дијаспората за локалните избори нема, но доколку лицата кои се на привремена работа или живеат во странство допатуваат во земјата ќе можат да го остварат своето право на глас.
Гласањето започнува во 7:00, а завршува во 19:00 часот.
Изборната кампања за Локалните избори 2025 заврши синоќа на полноќ кога почна молкот пред гласањето в недела на 19 октомври.
Правилата за изборен молк важат до 19 октомври во 19 часот.
Македонија
Од ноќеска на полноќ заклучно со 19:00 часот на 19 октомври е изборен молк

Од ноќеска на полноќ заклучно со 19:00 часот на 19 октомври е изборен молк. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги соопшти дека за време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
Македонија
Денес облачно време со врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
До вторник ќе преовладува претежно стабилно време, а во среда повторно се очекуваат локални врнежи од дожд.