Берзи
Азиските берзи во раст, доларот зајакна, прв неделен раст на нафтата

На азиските берзи во петокот цените на акциите пораснаа бидејќи се ублажени стравувањата на вложувачите од можното излегување на Велика Британија од Европската унија, но берзанските индекси и натаму се во минус на седмично ниво.
На токиската берза индексот Nikkei во претпладневното тргување по средноевропско време беше во плус од 1,4 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја, Сингапур, Шангај и Хонгконг, пораснаа меѓу 0,2 и 0,7 отсто. Благодарејќи на тоа, MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во плус 0,8 отсто. Меѓутоа, од почетокот на седмицата и натаму е во минус од речиси 2,5 отсто.
Малку подоброто расположение на вложувачите отколку претходните денови е благодарејќи на четврточниот рас на цените на акциите на њујоршки Волстрит, по петте денови пад. А тоа, пак, дојде благодарејќи на надежите дека сепак Британците на референдумот на 23-ти јуни ќе гласаат за останување во ЕУ.
Последните денови цените на акциите паѓаа бидејќи анкетите покажуваа дека во голема предност се поборниците на Беркзитот, а таквиот расплет би довел до нарушување на финансиските пазари и ќе му наштети и на досега кревкото закрепнување на глобалната економија.
Меѓутоа, се проценува дека четврточното убиство на лабуристичката пратеничка Џо Кокс, која беше поборник на останувањето во ЕУ може да направи пресврт во расположението на Британците. Покрај тоа, има извештаи дека европските хеџ фондови веруваат во останувањето на Британија во ЕУ.
Поддршка на пазарите им даде и првиот раст на цените на нафтата по седум дена. Откако во четвртокот потонаа на најниските нивоа во последните месец дена, во петокот утрото на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,7 отсто, на 46,52 долари, а на лондонскиот пазар за 1 процент, на 47,66 долари.
Поради тоа азиските берзи во петокот претпладнето ги намалија неделните загуби. Јапонскиот индекс Nikkei има неделен минус од околу 5 отсто, додека во Хонгконг седмичните загуби се намалени на 4, а во Шангај за околу 1,3 отсто.
А на валутните пазари јапонскиот јен во петокот ослаби, по четврточниот силен полет поттикнат од одлуката на јапонската централна банка дека нема дополнително да ја олабавува монетарната политика.
Така курсот на доларот се движи околу 104,309 јени, додека во четвртокот потона на 103,55 јени, што е најниското ниво од август 2014 година. Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 11,1250 долари, додека вчера во истиот период од денот изнесуваше 1,1275 долари./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Берзи
„Волстрит“ падна – ни САД ни Кина не попушта

На Волстрит цените на акциите нагло паднаа, губејќи дел од добивките од претходниот ден, бидејќи царинската војна меѓу Вашингтон и Пекинг не покажува крај.
Индексот Dow Jones падна за 2,50 отсто, на 39.593 поени, додека S&P 500 потона за 3,46 отсто, на 5.268 поени, а индексот Nasdaq за 4,31 отсто, на 16.387 поени.
Така, индексите загубија дел од добивките од претходниот ден, кога S&P 500 скокна за историски 9,5 отсто, а Nasdaq повеќе од 12 отсто.
По големите промени во последниве денови, S&P 500 сè уште е во пад од околу 7 отсто од средината на минатата недела, кога американскиот претседател Доналд Трамп најави дополнителни, реципрочни царини за американскиот увоз.
Откако Трамп во средата ја одложи примената на тие царини за 90 дена, многу земји вчера изјавија дека се подготвени да преговараат. Меѓу другите и Европската унија, која ги одложи своите контрамерки против царините на Трамп.
Но, царинската војна меѓу Вашингтон и Пекинг продолжува бидејќи Трамп ја зголеми вкупната царинска стапка за увоз на кинески стоки на 145 отсто, 125 отсто реципрочни царини и претходните 20 отсто поврзани со кризата со фентанил.
Кина, пак, од вчера применува царина од 84 отсто за увоз на американски стоки, покрај претходните 20 отсто на одредена група производи и вели дека нема да отстапи.
„Тешко е за инвеститорите да одлучат да купат акции со ваква нестабилност и неизвесност. Тие се загрижени за тарифите бидејќи е тешко да се процени како тоа ќе влијае на економиите“, рече Пол Нолте, аналитичар во Марфи и Силвест.
Затоа инвеститорите вчера не ги охрабрија подобрите од очекуваните податоци за ублажувањето на инфлацијата во САД во март. Се проценува дека инфлацијата најверојатно ќе се зголеми во наредните месеци поради воведувањето царини, додека челниците на американската централна банка велат дека нема да брзаат со намалување на каматните стапки, туку чекаат податоци кои ќе покажат како царините влијаеле на економскиот раст и на инфлацијата.
На европските берзи вчера пораснаа акциите. Лондонски FTSE индекс зајакна 3,04 отсто, на 7.913 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 4,53 отсто, на 20.562 поени, а париски CAC зајакна 3,83 отсто, на 7.126 поени.
Берзи
Доларот нагло падна, еврото зајакна

На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути драстично падна минатата недела, бидејќи инвеститорите сметаат дека поради забавувањето на инфлацијата во САД заврши циклусот на зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка. Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на САД во однос на шесте најважни светски валути, потона минатата недела за 1,9 отсто, на 103,81 поен, што е најниско ниво од почетокот на септември.
Истовремено, доларот падна за 2,1 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото достигна 1,0910 долари. Остриот пад на курсот на доларот уследи по објавувањето во вторникот дека стапката на инфлација во САД се лизна на 3,2 отсто во октомври, од 3,7 отсто во септември.
И низа други извештаи потврдија дека инфлацијата се намалува, што ја поддржа тезата дека ФЕД нема да има потреба дополнително да ја заостри монетарната политика. Од март минатата година, ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за 5,25 процентни поени за да ја ограничи инфлацијата.
Сепак, на последните две седници челниците на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети, па инвеститорите сметаат дека циклусот на зголемување на цената на парите е завршен, иако од ФЕД велат дека е можно дополнително заострување на монетарната политика.
Во наредниот период, движењата на пазарот ќе зависат главно од шпекулациите за тоа кога ФЕД би можел да започне со намалување на каматните стапки. На пазарот на пари се проценува дека првото намалување на каматните стапки на ФЕД би можело да се случи во мај следната година, а до крајот на следната година каматните стапки би можеле да се намалат вкупно за еден процентен поен.
Берзи
Светските берзи драстично паѓаат, можно е дополнително зголемување на каматите

На светските берзи цените на акциите нагло паднаа минатата недела поради растот на приносите на обврзниците и пораката на претседателот на ФЕД Џером Пауел дека централната банка може дополнително да ги зголеми каматните стапки. На Волстрит, Доу Џонс индексот минатата недела падна за 1,6 отсто, на 33.127 поени, додека S&P 500 се лизна за 2,4 отсто, на 4.224 поени, а индексот Nasdaq се намали за 3,2 отсто, на 12.983 поени.
На берзата негативно влијаеше растот на приносите на американските државни обврзници. Во петокот приносите на 10-годишните обврзници се пробија над нивото од 5 отсто за прв пат по 16 години. Ова може да влијае на каматите на хипотеките и автомобилските заеми, каматите на кредитните картички… Покрај тоа, повисоките приноси на обврзниците ја намалуваат привлечноста на акциите бидејќи на инвеститорите им нудат добри приноси без никаков ризик.
Во такви околности, инвеститорите се повлекуваат од поризични инвестиции, како што се акциите, и бараат засолниште за својот капитал во инвестиции кои се сметаат за побезбедни во несигурни времиња, како што е златото. Како резултат на тоа, цената на унца злато се движи близу највисокото ниво во последните два месеци, околу 1.980 долари.
Поради сето ова, инвеститорите не беа охрабрени ниту од кварталните деловни резултати, иако поголемиот дел од компаниите од индексот S&P 500, кои досега објавуваа извештаи, остварија поголема заработка од очекуваната.
И на европските берзи цените на акциите драстично паднаа минатата недела. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 2,6 отсто, на 7.402 поени, додека франкфуртски DAX потона за 2,5 отсто, на 14.798 поени, а париски CAC 2,7 отсто, на 6.816 поени.