Македонија
(Видео) Стојаноски: Шилегов, Министерството за транспорт и Државни патишта дале 20 милиони евра на тендери
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски вели дека министерства, јавни претпријатија и општини потрошиле милиони евра преку крајно сомнителни тендерски постапки.
„Вчера објавивме дека институциите на власта на СДСМ во изминативе 4 години склучиле 200 милионски договори, за кои подоцна не го испочитувале законот и не го објавиле договорот и сумата на истиот на страницата на Бирото за јавни набавки, иако на тоа законот ги обврзува, тие ги кријат договорите. Според информациите кои дојдоа до нас, Петре Шилегов во изминатиов период склучил неколку договори во вкупна вредност од 800.000 евра, без притоа истите да ги објави на страната на Бирото за јавни набавки. Што крие Шилегов и зошто не се објавени овие договори?“, прашува Стојаноски.
Според сознанија на ВМРО-ДПМНЕ, како што напомена Стојаноски, министерството за транспорт и врски во изминативе 2 години склучило 4 договори во вкупна вредност од 297.000.000 денари, односно околу 5 милиони евра, за кои не е испочитуван законот и не ги објавило на увид на јавноста.
„Што криеле министрите за транспорт и врски поставени од Заев? Имено тие на 17.12.2019 склучиле договор за изградба на фекална канализација во Визбегово во износ 147.000.000 денари и не го објавиле. Што има спорно во овој договор и зошто не е објавен? Што сакале овие луѓе да сокријат? Истото министерство на 10.12.2019 склучило договор во износ од 105.000.000 денари за изградба на фекална канализација во Арачиново, и тој договор не е објавен“, потенцира пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаде дека по истите стапки одело и Јавното претпријатие за Државни патишта, кое како што рече во изминатите година и пол склучило 5 договори, за кои постои сомнеж за злоупотреби и прикривање во вредност од 863.570.000 денари, односно нешто над 14 милиони евра.
„Имено претпријатието на 17.02.2020 склучило договор во износ од 127.500.000 денари, за санација на свлечиште на регионален пат Р1308 Претор – Маркова Нога, и истиот не е објавен на страницата на Бирото за јавни набавки. Што и зошто се крие? Истото го направиле и десетина дена претходно, при што на 24.01.2020 склучиле договор во износ од 442.000.000 денари, за рехабилитација на автопат Куманово – Страцин, договор кој исто така е сокриен од јавноста. Што и зошто крие власта? И дали со необјавувањето на договорите кријат неправилности или местени постапки?“, праша Стојаноски.
Како што рече, неговата партија ги повикува ДКСК и ЈО веднаш да отворат случај и да се утврди зошто не е почитуван законот и дали станува збор за местење тендери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јакимовски не признава пораз, обвинува за нерегуларности: „Во Карпош не победивте, го украдовте“
Претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, преку соопштение до јавноста упати остри критики кон ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја партијата за, како што наведува, изборни нерегуларности на локалните избори во Општина Карпош.
„Во Карпош не победивте! Силувавте! Карпош го украдовте!“, наведува Јакимовски, додавајќи дека борбата на изборите не била витешка, туку „кукавичка“. Според него, изборниот процес бил проследен со купување на гласови, злоупотреби, притисоци и медиумска блокада.
Во соопштението, тој истакнува дека во сите изборни циклуси досега секогаш ги прифаќал резултатите и честитал на победниците, но дека овојпат „не може да признае нешто што не било чесно добиено“.
Јакимовски тврди дека бил сведок на, како што наведува, „организирано купување на ромски и албански гласови, уцени, двојни гласачки ливчиња и употреба на јавни ресурси во корист на противкандидатот“.
Тој го спореди исходот од изборите со претседателските избори во 1999 година, обвинувајќи дека „исто како тогаш, повторно победила неправдата“.
Соопштението завршува со ставот дека, според него, „граѓаните на Карпош се вистинските губитници во оваа нечесна изборна битка“.
Македонија
„Скопје го менуваме од корен“: Ѓорѓиевски го презема раководењето со градот
Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска го прими уверението и најави дека од вечерва почнува акцијата за чистење на градот.
„Официјално – од денес Скопје испишува нова страница во својата историја
Денешното уверение е симбол на довербата што ми ја дадоа граѓаните на Скопје.
Но, истовремено е и голема обврска да работам одговорно, посветено и силно, со јасна визија, конкретни резултати и многу дела.
Благодарен сум за секоја поддршка, за секој скопјанец што препозна искреност, посветеност и дела зад зборовите“, објави тој.
Ќе бидам градоначалник на сите, најави Ѓорѓиевски, без разлика на верска, национална, партиска или било каква припадност.
„За мене поделбите не постојат – она што е моја водилка е обезбедување на подобра иднина и достоинствен живот за сите.
И тука нема да се штедам. Го имате мојот збор!
Скопје, почитувани, го менуваме од корен!
Уште од вечерва, во 20:30 часот, започнуваме со првата голема акција, а тоа е за 72 часа да го исчистиме Скопје, токму како што ветив.
А утре, започнуваме со темелна реорганизација на јавните претпријатија и нормализирање на состојбите во нив, за градот конечно да функционира како што скопјани заслужуваат. Скопје ќе добие и нови проекти а дел од нив ги започнуваме во наредните денови – инвестиции во инфраструктурата, образованието, спортот, животната средината, но ја враќаме и транспарентноста – Скопје конечно ќе биде отворен град“.
Македонија
(Видео) Николоски: Го потпишавме договорот за изградба на заедничкиот пограничен тунел со Бугарија, железничкиот Коридор 8 има стратешко, економско и безбедносно значење за Балканот и Европа
Железничкиот Коридор 8 е еден од најважните трансевропски транспортни коридори, кој има стратешко, економско и геополитичко значење за целиот Балкан и за цела Европа. Овој Договор за изградба на заедничкиот тунел е сон на многу генерации, историјата сакаше јас и вицепремиерот Караџов да го потпишеме, истакна денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на потпишувањето на Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8, што се случи на железничката станица во Ѓуешево.
Николоски потенцираше дека ова е многу значаен коридор за Македонија бидејќи ја поврзува земјата со две мориње и има огромо влијание врз зголемување на конкурентност на домашната економија.
Во исто време овој коридор има и огромно безбедносно значење за НАТО Алијансата, рече вицепремиерот Николоски.
„Овој Дoговор е сон на генерации од двете страни на границата, нешто за што сме читалe, нешто за што сме учеле, а тоа дека двете држави, двата главни градови треба да се поврзат со железничка врска. Ние сме силно посветени на неговата изградба и модернизација. Ќе работиме многу сериозно, ќе работиме многу посветено и се надевам дека и за брзо време ќе ги видиме реузлтатите. Јас не сакам да давам ветувања, но она што можам да го ветам е напорна работа и посветеност. Ова е коридор и од безбедносно значење, во услови кога во 21 век се случува нешто што не можевме да го замислиме, имаме војна недалеку воздушно од тука, агресијата врз Украина. И затоа овој коридор е многу значаен кој што е помош на Алијансата со цел да може да помогне на Украина да ја одбрани својата сувереност и територијална целовитост” – изјави Николоски.
Во однос на финансиската конструкција на целиот источен коридро 8, вицепремиерот Николоски истакна дека средствата се обезбедени.
„Средствата се обезбедени. Првата фаза е завршена и ставена во функција оваа година. Втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка се работи во моментов, рокот за изградба е октомври 2026 година. Морам да кажам дека не сум задоволен од изведувачите, но со нашите партнери од ЕБРД ќе бараме заедничко решение како да го надминеме овој проблем. Третата фаза од Крива Паланка до границата се надевам дека со напорна работа со ЕИБ, ЕБРД и со ЕУ, во тек на месец декември да се распише претквалификација за избор на изведувач и избор на надор. Во однос на финансиите, најмалку буџетот за железницата од Куманово до границата е околу 810 милиони евра, за што 200 милиони се грант од ЕУ. Од Куманово до Бељаковце чинеше 79 милиони евра, од Бељковце до Крива Паланка треба да чини 155 милиони евра ако останеме во овој буџет. Од Крива Паланка до граница е околу 455 милиони евра и дополнително имаме 110 милиони евра за сигнализација и електрификација од Куманово до границата, со цел кога ќе се заврши цел коридор да имаме најмодерна сигнализација“, истакна Николоски.
Тој најави дека во скоро време ќе го покани и вицепремиерот Караџов во Македонија на завршување на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, како и на отпочнување на градежните работи на пругата од Крива Паланка до границата.

