Македонија
Димитров за грчкиот весник „Та Неа”: Соработката е инвестиција во стабилноста
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров е уверен во како што вели, историското значење на Преспанскиот договор бидејќи истиот отвора можност за соработка меѓу двете држави, а тоа како што вели е инвестиција во стабилноста.
„Ние сме соседи и верувам дека долгорочно е многу важно соседите да ти се пријатели и поддржувачи. Се отклучи нашиот влез во НАТО, што е важно и ѝ дава сила на нашата земја, во еден регион што не е сосема „среден“. Тоа беше и еден чекор кон нашите преговори со ЕУ. Се отвори нова страница за соработка. Сега премиерите Заев и Мицотакис разговараа за големи проекти особено во областа на енергијата. Грција е многу важен трговски партнер и во Северна Македонија имаме големи грчки инвестиции. Уверен сум дека Договорот беше историски. Ќе бидат потребни години со цел да ја увидиме потребната историска дистанца за да го утврдиме неговото историско значење. Но, историјата ќе покаже дека бевме во право. Немам никаква дилема во тоа. Обично кога зборуваме за Преспанскиот договор се мисли на решавањето на проблемот со името. Но, договорот има и друга димензија што се однесува на јакнењето на соработката во сите области. И тоа беше инвестиција во стабилноста на регионот, вели Димитров во интервју за грчкиот весник „ Та Неа“.
Тој нагласува дека многу е важно знамето на Европската Унија да го опфати и Западниот Балкан, бидејќи според него тоа е прашање на заокружување на процесот на обединување на Европа.
„Не мислам дека Европа може да биде обединета без еден регион кој е во рамки на нејзините граници. Луѓето во Западна Европа обично кога зборуваат за Западниот Балкан сметаат дека тоа е регион што се граничи со Европа, но во реалноста тоа е регион што е опкружен со земји-членки на ЕУ. Нашата географија, нашата економија е дел од Европа. И Западниот Балкан и Европа ќе бидат подобри ако знамето на ЕУ го покрие и овој регион. Имаме заеднички интереси во областа на безбедноста и тоа не се ограничува само на безбедноста на Балканот, туку и на безбедносните ризици во Европа“, потенцира Димитров.
Осврнувајќи се на блокадата од Бугарија, Димитров посочи дека надминувањето на овие прашања е многу битно и за двете држави, конечно и за самата ЕУ.
„Она што го научив од Преспанскиот договор е дека преговорите ќе бидат успешни доколку и двата соседи се победници. И мислам дека правиме сѐ што можеме за да го постигнеме тоа и со Бугарија. Имаме разлики. Некои од прашањата што ги поставува Бугарија не се целосно во склад со европските вредности. Јас сум сосема уверен дека ќе има успех и за Северна Македонија и за Бугарија и за ЕУ“, смета вицепремиерот за европски прашања.
Коментирајќи го неодамнешниот нон-пејпер за промена на границите на Балканот, Димитров укажа дека секое бледнеење на европската визија за овој регион, раѓа компетитивни визии за иднината, поради што ЕУ мора одлучно да дејствува.
„Овој таканаречен нон-пејпер предизвика дискусија што ја сметам за опасна. Визијата за Балканот треба да биде европска каде границите сѐ помалку имаат значење. Сметам дека на регионот не му требаат поголеми држави туку величествени европски демократии и економии. Ваквите агенди јакнат затоа што слабее европската идеја за обединет европски Балкан во обединета Европа. Јас се обидувам да го активирам „ѕвоното на опасноста”, кажа Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сајкоски: Вчера докажавме дека Македонија не толерира некој да ја тероризира– граѓаните во нас препознаа луѓе кои ќе донесат правда во државата
„Вчера докажавме дека само заеднички, единствени како никогаш досега можеме да успееме. Можеме да успееме заеднички и да прегазиме секој противник, секој оној којшто прави штета на нашата држава и затоа ќе го снајде она што го снајде овој наш противник вчера. Ќе го снајде истото и на 8 мај. Голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Mакедонија“, голема победа на македонските граѓани и македонскиот народ. Почитувани кичевчани вие го покажавте револуционерниот дух. Тој никогаш не згаснал во вас. Покажавме дека можеме и дека ќе направиме се, дека имаме храброст, дека имаме елан да се спротивставиме и дека ние сме победнички расположени. Победнички за да ја донесеме Македонија онаму каде што и е местото Им дадовме јасно до знаење дека Кичевчани не толерираат повеќе изживување врз нив. Дека Македонија не толерира повеќе некој да ја тероризира! Ние не толерираме да лажат и крадат. Ние таквите ги казнуваме“, истакна на вечерашниот митинг во Кичево носителот на листата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5, Ѓорѓија Сајкоски.
Тој исто така повика на уште помасовна излезност на 8 мај за да се донесе историска победа за Македонија.
„Сакам исто така да ве повикам на 8 мај да излеземе во што поголем број и да донесеме историска победа на Македонија. Да донесеме историска победа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, потенцираше Сајкоски.
Тој истакна и дека оваа е историска победа бидејќи граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ препознаа луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија.
„Ние почитувани испишуваме историја. Испишуваме историја затоа што првпат од позиција на опозиција води некој политички субјект во Македонија со 180 илјади гласови. Испишуваме историја затоа што во нас препознаа македонските граѓани луѓе коишто се чесни, коишто се трудољубиви и луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија“.
Тој упати порака и до оние кои не излегоа на гласање дека ако сакаат да живеат во подобра Македонија треба да се придружат во големата победа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако сме согласни дека треба да имаме подобро здравство, подобро образование, дека инфраструктурата во ИЕ 5 е катастрофална и дека треба да направиме комплетно нова, придружете се. Придружете се во голема победа за Македонија. Придружете се и само така, само единствени може да победиме и може да донесеме влада којашто никој не може да ја уценува и може да донесеме премиер што испорачува. Да испорача да имаме одлична инфраструктура, да бидеме први во регионот наместо последни и да направиме економски бум“, истакна Сајкоски и додаде:
„Поканете го секој, разговарајте со секој затоа што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ се политички субјекти којшто мислат добро за сите во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го заслужува вашиот глас, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ беше и остана браник на македонската државност“.
Македонија
(Видео) Ковачевски: Нема откажувања, ги повикувам граѓаните на 8 мај да излезат масовно и да дадат поддршка за Пендаровски и СДСМ
Со исправена глава, поставени на вистински европски пат кој е единствена опција за суштинска промена во нашата држава. Во тоа име ве повикувам масовно, ги повикувам сите граѓани на Македонија масовно да излезат на избори, на 8 мај и својот глас да го дадат за нашиот претседател Стево Пендаровски и за пратеничките листи на СДСМ и коалицијата за европска иднина, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на митинг на коалицијата за европска иднина во Чучер Сандево.
-Сакам да ве поттикнам да разговарате со секој ваш пријател, роднина, сосед, до 8 мај, да кажете дека ДА, разбравме каде сме грешеле, дека имаме јасна програма и план како сето тоа да го поправиме и исто така да кажете дека ние сме таа партија која ги обезбеди сите овие прогресивни работи за државата и кои ја ослободија државата од канџите на само една политичка партија која имаше се во свои раце во цела една декада. Ве повикувам никогаш да не се откажете во она што веруваме и да се бориме да успееме за се она што сме го напишале во програмата да стане реалност и државата да стане многу подобра од она што е денес, рече Ковачевски.
Јас заедно со моите другари како денес, со Санела, Сузана, Оливер, Фатмир ќе бидеме секој ден меѓу граѓаните. Во секој град, секое село, секоја куќа, со секој граѓанин, додаде Ковачевски.
-Ве повикувам и вас, да ни се придружите и заедно да ја пренесеме пораката за напредна држава, пораката за држава која напредува, за држава во која сите се почитуваат и пораката за држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината и од борбата за напредна и прогресивна Македонија, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Македонија
Мицкоски: Разликата по вчерашниот изборен ден е цунамито кое се крева, народот се излеа и тој бран на промени ќе ја порази оваа власт
Над 180 илјади разлика е доволен показател за само едно, народот е на нозе и народот се крена против оваа власт, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Кичево.
„Оние кои што се удираа во гради дека ќе сме се сокриеле после изборниот ден, јас денес не ги гледам. Сокриени коваат сценарија за бојкот, на врата се пред Мала речица да ги молат за гласови, како што ги молеа за тендери. Но, народот е посилен и од тие стотина луѓе од ДУИ кои управуваат со државата и од тој артаноиден режим“, изјави Мицкоски.
Според Мицкоски разликата по вчерашниот изборен ден е толку изразена, што е поголема од вкупниот број на гласови на Пендаровски освоен на изборите.
„Ова е цунамито кое се крева и кое ќе се удри од главата на оваа власт. Народот се излеа и тоа незадоволство и тој бран на промени ќе ги порази. Сакам да предупредам дека работата не е воопшто завршена. Потребно е жолтиот картон да стане црвен. На 8 мај потребно е масовно да се излезе и да се гласа за промени“, вели Мицкоски.
Мицкоски укажа дека е многу важно разликата да биде уште поголема.
„Затоа што добивам информации за црни сценарија кои се коваат во противничките штабови и да им кажам колку и тие да планираат такви сценарија, народот уште пожестоко ќе ги казни. Излезот власта го гледа во две работи. И двете се губитнички сценарија. Првото е бојкот на изборите каде што најисправниот одговор треба да биде излезноста и масовноста на овие избори. Второто сценарио е играњето со белезите на Македонија и великодушните понуди што овој пат ги добива ДУИ за сметка на Македонија од СДСМ за еден партнерски настап и взаемна поддршка на изборите“, кажа Мицкоски.
Мицкоски кажа дека двете сценарија им се за тоа како ДУИ и СДСМ да извлечат некаква полза, за сметка на пропаста и назадувањето на државата.
„Тоа нема да го дозволам. И затоа одговорот е масовна излезност на 8 мај“, порача Мицкоски кој заклучи: „да покажеме заедно дека силата на Македонија е во нас, во сите нас заедно, и да бидеме пример на сите идни генерации“.