Македонија
Во рамки на самитот Брдо-Бриони, Пендаровски се сретна со Пахор и Милановиќ
Претседателот Стево Пендаровски, денеска во рамки на учеството на самитот на Брдо-Бриони оствари одделни средби со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор и со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ.
На средбата со претседателот Пахор, претседателот Пендаровски истакна дека земјава силно ги вреднува одлучноста и поддршката од Словенија кон политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, како и најавата дека тоа ќе биде меѓу врвните приоритети во агендата на претседавањето на Република Словенија со Советот на Европската Унија во втората половина на 2021 година.
Претседателот Пендаровски посочи дека Северна Македонија е подготвена за првата меѓувладина конференција за почеток на преговарачкиот процес. Северна Македонија, посочи претседателот Пендаровски, останува посветена на исполнување на надворешно-политичката цел, односно полноправно членство во ЕУ, што ќе овозможи забрзано спроведување на реформите во земјата.
Двајцата претседатели разговараа и за состојбата со пандемијата од Ковид-19 вирусот, како и за справувањето со последиците од неа.
На средбата, пак, со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, претседателот Пендаровски се заблагодари за силната и континуирана поддршка за европските аспирации, потврдена за време на шестмесечното хрватско претседателство со Советот на Европската Унија, кога беше донесена и одлуката за отворање на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, информираат од неговиот кабинет.
Интеграцијата на Северна Македонија и на останатите земји од Западен Балкан во ЕУ, како што беше истакнато на средбата, ќе придонесе кон трајна стабилизација на регионот, како и негов просперитет.
Двајцата соговорници разменија информации за актуелните состојби во двете држави, во контекст на справувањето со пандемијата од Ковид-19, како и за предизвиците во справувањето со последиците на здравствен, економски и на социјален план.
На средбата беше договорена скорешна посета на претседателот Пендаровски на Република Хрватска и продолжување на дијалогот меѓу двете земји на највисоко ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Возете внимателно, маглата ја намали видливоста на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 100 до 200 метри има од Тетово – Скопје – Куманово – Кочани – Сарамзалино – Велес – Неготино – Д.Капија и магла со видливост до 50 метри има Битола – Прилеп – Ѓавато – Ресен – М.Брод – Кичево и Дебар, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.

