Македонија
Филипче: Протерувањето на рускиот дипломат нема да ја политизира испораката на вакцините

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека до крајот на месецов во земјата треба да пристигне дополнителна количина на руски вакцини и според него протерувањето на рускиот дипломат од Македонија нема да влијае на испораката на вакцините.
„Во ниту еден момент за време на бројните средби, а и сега во телефонските разговори што ги имам со рускиот амбасадор нема никаква најава за политизирање на прашањето. Ниту беше така на почетокот, ниту е сега. Последните најави се дека ќе стигне одредена количина до крајот на мај, ќе видиме дали ќе биде така“, рече министерот Филипче.
Тој вели дека по вчерашното протерување на рускиот дипломат од нашата земја немал комуникација со руски претставници, но сепак очекува Русија да се држи до договорената набавка.
Според последните најави, кинеските вакцини на „Синовак“ ќе стигнат на почетокот на јуни.
Во јуни се очекуваат и 100.000 вакцини од „Фајзер“ преку системот „Ковакс“, а до тогаш останува уште два понеделника да стигнуваат 7 – 10.000 вакцини од „Фајзер“ преку системот за солидарност на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Охридското Езеро се порибува со околу милион единки на охридска пастрмка

Охридското Езеро се порибува со околу милион единки на охридска пастрмка, најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Денеска се наоѓам во Хидробиолошкиот завод – Охрид, поводот е порибување на Охридското Езеро согласно договорот кој го склучивме во Министерството со Хидробиолошкиот завод – Охрид и Институтот за сточарство и рибарство согласно Програмата од 2024 година. Обврската е да се пориби Охридското Езеро со минимум 400.000 единки охридска пастрмка кои се одгледани во Хидробиолошкиот завод – Охрид, и 200.000 единки од Институтот за сточарство и рибарство”, рече министерот.
Тој истакна дека е информиран од Хидробиолошкиот завод- Охрид дека иако минимумот беше 400.000 единки, сепак се одгледани 620.000 единки со кои ќе биде порибено езерото во наредниот период. Од Институтот за сточарство и рибарство информираа од минимум 200.000 единки одгледани се околу 350.000 единки на охридска пастрмка.
„Ова е показател дека по шест години застој продолжуваме со порибување на она што претставува наше најголемо богатство, а тоа е охридската пастрмка”, истакна министерот Трипуновски.
„Имаме зголемување на средствата во однос на Програмата за рибарство и аквакултура. Договорите за идната година склучени со Хидробиолошкиот завод – Охрид се од 3,3 милиони денари, додека со Институтот за сточарство и рибарство изнесуваат 1,7 милиони денари. Вкупниот број на риби кои што треба да бидат одгледани од страна на Хидробиолошкиот завод – Охрид се околу 1,1 милион единки со просечна тежина од 3 грама. Додека Институтот за сточарство и рибарство има обврска да одгледа околу 570.000 единки”, додаде министерот Трипуновски.
Тој посочи дека идната година Охридското езеро ќе се пориби со над 1,6 милиони единки.
Македонија
ДПИ со контроли за попустите на училишниот прибор, казните за непочитување се од 800 до 10.000 евра

Тимовите на Државниот пазарен инспекторат од денес на терен ги контролираат правните субјекти дали се придржуваат до одредбите на владината одлука со која ги задолжи трговците да ги намалат цените на училишниот прибор за најмалку 10% во трговија на големо и 15% во трговија на мало, а која ќе важи од денес до 15 септември.
„Согласно одредбите на Одлуката, правните субјекти се должни покрај новата намалена цена на производите да ја објават и старата цена која важела на 01.06.2025 година, цена која се зема како базична и на која се утврдува намалувањето. Потоа, пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место треба да биде јасно и видливо истакнат плакат со формат од најмалку А3, кој ќе содржи натпис ,,Помалку трошоци, повеќе за тебе”, како и натпис: ПОПУСТ НА УЧИЛИШЕН ПРИБОР, од најмалку 15%.“, соопшти инспекторатот.
Тимовите на Државниот пазарен инспекторат во наредниот период ќе ги контролираат правните субјекти на целата територија на државата и ќе постапуваат согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, каде казните се движат од 800 до 10.000 евра во зависност од големината на субјектот, а за целосно не почитување на одлуката предвидена е мерка – привремена забрана за вршење на дејност од 15 дена.
ДПИ апелкира до трговците да се придржуваат до одредбите на владината Одлука.
Македонија
Мисајловски: Одбранбените капацитети на Армијата продолжуваат да се зголемуваат

Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска беа промовирани новите 29 JLTV оклопни возила, со што бројот на овој тип на возила кои ги поседува Армијата се зголеми на 67.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, истакна дека одбранбените капацитети на Армијата продолжуваат да се зголемуваат и зајакнуваат и дека во соработка со САД и програмите преку кои се вршат набавките за модернизација на македонската Армија, бројот на лесни оклопни возила се зголеми речиси за двојно.
„Нови 29 оклопни возила кои се набавени преку договорот Влада со Влада веќе се дел од Армијата. Со оваа нова достава, се приближуваме до потребниот бројот на возила, а дополнително, очекуваме во скоро време да ни пристигнат и дел од оклопните возила STRYKER кои исто така се од американско производство“, истакна Мисајловски и додаде дека возилата се предвидени за Лесната пешадиска баталјонска група, нашата декларирана единица која ќе биде подготвена за упатување и мисии во случај на потреба.
Министерот информираше дека потпишани се и 7 нови договори со САД, проекти кои се во процес на реализација, а се однесуваат на набавка на опрема за специјални сили, набавка на беспилотни системи, опрема за сајбер заштита, лесно пешадиско вооружување, средства за лична заштита и Комплет за контрола на здружен оган.
Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, рече дека овие лесни оклопни возила преставуваат олицетворение на постојаната поддршка на САД на Северна Македонија и нејзините одбранбени способности, а се и еден „силен и моќен симбол на вашиот напредок кон постигнување на модернизирана војска која што ќе биде опремена и подготвена да се соочи со потребите и барањата на денешната комплексна безбедносна средина“.