Скопје
Во сабота светскиот мотивационен говорник Ник Вујичиќ во Скопје
Во сабота, со почеток во 20 часот, во ВИП Арената на СРЦ „Борис Трајковски“, со свој мотивационен говор ќе се претстави големиот светски хуманист и говорник Ник Вујичиќ, човекот кој со својата неверојатна животна приказна, харизматичен лик и со длабока верба во Бога успеа да ги допре срцата на милионите фанови ширум светот ширејќи огромна верба и волја која им помогна на многу луѓе да го трансформираат својот поглед кон животот и светот
Настанот е во организација на „Центарот за поттик на креативни потфати“ и по иницијатива на г. Искра Донева од име на Град Скопје и нејзината организација „Нова Искра“ како и евангелско-протестантските цркви во Македонија.
По повод неговата посета „Центарот за поттик на креативни потфати“ се потруди да ја преведе и испечати на македонски јазик неговата прва книга „Живот без граници“, која ќе ја доживее својата промоција на „Саемот на книга“, но ќе биде достапна и на самиот настан во сабота по цена од 300 денари. Настанот ќе го води Жарко Димитриевски а целата програма ќе биде збогатен и со музички настапи на „Скопје Госпел Хорот“ како и култнитe македонски музичари Браќата Тавитјан.
Желбата на Ник Вујичиќ во однос на неговата посета во Македонија е сите собрани средства од билетите да бидат комплетно донирани во хуманитарни цели односно за опремување на салата за лицата со посебни потреби.
Билетите може да се набават преку МКТикетс по цена од: 100/200/300/1000 денари. Тие може да се купат онлајн, преку вебсајтот на МКТикетс (www.mktickets.mk) или во нивната продажна мрежа која ги вклучува продавниците на ONE ширум Македонија. За повеќе информации во врска со настанот можете да ја посетите и веб-страницата: http://www.nickvujicic.mk/.
Ник Вујичиќ е роден австралијанец, со српско потекло чиј недостаток на рацете и нозете е резултат на ретката вродена аномалија наречена тетра-амелија синдром. Неговиот вроден физички недостаток го става во животот пред сериозни предизвици со кои успева да се избори и денес тој несебично го споделува своето животно искуство и станува инспирација за милиони луѓе ширум светот. Според Ник победата за време на долгогодишната борба со препреките пред кои бил ставен е резултат на силата и страста за животот како и силната верба во Бога. Преку својата цврста волја и шармантен хумор во последните 15 години успева на своите говори да мобилизира огромен број на фанови.
Овој 32-годишен мотивационен говорник во моментов го обиколува светот, зборувајќи пред преполни стадиони со 100.000 фанови, дел е од состаноци на светските лидери и пишува книги кои се продаваат со неверојатна леснотија и брзина./крај/со/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Комунална хигиена-Скопје: Најголемо количество непрописно одложен отпад во февруари, 600 кубни метри, е подигнато во општината Центар
Во текот на месецот февруари 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 11 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, извести ЈП Комунална хигиена-Скопје.
„Отстранети се и 2505 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 600 кубни метри – е подигнато во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец февруари изготви вкупно 100 записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Записниците за прекршителите на Законот за јавна чистота беа врачени во следните општини:
1. Општина Чаир – 54 записници
2. Општина Карпош – 18 записници
3. Општина Аеродром – 11 записници
4. Општина Центар – 9 записници
4. Општина Ѓорче Петров – 6 записници
5. Општина Гази Баба – 2 записника
ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со реализација на еко-предавања и работилници во скопските основни училишта и предучилишни установи. Преку еко-едукацијата најмладите жители на нашиот град се запознаваат со активностите на Претпријатието, се едуцираат како правилно и совесно да постапуваат со својот комунален отпад, на кој начин се врши примарната селекција на отпадот и како се одвива процесот на рециклирање.

Во текот на минатиот месец, 253 ученици и 64 дечиња од основните училишта и градинките во општините Аеродром, Центар и Чаир имаа можност да ги проследат едукативните предавања за правилно постапување со отпадот и заштита на животната средина. Предавањата се одвиваа на македонски, албански и турски јазик“, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Посебен режим на сообраќај денеска во Скопје
Денеска, во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Н.Е. Марк Руте.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.

