Регион
Уапсен масер кој пет години се претставувал како хирург и вршел пластични операции

Дваесет и тригодишен масер од Батајница кај Белград, кој со години држел „елитна“ ординација за пластична хирургија во српскиот главен град, е уапсен по неколкунеделна полициска потрага, откако десетици жени се пожалија на здравствени проблеми како последица на неговите неуспешни и нестручно изведени операции.
На Сава Кнежевиќ и неговата мајка Даниела (49), цвеќарка по професија, која му помагала, ќе им се суди за надрилекарство. На двајцата им е одреден 48-часовен притвор, јавуваат српските медиуми.
Кнежевиќ пет години „оперирал“ и вршел естетски зафати како инјектирање ботокс и липосукции, иако не бил квалификуван за нив, а клиенти во неговата „дива“ ординација, во која цените биле драстично повисоки отколку во легитимните ординации, биле и личности од јавниот живот во Србија.
Лажниот доктор се сомничи дека осакатил десетици луѓе, главно жени, претставувајќи се лажно како специјалист по реконструктивна хирургија. Ординацијата била опремена со најскапа опрема и се наоѓала на атрактивна локација во центарот на Белград, но околу неа немало никаква назнака дека се работи за медицинска установа. Хируршите зафати се вршеле на импровизирана маса за операции поставена на застаклена тераса, а на „докторот“ Кнежевиќ му помагал цел медицински тим, за кој полицијата сѐ уште открива дали биле измамници како и газдата, или се работи за вистински лекари кои не знаеле за кого работат.
Повеќе познати естрадни ѕвезди во Србија ја рекламирале незаконската ординација на масерот Сава и се фалеле дека таму им бил извршен корективен зафат, сѐ додека во јавноста не почнаа да се појавуваат слики од унаказени усти, гради и задници, а случајот стана национален скандал.
Уапсениот Кнежевиќ имал поминато само прва година на Стоматолошки факултет, а работел како масер со завршен курс. Наместо да ги разубави, како шо им ветувал, лажниот доктор на многу жени им предизвикал лузни, изгореници и дупки на разни делови од телото од каде земал мрсно ткиво за пресадување во гради или во уста. Дел од пациентките кои го пријавиле и го тужат Кнежевиќ, велат дека им бил загрозен и животот.
Како што пишуваат медиумите, Кнежевиќ во последните месеци дури и го проширил „бизнисот“ и почнал да им нуди на странци аранжмани за вакцинирање во Србија, по цена од 600 евра за две дози.
Неверојатно вештиот измамник дури успеал во 2017 година, кога имал само 19 години, да им одржи предавање на француски лекари во една клиника во Париз, а медицинската установа до неодамна ја имала објавено на својата веб-страница снимката од неговото „предавање“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.