Регион
Димитров: Северна Македонија изгуби 3 години не прифаќајќи ја општата историја
Македонските историчари изгубија 3 години во неподготвеноста да ја прифатат формулацијата на договорот за пријателство и добрососедство, со што станува јасно дека Бугарија и РС Македонија имаат заедничка историја. Ова во интервју за бугарски медиуми го изјави Ангел Димитров, копретседател на Мешовитата комисија за историски прашања од бугарска страна.
Димитров истакнува дека не е сериозно македонската страна да ја обвинува Бугарија за недостиг на напредок поради политичките процеси во таа земја поврзани со парламентарните избори. Во интервјуто Димитров вели дека токму македонските историчари ги искористиле изборите во нивната земја како изговор за блокирање на работата на Мешовитата комисија и дека оваа блокада продолжила под изговор дека постои пандемијата на коронавирусот.
Тој е дециден дека надворешниот притисок од сите земји членки на ЕУ, на кој се надеваат и политичарите и историчарите во Скопје, нема да доведе до промена на позицијата во Бугарија.
„Јас не сум политичар, далеку сум од политичките сфери, но како личност со одредено дипломатско искуство можам да кажам дека не постои начин да бидеме под притисок доколку јасно ги браниме бугарските позиции“, рече историчарот, кој беше бугарски амбасадор во Северна Македонија, пренесуваат бугарските медиуми.
Според него, најголем проблем е што Мешовитата комисија е заглавена сè уште во раниот среден век, т.е. македонската страна, како што вели, го оспорува бугарскиот карактер на Самуиловото Царство, што, според Димитров, е во спротивност со историските извори и современите достигнувања на светските студии.
„Нашите колеги не се согласуваат со историските извори. Тие шпекулираат со оние од општествените науки, а не од историјата. Според нив, во средниот век не била формирана националност и царството на Самуил не било бугарско, туку велат дека е македонско и дека веќе е формирана македонска нација. На овој начин тие си противречат на самите себе“, вели Ангел Димитров.
„Кога имаме целосно разидување во ставовите, тогаш се губи довербата во колегијалната и професионална работа на заедничката комисија“, додава Димитров.
Тој најави дека за речиси две недели, односно во јуни, ќе се одржи 14-тиот состанок на Мешовитата историска комисија.
„Почнав да се прашувам дали нашите македонски колеги се однесуваат повеќе како чувари на митовите, но сега почнав да размислувам дека тие почнуваат да се однесуваат како идеолози на антибугарската позиција, на која сме сведоци од минатото лето“, вели Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.