Европа
Меркел во приватен разговор остро ја критикувала источноевропската политика кон бегалците

Германската канцеларка Ангела Меркел ги критикувала владите на источноевропските членки на Европската унија кои одбиваат да ги прифатат бегалците, обвинувајќи ги дека попуштаат пред предрасудите и го забораваат своето минато, пишува во четвртокот порталот Politico.
Меркел тие коментари ги изнела на состанокот затворен за јавноста со пратениците на Европската народна партија (EPP – десниот центар) пред во средата со францускиот претседател Франсоа Оланд заедно да му се обратат на Европскиот парламент.
Без да ги именува Унгарија ,Чешка и Словачка и некои балтички земји, коишто се противнички на прифаќањето на бегалците и европските квоти, Меркел рекла дека тие членки на Европската унија најдобро би требало да знаат како е да се живее зад оградата, бидејќи и самите минале низ такво искуство.
„Ние источните Европејци, а јас себеси се сметан источна Европејка, видовме дека изолацијата не помага, Бегалците нема да се запрат само затоа што ние изградивме огради, и самата доволно долго живеев зад ограда. Оние коишто имаа среќа да го доживеат крајот на Железната завеса сега мислат дека можат целосно да се исклучат од одредени појави кој ја следат глобализацијата“, рекла Меркел која е родена и живееше во поранешната комунистичка Источна Германија.
Конзервативните премиери на Унгарија и Словачка, Виктор Орбан односно Роберт Фицо ја критикуваа Меркел бидејќи ги отвори германските граници за бегалците од Блискиот исток, Африка и Азија, со што според нив го поттикнала уште поголемиот доселенички бран од исламските земји кој претставува закана за христијанските вредности на Европа.
„За тоа не може да се преговара. Кои сме ние да ги браниме христијаните во светот доколку велиме дека не сакаме муслимани или џамија во нашата земја. Тоа не оди така“, рекла Меркел.
Германската канцеларка смета дека на источните членки на ЕУ треба да им биде дадено повеќе време за да го прифатат нивниот дел бегалци, но и оти да се отфрлат бегалците во принцип е опасност за Европа.
EPP, најголемиот политички блок во Европскиот парламент, досега не донесе никаква дисциплинска мерка против партијата Фидес на Орбан, и покрај напорите на помали групи во ЕП Унгарија да биде исклучена од членството во Европската унија затоа што ја обвинуваат дека ги крши човековите права со нејзиниот однос во мигрантската криза.,/крај/мф/сн
Извор: Hina
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Жерар Депардје прогласен за виновен за сексуален напад

Судот во Париз го прогласи францускиот актер Жерар Депардје за виновен за сексуален напад врз две жени на филмски сет во 2021 година во еден од најзначајните случаи на #MeToo што се појавиле пред судовите во Франција, објави Си-ен-ен.
Депардје, истакната личност во француското кино, постојано негира каква било вина за време на судењето, а неговиот адвокат побара отфрлање на обвиненијата.
На судењето тој изјави дека медиумите ги искористиле обвинувањата за да му го нарушат угледот. Тој го критикува движењето #MeToo.
„Ова движење ќе се претвори во терор“, рече тој.
Сепак, судијата Тиери Донард објаснувањето на Депардје за инцидентот го сметаше неубедливо.
Државното обвинителство побара од судот да му изрече условна казна затвор од 18 месеци на 76-годишниот Депардје и глоба од 20.000 евра.
Судењето на Жерар Депардје се смета за пресвртница за француската филмска индустрија, која со години беше обвинувана дека е бавна, па дури и отпорна на обвинувањата за злоупотреба од страна на жените.
Во извештајот на францускиот парламент објавен минатиот месец се заклучува дека сексуалното насилство и сексуалното вознемирување остануваат ендемски во француската забавна индустрија и дека жените и децата сè уште се редовно изложени на предаторско однесување.
Европа
Пожар избувна во куќата на британскиот премиер, уапсен млад човек

Дваесет и едногодишен маж е уапсен под сомнение дека го запалил домот на британскиот премиер Кир Стармер во северен Лондон. Полицијата се сомнева дека пожарот бил подметнат со намера загрозување на животот. Метрополитенската полиција потврди дека осомничениот е уапсен во раните утрински часови и е во притвор.
Апсењето е поврзано со три одделни пожари што се случија во северен Лондон во текот на изминатата недела: пожар на приватна адреса во Кентиш Таун, запалено возило и уште еден пожар на влезот во друга зграда.
Полицијата соопшти дека бидејќи куќата била поврзана со добро позната јавна личност, истрагата ја презел одделот за борба против тероризмот на метрополитенската полиција. „Во тек е истрага за да се утврди што го предизвикало пожарот“, соопшти полицијата. „Сите три пожари во овој момент се третираат како сомнителни“.
Иако Кир Стармер живее на Даунинг стрит како британски премиер, тој сè уште ја одржува својата приватна адреса во северен Лондон. Влезот во куќата беше оштетен, но немаше повредени.
Еден од жителите на улицата рече дека слушнал силен тресок што звучел како „молотов коктел“.
Портпаролот на лондонската противпожарна бригада потврди дека биле повикани поради мал пожар пред куќа во Кентиш Таун во понеделникот наутро. На местото на настанот беа испратени две противпожарни возила од локалната станица.
Кабинетот на премиерот соопшти дека Стармер им е благодарен на службите за итни случаи за нивниот брз одговор, но дека поради истрагата, која е сè уште активна, не може да даде дополнителни коментари.
Европа
Украина убедена дека го предвидела следниот потег на Путин: „Тоа ќе биде конечен доказ“

Неприсуството на рускиот претседател Владимир Путин на преговорите за завршување на војната во Украина во Истанбул би бил последен сигнал дека Кремљ не сака крај на конфликтот, изјави денес шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
Шефот на канцеларијата на Володимир Зеленски на безбедносниот форум во данската престолнина изјави дека украинскиот претседател разговарал со својот турски колега Ердоган еден ден претходно, кој потврдил дека Турција е подготвена да биде домаќин на преговори за завршување на војната во Украина.
Киев досега не добил никаков одговор или потврда од Русија дека Путин ќе пристигне во Истанбул, но важно е да се потврди дека Зеленски е подготвен да пристигне во најголемиот град во Турција, рече Јермак за време на панел-дискусија со поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен.
Јермак, всушност, откри дека Украина очекува Путин да не се појави во Турција и дека ова ќе биде конечен доказ дека рускиот претседател не сака мир.
„Ако Путин одбие да дојде во Турција, тоа ќе биде последен сигнал дека не сака да ја заврши војната и дека Русија не е подготвена за преговори“, рече Украинецот.
Ако тоа се случи, „реакцијата на САД и на целиот свет мора да биде силна“, продолжи Јермак повикувајќи на нови санкции и воена помош за Украина.
Денес, во Киев, од кабинетот на Зеленски за „Ројтерс“ појаснија дека украинскиот претседател ќе се сретне само со рускиот претседател во Турција в четврток, а не и со другите членови на руската делегација.
Началникот на кабинетот на Зеленски, Јермак, изјави дека Украина се согласила на прекин на огнот пред два месеца за време на преговорите со посредство на САД во Џеда, Саудиска Арабија, но дека Русија е таа што го отфрла.
„Украина е подготвена за преговори – но, првин примирје, а потоа ќе разговараме“, заклучи Јермак во своето видеообраќање на Copenhagen Democracy Summit.