Македонија
Стручната комисија не најде неправилности во третманот на Веапоска, згрешен бил само полот на бебето
Комисијата не констатирала недостатоци, неправилности или пропусти во здравствената установа во Струга, во случајот со родилката Јилдиз Веапоска, која тврдеше дека останала без три здрави органи – матка, бубрег и јајчник откако отишла да се породи со царски рез во струшката болница.
Комисијата беше формирана по налог на министерот за здравство Венко Филипче во март годинава, беше составена од седум членови и имаше задача да изврши надзор над стручната работа на ЈЗУ Општа болница во Струга, а во врска со општата состојба и лекарскиот третман на пациентката.
Единствениот пропуст што го нашла комисијата било дека постои несовпаѓање во напишаните податоци за полот на новороденчето, односно таа родила женско дете, а било напишано дека е машко.
Во извештајот на комисијата стои дека на 27 август минатата година таа се јавила во ЈЗУ ОБ Струга на Одделението за гинекологија и акушерство, каде и е извршен прием заради завршување на бременоста.
„Кај пациентката е направен царски рез и е добиен жив женски плод. Пациентката ноќта се жали на болки во стомакот, повикан е анестезиолог, направена е крвна слика и дадена ѝ е терапија. Во постоперативниот тек пациентката е следена интензивно од страна на медицински тим гинеколози и анестезиолози во струшката болница. На првиот постоперативен ден (28.8.2020) состојбата на пациентката е стабилна, но од крвните анализи се воочува редукција на крвната слика, а целиот лекарски тим постапува по сите протоколи и доктрини, дадена е терапија, но анализите покажуваат пад на хемоглобин. Вториот постоперативен ден пациентката е стабилна со уредни параметри, таа била активна и подвижна, на пациентката ѝ е направена контролна крвна слика. Третиот постоперативен ден на утринската визита пациентката е исто така во стабилна општа состојба со уредни витални параметри, уредна температура, контролната крвна слика покажува пад на хемоглобин и на еритроцити“, стои во извештајот.
Според комисијата, четвртиот ден, пред да биде испишана од болница, состојбата ѝ се влошила и таа добила тахикардија, хипотонија и клиничка слика која укажувала на хеморагичен шок, односно состојба со многу низок хемоглобин, што било индикација за итна интервенција. Откако се интервенирало, увидено било дека таа има крвавење во дел од стомакот каде што се наоѓаат репродуктивните органи и бубрезите.
„За да се спречи крвавењето, се пристапува кон вадење на матката и левиот јајчник. Крвавењето не запира, повикан е конзилијарен хирург и е утврдено дека лево ретроперитонеално има хематом што довело до сомнение за крвавење во пределот на бубрегот. За да се спречи крвавењето е пристапено кон отстранување на левиот бубрег за да се спаси животот на пациентката. Сериозноста на состојбата се гледа и по анестезиолошките листи на дадена терапија (10 единици крв и 9 свежи смрзнати плазми). Пациентката била во животозагрозувачка состојба поради обилното крвавење, а лекарите успеале да ја одржат во живот. Комисијата заклучи дека вакви компликации при гинеколошко акушерски операции се ретки, но сепак се случуваат“, стои во извештајот.
За ова, според комисијата, лекарите од струшката болница ги консултирале колегите анестезиолози од КАРИЛ и одлучено е пациентката да биде транспортирана во Скопје.
„По префрлање на пациентката во КАРИЛ направена е КТ на абдомен и е поставена индикација за итна ререинтервенција од страна на уролозите од Клиника за урологија, по што состојбата на пациентката се стабилизира и таа е испишана во добра општа состојба“, пишува во извештајот.
Во март годинава, за случајот беше разрешен директорот на струшката болница, доктор Мухамед Асани, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат кај него дома во засебен инспекциски надзор најде дива ординација. По ова, за работата на докторот Асани се отвори постапка и во обвинителството во Струга.
Лекарската комора првично не најде пропусти во третманот на родилката Веапоска, по што министерот Филипче формираше нова комисија составена од професори и лекари од неколку Универзитетски клиники во Скопје, правник од Министерството за здравство и од ДСЗИ, која денеска го поднела извештајот до Министерството за здравство.
„Сфатив дека нешто се случува со мене 12 часа по операцијата кога имав големи болки, подуен стомак и докторите ми кажаа дека тоа е нормално зошто ми била втора бременост и така бев оставена 5 дена во болки и ниту еден доктор не ми направи ехо. Сакаа да ме испратам дома. Во отпусното писмо никој не пишал дека ми се извадени три здрави органи, тоа го дознав дури откако бев однесена на КАРИЛ“, изјавуваше Веапоска во март годинава, барајќи одговорност за случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
„На средбата беше реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит. Претседателката изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателката упати покана за официјална посета на претседателот Пармелан“, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа се заблагодарила за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.
Посочила на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион.
Соговорниците го споделиле мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави.
Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изразила сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Од утре следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на утрешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Министерот – глумец контра правата на културните работници, велат од Левицата
Министерот за култура, Зоран Љутков е тотално отсутен и очигледно незаинтересиран за условите и правата на своите довчерашни колеги – културните работници. Веднаш по стапување на функција, тој го сврте грбот на сѐ што значи култура во Република Македонија, реагираат од Левица.
„Министерот очигледно не ги разликува колективните договори, нивната важност и примена. Му укажуваме дека Колективниот договор за култура не е еден од најдобрите во Република Македонија, напротив далеку од тоа. Истовремено, Општиот Колективен договор за јавниот сектор, кој е донесен подоцна, важи за сите вработени во културните институции и неговите одредби задолжително се применуваат.
За на јавноста да и биде појасно, најголем проблем со испразнетите буџети произлегува од членот во Општиот колективен договор кој предвиде зголемување на платите на културните работници од 10 проценти, почнувајќи од септември 2023 година. Министерството за култура најпрвин го имплементираше ова право и ги зголеми платите за подоцна да донесе решенија со кои истотот зголемување го суспендираше..
За да биде поуверлив во своите настапи, министерот-глумец дури сам си ги спонзорира на социјалните мрежи своите настапи од собраниската говорница, нешто налик на самопромоција, имајќи во предвид декана културните работници повеќе не им се интересни неговите улоги“.
Ароганцијата, додават од оваа партија, оди дотаму што министерот јавно коментира судски одлуки од собраниска говорница и тоа, како што велат, на неправосилни пресуди кои културните работници ги добија во прв степен. „
Но, познавајќи го карактерот на владеачката партија и нејзините тесни врски со судството, сосем е можно повисоките судови да ги укинат првостепените пресуди, а не да ги поништат како што тврди неинформираниот министер.
Но, самиот факт што министерот за култура ги изложи своите колеги на судски процеси треба да му биде јасена слика дека води политика спорот на интересите на културата и културните работници. Да не заборавиме и дека министерот ги остави културните работници без плата за време на празниците, без никакво соопштение или објаснување“.
Левица го повикува министерот, како што истакнуваат, да се вразуми и конечно да ги заштити стекнатите права на културните работници.

