Свет
Владимир Путин застана на страната на Лукашенко во спорот околу летот на „Рајанер“
Рускиот претседател Владимир Путин застана на страната на неговиот белоруски сојузник Александар Лукашенко, кој е во расправија со Западот во врска со присилното слетување на авионот на „Рајанер“ и за апсењето на белорускиот дисидент, пишуваат руските агенции.
Путин, близок сојузник на Лукашенко, го поддржа својот колега, срдечно пречекувајќи го на разговорите во јужниот руски град Сочи. Двајцата лидери се согласија дека реакцијата на Западот за инцидентот е „излив на емоции“, пренесуваат медиумите.
„Едно време, тие го имаа принудено авионот на боливискиот претседател да слета, а потоа го извлекоа и ништо, тишина“, рече Владимир Путин, осврнувајќи се на настанот од 2013 година кога авионот на Ева Моралес мораше да слета во Австрија во време кога САД се обидуваа да го уапсат Едвард Сноуден.
Разговорите меѓу Путин и Лукашенко во црноморскиот град Сочи беа организирани пред инцидентот со авионот, но доаѓаат во време кога голем број европски земји воведуваат забрани за летови на белоруски авиони. Европската Унија размислува и за дополнителни санкции.
Лукашенко му кажа на Путин дека ќе му покаже доверливи документи за летот на „Рајанер“ за да му помогне на рускиот лидер да разбере што навистина се случило.
„Секогаш постои некој што ни прави проблеми. Ги знаете, ќе ве известам за нив “, му рече Лукашенко на Путин.
„Донесов некои документи за да можете да разберате што се случило“, му рече Лукашенко на Путин.
Москва тврди дека Белорусија покажала подготвеност за транспарентност во спорот.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги обвини западните земји за „демонизирање“ на властите во Минск, пишуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Брисел се дискутира можноста за воведување царини на американски производи, јавува „Фајненшл тајмс“
Во Брисел во тек е итен состанок на европските амбасадори на кој се дискутира за можниот одговор на американските царини што ги воведе Доналд Трамп, пишува „Фајненшл тајмс“.
Една од главните опции што се разгледуваат е воведување царини на американски производи во вредност од 93 милијарди евра. Според изворите запознаени со состојбата, овој пакет на контрамерки бил ставен на чекање минатиот август откако Европската унија постигнала трговски договор со САД. Таа шестмесечна суспензија истекува следниот месец, освен ако Европската комисија не одлучи да ја продолжи.
Како друга можност се спомнува и ограничување на пристапот на американските компании на пазарот на ЕУ. Се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да побара активирање на Инструментот против присила на ЕУ, механизам што им овозможува на членките да возвратат трговски мерки против земји што вршат економски притисок.
Досега најавите од состанокот не се објавени, бидејќи дискусијата сè уште е во тек.
Свет
Руте: Разговарав со Трамп за Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за безбедносната состојба на Гренланд и Арктикот. Разговорот се одржал телефонски, но Руте не наведе детали за содржината.
Тој најави дека ќе се сретне со Трамп следната недела на Светскиот економски форум во Давос, каде се очекува присуство на политичката и бизнис елита.
Контекстуално, разговорот доаѓа во време кога Трамп бара целосно сопствеништво над Гренланд, кој е автономна територија на Данска. Претходно, тој се закани со зголемени царини за осум земји што одлучија да испратат војници како поддршка на НАТО-вежбата на Гренланд.
Свет
Данска се обидува да го одврати Трамп од идејата дека мора да биде сопственик на Гренланд
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека Копенхаген се обидува да го разубеди американскиот претседател Доналд Трамп од идејата дека мора да го поседува Гренланд.
Расмусен го изјави ова на прес-конференција во Осло, по средбата со својот норвешки колега. Тој нагласи дека вниманието кон Гренланд не треба да го засени фактот дека во Украина сè уште се води војна и дека е во критична фаза.
И покрај заканите од Вашингтон, Данска, според Расмусен, сака да продолжи со дипломатски пристап. По средбите во Вашингтон со потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, и со државниот секретар Марко Рубио, решено е да се формира работна група на високо ниво која ќе разгледа дали постои заедничко решение. Првата средба се очекува во наредните недели.

