Економија
Пуштена во употреба првата фаза од експресниот пат Штип – Радовиш
Од денес граѓаните ќе може да патуваат по експресниот пат Штип – Радовиш, кој е комплетно завршен со должина од 23,56 километри од клучката Штип југ до Бучим. Премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, ја имаа честа први да возат по овој пат.
„Оваа прва фаза е завршена на 22 април годинава, пред предвидениот рок, во услови на пандемија. Кога застана целиот свет, тука се работеше интензивно. Така, во рок од три години, во согласност со предвидената динамика, добивме завршен проект по сите европски правила за подигнување на нивото на безбедност во сообраќајот и изградба на експресен пат по најсовремени стандарди. Сакам да напоменам дека во последните триесет години ова е единствениот пат завршен пред предвидениот рок и силно верувам дека овој тренд на прецизност, висока професионалност и без никакви проектни и градежни отстапувања ќе се следи и во иднина“, рече премиерот Зоран Заев во воведното обраќање по повод пуштањето во употреба на експресниот пат Штип – Радовиш, прва фаза.
Тој рече дека изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш има исклучително влијание врз развојот на економијата во овие три региони – Штип, Радовиш и Струмица и придонесува за рамномерниот регионален развој, побрз транспорт на стоки, на услуги, како и на луѓе.
„Експресниот пат Штип – Радовиш се надоврзува на автопатот Миладиновци – Штип и благодарение на тоа граѓаните на југоисточниот дел на нашата земја за многу пократко време ќе патуваат и пристигнуваат до главниот град Скопје. Времето за патување возејќи прописно и безбедно – двојно се скратува“, истакна Заев и додаде дека интензивно се гради југоисточниот дел од нашата земја и дека продолжуваат да инвестираат во капиталните проекти.
Министерот Бочварски рече дека експресниот пат Штип – Радовиш е од огромно значење и за економскиот развој на регионот ако се има предвид дека овде работат приближно 12 илјади мали и средни претпријатија.
„Сакам да информирам дека интензивно работиме и на изградба на втората фаза од овој експресен пат – делниците од клучката Три Чешми до Штип југ, како и делница од Бучим до Радовиш. Очекуваме оваа делница комплетно да биде завршена средината в година. Овој експресен пат е дел од државната А4-рута, почнувајќи од граничниот премин Блаце, преку обиколницата кај Скопје и новиот автопат до Штип и преку овој експресен пат се поврзуваме со соседна Бугарија. На тој начин добиваме брза патна врска на целиот Југоисточен Регион“, рече Бочварски.
Директорот Рустеми рече дека вкупната проектирана должина на комплетниот експресен пат А4 е 40,46 километри, а вкупната вредност е речиси 60 милиони евра.
„Со техничките квалитети на експресниот пат, со по една коловозна и помошна лента и со ширина од 11,4 метри, тој претставува основа за можен иден автопат. Максималната брзина на движење на возилата е 110 километри на час. Оваа прва фазата од експресниот пат А4 во време на пандемија е комплетно завршена во предвидениот рок од 3 години. Изградена е во согласност со важечките прописи и стандарди со издвоена вкупна вредност од 45 милиони евра. Заради подобро поврзување со блиските населени места на експресниот пат, изведени се вкупно 40 објекти за премостување, односно 4 клучки во согласност со највисоките стандарди, 7 натпатници и потпатници, 11 мостови и вијадукти и сето ова за полесен пристап на граѓаните до и од експресниот пат. По целата должина на патот има заштитна жичена ограда за побезеден сообраќај“, рече Рустеми и додаде дека со спој на патниот правец А4 Штип – Радовиш со автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип се овозможува комуникација со регионите надвор од државава и пошироко.
Претставникот на Европската банка за Северна Македонија, Андри Аранитаси, истакна дека проектот претставува постојан придонес на Банката во насока на подобрување на транспортната инфраструктура на земјата и ја потврдува нејзината посветеност кон тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

