Црна хроника
Индијци и Пакистанци со пиштоли и стапови нападнале и ограбиле мигранти на Табановце
Двајца Индијци и двајца Пакистанци вооружени со пиштол, стапови и палки нападнале други мигранти кои се движеле пеш во близина на Табановце. Тие ги ограбиле, одземајќи им пари и мобилни телефони.
Основното јавно обвинителство Куманово за нив донесе наредба за спроведување истражна постапка. Јавниот обвинител за осомничените, од кои двајца се државјани на Република Индија, останатите на Исламска Република Пакистан, поднесе предлог за определување на мерката притвор до надлежниот суд.
„ На 4 јуни 2021 година, околу 21:00 часот, во близина на Транзитниот центар Табановце, во состав на група од околу дваесет лица со употреба на сила, опасно орудие и огнено оружје, осомничените одзеле туѓи подвижни предмети од други лица со намера противправно да ги присвојат. Имено, додека три лица – оштетени се движеле пеш во близина на транзитниот центар Табановце со намера да ја преминат границата кон Република Србија, биле нападнати од група од околу дваесeт лица, меѓу кои биле и осомничените. Притоа еден од осомничените во рацете држел пиштол марка ‘зораки-М 906-Т’, додека останатите во рацете држеле стапови и палки, а на појасите имале и ножеви. Кога ги запреле оштетените, еден од осомничените започнал да им издава наредби на останатите, велејќи им ‘удри’, ‘земи им ги парите и телефоните’, ‘пукај’, при што осомничените лица започнале со напад и при тоа им задале повеќе удари со стапови и палки на оштетените во предел на главите и телата, а биле испукани и два истрела во земја. При нападот од оштетените биле одземени по 50 евра или 200 евра, како и мобилните телефони, при што им биле нанесени и повеќе лесни и тешки телесни повреди“, соопшти обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Скопјанец го онесвестил брата си со дрвена ногарка по глава и си легнал да спие, ОЈО го гони за обид за убиство
Скопското Обвинителство, по спроведена истражна постапка, поднесе обвинение против едно лице, за обид за убиство врз неговиот брат.
Обвинетиот 37-годишник, при вршење семејно насилство во семејниот дом во Марино, со умисла се обидел да го лиши од живот сопствениот брат, удирајќи го со дрвена ногарка по главата.
„Иако брат му бил сериозно повреден од ударите и изгубил свест, обвинетиот воопшто не се обидел да му помогне, туку легнал да спие. Следниот ден утрото забележал дека брат му лежи на истото место во локва крв, но повторно го оставил, а настанот го пријавил дури неколку часа подоцна. На оштетениот му биле констатирани повеќе тешки телесни повреди со кои му бил загрозен животот“, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судот достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.
Топ
Уапсени 12 лица од Скопје, купувале оружје и муниција од Косово, го криеле во Сингелиќ и Брест
По неколкумесечна предистражна постапка, денес во раните утрински часови, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, полициски службеници спроведоа претреси на повеќе локации на подрачјето на селата Брест, Инџиково и Арачиново, како и во скопските населби Ченто и Чаир.
Во акцијата беа уапсени 12 лица, за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела „Злосторничко здружување“ и „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“. Едно лице дополнително се сомничи за кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Постапувајќи по поднесена кривична пријава, јавниот обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка против сите 12 лица. Постои основано сомнение дека во периодот од април 2025 година до декември 2025 година тие создале и станале припадници на злосторничко здружение организирано за вршење кривични дела казниви со затворска казна од најмалку три години.
Првоосомничениот, од засега непознати лица од Република Косово, неовластено набавувал огнено оружје и муниција со цел понатамошна продажба, по што нелегално ги пренесувал на територијата на Република Северна Македонија. Оружјето и муницијата биле неовластено складирани на безбедни локации во селата Сингелиќ и Брест.
Од прибраните докази произлегува дека припадниците на групата имале јасно распределени улоги.
Првоосомничениот, како еден од организаторите, давал насоки за пронаоѓање потенцијални купувачи и за неовластено посредување во трговијата со огнено оружје и муниција. Еден од осомничените неовластено набавувал муниција и ги координирал активностите за доставување на оружјето до членовите на групата, додека друг го одржувал контактот со првоосомничениот и ја координирал доставата до непосредните купувачи. Дополнително, еден од осомничените, покрај неовластено посредување во трговија со оружје, се сомничи дека неовластено продавал и наркотична дрога – кокаин.
Ценејќи дека се исполнети условите за определување на мерка притвор, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ќе достави предлог оваа мерка да биде определена спрема сите осомничени.
фото/илустрација/депозитфотос
Црна хроника
Претреси на повеќе локации во Скопје за откривање дрога и оружје
Полицијата утрово изврши претреси на повеќе локации во Скопје за пронаѓање на оружје и дрога.
Во текот на утрово полициски службеници под раководство на јавен обвинител од обвинителството за гонење криминал и корупција, извршија претреси на повеќе локации во Арачиново, Ченто, Брест, Инџиково и Чаир поради основи на сомневање за сторени кривични дела поврзани со оружје и дрога.
Повеќе информации ќе бидат објавени подоцна.

