Култура
„Man Rec” и „Не ми ги допирај очите“ за крај на Танц Фест 2021
„Man Rec“ на французинот Амала Дианор и „Не допирај ми ги очите“ на македонската кореографка Адријана Данчевска вечерва ќе го крунисаат годинешното издание на Танц фест Скопје. Со почеток во 21 часот, во Домот на армијата, ќе се заокружи една недела извонреден современ танц, на кој беа претставени повеќе премиери на танцови претстави, танцови филмови, но беше одбележан и 10-годишниот јубилеј на Скопје танцовиот театар.
Во саботата публиката уживаше во маестралниот Загребачки плесни ансамбл и изведбата на „Ревел Ревел“, претставата „Најлон“ на Валентино Апостоловски и Благој Мицевски, а имаше можност и да го проследи „VITRO“, танцовиот филм на младиот Филип Петровски. Вчера пак, како дел од фестивалот, а со поддршка од Театроскоп, Француски институт и Француска алијанса Тетово, тетовската публика уживаше во „Man Rec”, во Домот на култура Тетово, која вечерва францускиот кореограф и танчер со потекло од Сенегал, Амала Дианор, ќе ја изведе пред скопската публика, повторно поддржана од истите партнери, известуваат од Танц Фест.
Преку „Man Rec” или „Само јас“ на волофски јазик кој традиционално се зборува во Сенегал, Дианор практично ќе претстави дијалог помеѓу неговите различни потекла, преку различни форми на урбани танци до современ танц, но и традиционални африкански танци, кои тој на уникатен начин ги вклопува во неговиот вокабулар на движење. Појдовна точка за оваа кореографија во изведба на самиот Дианор е идејата за сложената природа на поединецот: неговиот идентитет, неговиот однос кон другите, кон општеството. Со енергичен пристап кон оваа специфична комбинација на танци кои биле дел од неговото патување, тој ги истражува сите свои личности, алтер-ега и делови од себе, кои постепено и немилосрдно се откриваат, а потоа се бришат, еденоподруго – оставајќи го само последното „јас“, свртено кон себе, но и кон другите.
Веднаш потоа, во 22 часот, публиката повторно ќе има можност да ја проследи извонредната „Не ми ги допирај очите“ на домашната кореографка Адријана Данчевска, во изведба на Дејан Битровски и самата Данчевска, која се потпишува и зад костимографијата на претставата. На музика на Artefakt и Гордан Спасовски трио, Битровски и Данчевска на единствен начин, истовремено ќе претстават побуна и манифест на мирот. „Следете политика и главите кон сонцето“, суптилна иронија зад која стои моќна порака. „Не допирај ми ги очите“ се поистоветува со човекот во Македонија, го слави животот, убавото во едноставното и гневот на постоењето. „Кога ќе ме снема, може повторно да ме заима“, комплексната идеја за човековото битисување претставена преку елеганција и питки движења во кои публиката сигурно ќе ужива, велат од организацијата.
Информираат дека, поради временските услови, затворањето на Танц фест Скопје ќе се одржи на затворената сцена во Домот на АРСМ, наместо на првично утврдената локација, во Музејот на современата уметност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

