Македонија
Истражување на УНИЦЕФ: 80% од родителите високо ја оценија онлајн наставата

Позитивни оцени за онлајн наставата даваат анкетираните родители во истражувањето на УНИЦЕФ, спроведено со 1.793 родители. Дури 55% од анкетираните родители на деца кои посетувале настава на далечина истата ја оценуваат со „петка“ или одлично, 25% ја оценуваат со „четворка“ или многу добро.
„Истражувањето покажува дека перцепцијата на родителите е дека е значително подобрена онлјан наставата оваа учебна година во споредба со лани. Според податоците од истражувањето со родителите, може да се заклучи дека има голем напредок во однос на организацијата на наставата и квалитетот на истата, споредено со лани. Оваа година дури 45% од анкетираните родители рекле дека не се соочиле со поголеми потешкотии во однос на организацијата на онлајн учењето на своите деца, додека лани вака одговориле само 19%. Покрај ова, се забележуваат позитивни трендови во однос на сите прашања поврзани со наставата, па така само 14% од нив рекле дека ‘наставниците им даваат преобемни задачи на учениците’ во споредба со лани кога вака одговориле 29%“ соопшти МОН.
Како што се наведува, само 12% од родителите рекле дека не добивале доволно повратни информации од наставниците за напредокот на децата споредбено со лани кога 22% го тврделе ова. Понатаму, само 4% рекле дека организацијата на училиште била хаотична додека лани секој петти родител сметал вака и само 2% оваа година рекле дека наставниците не правеле никаква проверка на знаењето во споредба со 12% кои ова го тврделе за ланската учебна година.
На прашањето „Севкупно, колку сте задоволни од поддршката што ја добиваше Вашето дете од училиштето и од наставниците додека се одвиваше учењето од дома?“ 61% од анкетираните родители рекле дека се многу или прилично задоволни, што претставува значително попозитивен став споредбено со лани, кога 42% го тврделе истото.
Родителите се многу задоволни и од наставниците и начинот на кој тие работеле со нивните деца. Високи 70% ги оцениле наставниците со „петка“, а дополнителни 19% проценти со „четворка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.
Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)