Регион
Денеска конечна пресуда за Ратко Младиќ

Меѓународниот суд во Хаг денеска ќе ја донесе конечната пресуда против поранешниот командант на Армијата на Република Српска, Ратко Младиќ. Toj e осуден на доживотен затвор за геноцид и злосторства против човештвото над несрпското население за време на војната во БиХ.
Конечната пресуда против Младиќ е закажана за во 15 часот во Хаг. Неговиот син изјавил дека Младиќ ќе се појави во судницата на изрекувањето на пресудата.
Хашкиот трибуналво 2017 година го прогласи 78-годишниот Младиќ за виновен за геноцид во Сребреница, прогон на Хрватите и муслиманите низ цела БиХ, тероризирање на населението во Сараево со продолжено гранатирање и земање во заложништво на членови на УНПРОФОР. Според пресудата, Младиќ бил протагонист на сеопфатното заедничко злосторничко дело со цел трајно и насилно отстранување на муслиманите и Хрватите од голем дел од територијата на БиХ, со цел да се постигне српска доминација.
Со првостепената пресуда Младиќ е прогласен за виновен за десет од 11 точки на обвинението. Единствено е ослободен од вина за геноцид во општините Приједор, Сански Мост, Кључ, Котор Варош, Фоча и Власеница во 1992 година. На пресудата се жалеа и одбраната и Обвинителството. Одбраната бара ослободителна пресуда, додека обвинителството смета дека првостепениот совет погрешил кога го ослободил Младиќ за обвинението за геноцид и во западна Босна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Суштината на обоената револуција е Србија да биде најслаба во регионот, а јас да клекнам пред сите

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека суштината на обоената револуција е дека Србија мора да биде послаба во споредба со сите во регионот, како и тоа тој да биде неспособен претседател, кој би клекнал пред сите што не ѝ посакуваат добро на Србија, пренесуваат медиумите во соседството.
„Тоа е суштината на обоената револуција. Србија мора да биде скромна и секогаш мора да биде послаба од Хрватска и од сите други во регионот за да може да бидат задоволни“, рече Вучиќ во Палатата на Србија одговарајќи на новинарско прашање.
Вучиќ рече дека денес не е случај Србија да е најслаба во регионот, иако е посиромашна од другите, туку дека, од друга страна, напредува побргу од другите, што никому не му одговара.
„Тоа е една од причините зошто го прават тоа бидејќи би сакале да имаат некомпетентен претседател, кој би клекнал на колена пред сите оние што не ѝ посакуваат добро на Србија“, рече Вучиќ.
Тој ги обвини луѓето, за кои тврди дека се водачи на блокади, дека ја мразат Србија и ѝ посакуваат најлошо на својата земја наведувајќи дека поради нив, земјата е во тешка ситуација бидејќи „ја намалиле стапката на раст, го уништиле туризмот, како и многу економски гранки“.
„Дури и меѓу блокадите има такви што ја сакаат Србија, но не може да се одвојат од овие водачи – новинари, професори и политичари. Тоа е еден од проблемите“, рече Вучиќ, пренесува „Бета“.
Регион
Поради силни ветрови, во прекин фериботскиот сообраќај во Грција

Фериботскиот сообраќај во Егејското Море во Грција денес беше прекинат поради силни ветрови, кои достигнаа брзина од 60 километри на час, поради што илјадници туристи не можеа да одат до своите планирани дестинации.
Забраната за пловидба, која ќе биде во сила денес најмалку до 13 часот по локално време, важи во сите поголеми пристаништа во Атика, а само фериботите на неколку линии во областа Аргосароникос сè уште пловат, објавува „Јуроњуз“.
Пристанишните власти чекаат ветерот да стивне за да може да се укине забраната за пловидба.
Пловењето кон островите Киклади беше прекинато во пристаништето Рафина иако екскурзиите до Мармарис на островот Кос продолжија според планот.
Фериботите не сообраќаат од Пиреја, а пловидбата во пристаништето Лаврио е прекината во правец на Китнос и Агиос Маринас и Неа Стира.
Илјадници патници не можеа да го почнат своето патување утрово поради прекин на пловидбата и чекаат да одат на своите дестинации.
Грчката крајбрежна стража им советува на патниците да се консултираат со компанијата чиј ферибот треба да ги превезува кога ќе бидат можни нови поаѓања, како и да ги избегнуваат пристаништата на кои се појавил сообраќаен метеж.
Метеоролошката служба прогнозира дека силните ветрови ќе траат најмалку до недела, што би можело да влијае на фериботскиот сообраќај.
Поради оваа причина, властите им препорачаа на туристите да стапат во контакт со локалните пристанишни власти и компании пред да заминат.
Регион
Гори во Грција: издадена наредба за итна евакуација

Голем шумски пожар избувна денес во областа Каравадос на грчкиот остров Кефалонија, а издадена е наредба за евакуација на три области, јавуваат грчките медиуми.
Пожарот избувнал во земјоделска и шумска зона, а ангажирани биле 20 припадници на противпожарната служба со седум возила, како и членови на планинската спасувачка служба и волонтери, објави „Катимерини“.
„Доколку се наоѓате во областите Каравадос, Доризата и Керамис, засолнете се и упатете се во правец на Аргостоли. Следете ги упатствата на властите“, се наведува во известувањето на противпожарната служба.
Четири авиони и два хеликоптера исто така помагаат во гаснењето на пожарот, пишува грчкиот весник.
Фото: принтскрин