Европа
Могерини: Турција го продолжува спроведувањето на договорот за имигрантите
Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини изјави во саботата дека Турција се согласила да го продолжи спроведувањето на договорот за мигрантите кој го постигна со Европската унија, како и дека и двете страни ќе продолжат со работата на прашањето на либерализацијата на визниот режим за турските државјани, што беше една од одредбите за договорот.
„Мораме помалку да зборуваме едени за другите, а повеќе едни со другите. Во нашите разговори нема табуа“, рече во Братислава еврокомесарката за надворешна политика и одбрана Федерика Могерини, и во таа смисла додаде дека двете страни се согласиле дека порано преземените обврски се почитуваат, од визите преку царините до мигрантите, но и во економската сфера, пренесе Reuters.
Односите меѓу Европската унија и Турција беа една од темите на дводневниот неформален состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и на земјите-кандидати за членство во ЕУ (GYMNICH), кој се одржа во петокот и саботата во словачката престолнина Братислава, а на кој присуствуваше и шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.
Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, во меѓувреме се огласи до Диселдорф и оцени дека преговорите со Турција за придружување на ЕУ треба да бидат продолжени, без оглед на одредените тешкотии.
„Некои тврдат дека преговорите се готови или дека не се движат кон зададената цел. Меѓутоа, одлуката со Турција да се преговара за придружување кон ЕУ беше едногласна“, изјави Шулц, пренесува агенцијата DPA.
Шулц, меѓутоа, смета дека турското придружување не е опција до којашто може толку брзо да се дојде, имајќи ја предвид ситуацијата во земјата на внатрешен и на надворешнополитички план.
Турција ја поднесе кандидатурата за полноправно членство во Европската унија уште во 1987 година, а статусот кандидат го стекна уште во 1999 година, а од 2005 година преговорите западнаа во ќорсокак, поради низата проблеми од двете страни, и незаинтересираноста на главните европски земји. Турција ги започна пристапните преговори во Европската унија на 3-ти октомври 2005 година, а досега отвори само 16 од 35 преговарачки поглавја, од кои само едно е привремено затворено. ЕУ во декември 2006 година одлучи дека нема да ги отвори преговорите во осум поглавја и дека нема да затвори ниедно поглавје додека Турција не ги нормализира односите со Кипар.
ЕУ ѝ вети на Турција дека ќе ги забрза речиси замрените преговори во замена за склучување на договорот за запирање на миграцискиот бран кој нејзините земји членки. Преговорите со Турција од почетокот се контроверзно прашање во ЕУ, каде нејзините најголеми членки истакнуваат дека тие преговори се водат без гарантиран исход. Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер при преземањето на должноста во 2014 година истакна дека во текот на неговиот мандат до 2019 година нема да има проширување.
Можноста оваа доминантно муслиманска земја да стане дел од ЕУ ги загрижува многу земји членки, а односите станаа уште полоши по обидот за воен преврат во Турција од 15-ти јули.
Могерини и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан на 9-ти септември во Анкара треба да се сретнат со турскиот министер за европски прашања, Омер Челик. Тој во Братислава изјави дека Турција ќе го почитува договорот за имигрантите со ЕУ, но оти нема да се согласи на некои нови мерки, пред да се реши прашањето за визите за турските државјани. Челик, исто така, рече дека не е рационално Турција да ги промени своите антитерористички закони, што Брисел го поставува како предуслов за укинување на визите, сé додека е соочена со тероризмот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

