Економија
Седум компании добија прекршочни казни поради мазутот
Кај седум компании изречени се прекршочни казни во вкупен износ од 55.510 евра. Казните се поради немање залихи во резервоарите, што е законска обврска и неправилно сметководство. Како што информираше вицепремиерот Љупчо Николовски, утврдени се неправилности кај дел од компаниите увознички. Изречени се решенија за забрана за работа, забрана за пуштање во промет на мазут и покренати се барања за одземање на лиценците.
„„РКМ ДООЕЛ“ за немање залихи и за неточно водење на сметководство. „Суперјтрејд“, исто така за немање залихи во резервоарите, што, ќе повторам, е законската обврска. „Евротим“, поради немање залиха, и да потсетам истата оваа компанија има забрана за промет на мазут, поради отстапки во квалитетот. „Пертинакс-Скопје“, нема залихи на мазут. „Ли-оил ДБ Кавадарци“, нема залихи на мазут. „Блу технолоџи“, за несоодветна сметководствена евиденција, и оваа фирма, како што кажав погоре, има и привремена забрана за работа. „Ка-оил енерџи Кавадарци“, нема залиха и утврдено е дека компанијата вршела трговија на мазут без лиценца од Регулаторна комисија за енергетика“, изјави министерот Бектеши.
Сите наоди, како што информираше Николовски, утрово се доставени до Основното јавно обвинителство за понатамошно процесирање и утврдување на евентуална кривична одговорност.
Анализите, како што информираше Бектеши, го покажуваат следното:
Кај компанијата „Блу технолоџи“, е констатирано дека продава „мазут ППД“, којшто како производ не е деклариран во Правилникот за квалитет на течни горива. Поради тоа, ДПИ на компанијата ѝ изрече решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ.
Кај правниот субјект „САНС АГ Штип“, утврдено е производство на мазут од отпадни гуми, за кој Инспекторатот за животна средина констатираше дека не ги исполнува стандардите за квалитет. За оваа компанија, изречена е забрана за работа и барање за одземање на Б интегрирана дозвола.
„ДПИ за овие две компании достави допис до Државниот инспекторат за животна средина за покренување постапка за одземање лиценца, поради производство на производ кој го декларираат како мазут, а не соодветствува со параметрите на мазут, што е спротивно на Правилникот за квалитет на течни горива“, кажа Бектеши.
Понатаму според анализата, кај компанијата „Евротим“ утврдени се отстапки од граничните вредности на мазутот, што оваа компанија го увезува. Односно, параметрите за квалитет на мазут не одговараат согласно Правилникот. По задолжение од ДПИ двете цистерни од кои се земени мостри се вратени кај добавувачот. Дополнително, ДПИ има земено мостра и од складиштето на компанијата „Евротим“, за што анализите ќе бидат готови во текот на денешниот ден. ДПИ на оваа компанија ѝ изрече решение за времена забрана за пуштање во промет на мазут.
Кај пет цистерни со мазут на компанијата „Суперјтрејд“ утврдено е отстапување од параметрите согласно Правилникот за квалитет на течни горива, во делот на поголем процент на вода од дозволеното. Петте цистерни на овој увозник се вратени кај добавувачот. Дополнително, по неколку дена, кај оваа компанија е извршен уште еден инспекциски надзор, земени се три мостри и утврдено е дека земените примероци се во согласност со Правилникот.
При спроведената внатрешна контрола од Царинската управа, утврдено е дека кај една компанија, тоа е „РКМ ДООЕЛ“, декларираниот производ не се совпаѓа со царинската тарифа под која е увезен. Тоа значи дека еден производ бил означен во фактурата, а сосема друг е увезен. Од страна на Царинската управа, направено е прераспределување во правилна тарифна ознака, и од фирмата „РКМ“ е наплатен царински долг, дополнителни давачки и прекршоци во износ од над 24 илјади евра. Кај сите други контролирани компании, декларираниот производ се совпаѓа со дериватот што е увезен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

