Македонија
РТС: Бајден со лидерите на ЕУ ќе разговара и за интеграциите на Македонија и Албанија
Западен Балкан ќе биде една од темите на средбата на американскиот претседател, Џо Бајден, со лидерите на ЕУ следната недела во Брисел, пренесува РТС, повикувајќи се на европски дипломатски извори.
„САД и ЕУ ќе го зајакнат својот заеднички ангажман на Западен Балкан, вклучително и дијалогот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина и поддршката за клучните реформи во рамките на европската интеграција“, се наведува во нацрт-заедничката декларација што може да се промени до состанокот на претседателот, Џо Бајден со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 15 јуни во Брисел.
Меѓу бројните прашања на агендата на првата посета на претседателот Бајден во Европската Унија, Западен Балкан ќе биде една од темите за која Брисел и Вашингтон ќе ја нагласат потребата од подобра соработка и координација, дознава РТС.
„САД очекуваат ЕУ да го преземе водството на Балканот, кога станува збор за дијалогот меѓу Белград и Приштина, но и целокупната политика на проширување, со активна поддршка од Вашингтон“, наведуваат дипломатските извори во Брисел и додаваат дека САД ја охрабрува ЕУ конечно да ги отвори преговорите со Северна Македонија и Албанија, имајќи предвид дека кредибилна политика на проширување на ЕУ е исто така во американски стратешки интерес.
За разлика од ЕУ, чии пет земји-членки не ја признаа независноста на Косово, претставниците на САД посочуваат дека сеопфатното решение во дијалогот меѓу Белград и Приштина треба да доведе до заемно признавање.
„Иако има некои разлики во ставовите на Брисел и Вашингтон кон регионот, администрацијата на претседателот Бајден го дели зголемениот интерес на ЕУ за прашањата на владеењето на правото и слободата на медиумите на Западен Балкан“, наведуваат во Брисел.
Главната цел на првата посета на претседателот, Џо Бајден на Европа од почетокот на неговиот мандат ќе биде „обновување на трансатлантското партнерство“ и создавање на заедничка агенда за постпандемискиот период.
Во нацрт-заедничката декларација се зборува за соработката во областите на борбата против Ковид-19, економското закрепнување и борбата против климатските промени, односите со Русија и Кина и заедничкиот став против поткопување на демократијата во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

