Македонија
Василевска: Царовска оваа година кон учениците се однесуваше како кон експериментални глувци
Оваа година Мила Царовска од позиција на министерка кон образованието и кон учениците се однесуваше како кон експериментални глувци, при што влијаеше врз сериозното уназадување на една цела генерација ученици, обвини Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, немало дел од образованието кој не страдал од импровизациите на Царовска.
„Училишната година доцнеше цел месец поради неспособноста на Царовска. Немаше протоколи за организирање на наставата и се стави под знак прашалник и физичкото присуство. Лошиот модел на електронско следење на наставата, без притоа Владата да обезбеди соодветни електронски уреди за следење на наставата за децата од социјално загрозените категории остави 15.000 ученици надвор од системот. Практично 15% од учениците не беа во можност да ја следат наставата онлајн“, вели Василевска.
Според неа, Владата трошела пари за разни тендери и бркала провизии за вакцини, а не собрала сили да набави 15.000 уреди за учениците од социјално загрозените слоеви. Со тоа, додаде Василевска, оваа учебна година Царовска протна дискриминација на мала врата.
„Царовска со глава во ѕид, не сакаше да го отстрани полагањето на матурата, а потоа не сакаше ниту да го исполни ветувањето да го намали бројот на предмети за полагање на матурата. Иако учениците и родителите го кренаа гласот, Царовска дрско ги игнорираше. Врв на ароганцијата и сервилноста на Царовска е укинувањето на учебниците и дигитализација по секоја цена. Царовска со овој можеби лукративен потег креираше невидена дискриминација“, рече Василевска.
Дополнително, додаде таа, се отвора можност за фризирање на содржините во учебниците по историја, географија и македонски јазик како и кога сака СДСМ. Затоа што дигитализацијата којашто ја најавуваат, рече Василевска, не се дигитални интерактивни учебници, туку обични ПДФ-содржини, односно скенирани учебници.
„Дигитализацијата на Царовска не е ништо друго, туку само можност за некоја фирма блиска до власта да земе можеби тендер од над 120 милиони евра. Наводната дигитализација е чист профит за поединци од власта и затоа неуморно се турка и покрај сите противења на учениците и родителите, но и експертската јавност“, рече Василевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Џафери за порасната трева околу Владата: Градоначалничката доби соодветен одговор со изборниот резултат, граѓаните гледаат и вреднуваат
Техничкиот премиер Талат Џафери по денешниот отчет за сработеното во првите 100 дена од Владата што ја предводи, даде објаснување за порасната трева околу Владата за што имаше многу реакции од граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање за тревата, Џафери објасни дека тоа е обврска на Град Скопје, па од таму и изборниот резултат на партијата што ја предводи градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Разбирам дека има реакции по тоа прашање. Според процедурите и прописите, земјиштето е сопственост и во надлежност на Град Скопје. Според договореното и обврските, ‘Паркови и зеленило’ како јавно претпријатие што се грижи за изгледот на градот е надлежно и за оваа работа. Владата ниту има предвидено средства ниту, пак, може да предвиди средства за работи што се надлежност на друга институција. Во овој контекст, јас жалам што излезе вака, но, секако, и на изборите соодветен одговор доби и градоначалничката на градот Скопје во однос на изборниот резултат. Граѓаните гледаат, граѓаните оценуваат, вреднуваат и си го дадоа својот одговор“, рече Џафери.
Нова алтернатива, партијата која на изборите ја предводеше градоначалничката Данела Арсовска, освои 3.516 гласа, односно 0,35 отсто од гласовите на запишаните избирачи.
Македонија
(Видео) Џафери: Груби ниту е Влада ниту е партија
Ниту Европскиот фронт ниту ДУИ не повикува ниту, пак, мотивира на бојкот, беше оставено на слободната волја на граѓаните да ја изразат на гласачкото место, рече премиерот Талат Џафери на денешната прес-конференција.
Во однос на бојкотот на Артан Груби на вториот круг на претседателските избори, Џафери рече дека неговиот став е индивидуален и дека не став ниту на Владата ниту на партијата.
„Индивидуалните ставови не може да се претставуваат како генерални ставови на субјектот. Груби ниту е Влада ниту е партија. Јас имав изјава како премиер на избирачкото место и потврдив дека ги зедов двете ливчиња и гласав. Индивидуалниот став не е општ став по кој може да се извлече заклучок. Нека си е министер, индивидуа е во однос на Владата, не е став на Владата, ниту на партиските органи. Индивидуално може да каже што сака, тоа е слобода и на мисла и на изразување“, одговори Џафери и додаде дека не може да се повикува на одговорност.
Македонија
Главчев: Се надевам дека Северна Македонија ќе ја продолжи европската перспектива, повеќе нема да правиме отстапки
Се надевам дека Северна Македонија ќе ја продолжи својата европска перспектива. Од наша страна, немаме каде да правиме повеќе отстапки. Згора на тоа, позицијата што ја имаме е паневропска позиција.
Ова го изјави вршителот на должноста премиер на Бугарија, Димитар Главчев по победата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова на претседателските избори во Северна Македонија, јави „БГНЕС“.
„Да почекаме да видиме каква влада ќе се формира во Северна Македонија“, рече привремениот премиер.
Главчев додаде дека Бугарија нема повеќе да прави отстапки во однос на пристапните преговори на РСМ во ЕУ и ставот што го имаат е паневропската позиција.
„На нашите пријатели од Северна Македонија мора да им биде јасно дека ако не ги почитуваат барањата за прифаќање членство во ЕУ, тоа нема да функционира“.