Свет
Коронавирусот во САД бил присутен уште во 2019 година, покажа најнова студија
Најново истражување покажа дека Ковид-19 пристигнал во САД кон крајот на 2019 година.
Новата анализа на примероци од крв од 24.000 Американци, донесена на почетокот на 2020 година, е најновото и најголемо истражување што сугерира дека вирусот пристигнал во САД во декември 2019 година.
Тоа беше неколку недели пред здравствените власти да го забележат првиот случај на коронавирус, пренесуваат американските гласила.
Анализата не е конечна, а некои експерти остануваат скептични.
Сепак, федералните здравствени власти сè повеќе ја прифаќаат временската рамка во која во САД можеле да се појават мал број заразени од Ковид-19 пред светот да стане свесен за опасниот нов вирус што излезе во Кина.
Студијата е објавена вчера во списанието „Клинички инфективни болести“, пренесуваат агенциите.
„Студиите се прилично конзистентни“, рече Натали Торнбург од Центарот за контрола и превенција на болестите (ЦДЦ).
„Веројатно тука имаше многу ретки и спорадични случаи порано отколку што знаевме. Но, тоа не беше раширено. Зголемувањето на бројот на заразени лица се случи дури на крајот на февруари“, рече таа.
Во студија предводена од ЦДЦ, објавена во декември 2020 година, биле анализирани 7.000 примероци на донации на крв од Црвениот крст на САД.
Притоа било заклучено дека некои Американци биле заразени од коронавирус веќе во средината на декември 2019 година.
Најновото истражување беше спроведено од тим што вклучува истражувачи од Националниот институт за здравство.
Тие анализирале примероци на крв од повеќе од 24.000 луѓе во целата земја, собрани во првите три месеци од 2020 година како дел од долгорочна студија.
Коронавирусот се појави кон крајот на 2019 година во Вухан, Кина. Официјално, првиот заразен пациент во САД бил патник од државата Вашингтон, кој се вратил од Вухан на 15 јануари и побарал лекарска помош на 19 јануари, пренесуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Роб Јетен е најмладиот и прв геј премиер во историјата на Холандија
Роб Јетен (38) денеска официјално стана најмладиот и прв геј премиер во историјата на Холандија, откако кралот Вилем-Александар ја потврди неговата малцинска влада, јавува Хина.
Лидерот на прогресивната и проевропска партија Д66 ја однесе партијата до изненадувачка изборна победа во октомври, ветувајќи крај на политиката на поделби.
Владата ја сочинуваат Д66, демохристијаните (ЦДА) и десниот ВВД, но располага со само 66 од 150 пратеници во парламентот, што значи дека за секој закон ќе ѝ биде потребна поддршка од опозицијата.
Опозициските партии веќе ги критикуваа плановите за зголемување на одбранбениот буџет на 3,5 отсто од БДП до 2035 година, што треба да се финансира со кратења во социјалата и здравството и со нови даноци.
Владата најавува ограничување на надоместоците за невработеност, повисоки здравствени придонеси и побрзо зголемување на старосната граница за пензионирање. Најавен е и построг пристап кон азилот и миграцијата.
Јетен изјави дека има простор за подобрување на плановите пред усвојувањето на конечниот буџет.
Свет
Сикорски: Унгарија покажува шокантен недостаток на солидарност кон Украина
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денес ја обвини Унгарија дека покажува шокантен недостаток на солидарност кон Украина и дека верува оти унгарската влада создава клима на непријателство кон Киев за да ја искористи во изборната кампања.
„Очекував многу поголемо чувство на солидарност од Унгарија кон Украина. Но, наместо тоа, со помош на државната пропаганда, владејачката партија успеа да создаде клима на непријателство кон жртвата на агресија. А сега се обидува да ја искористи на општите избори. Тоа е доста шокантно“, изјави Сикорски пред новинарите во Брисел, пренесува Ројтерс.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави претходно денес, пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, дека континуираниот отпор на Унгарија јасно ставил до знаење дека на состанокот нема да се постигне консензус за предложениот нов пакет санкции против Русија.
Европа
Дали ЕУ експресно добива нова членка? Политико: Референдум уште на лето
Исланд ја разгледува можноста за одржување гласање за рестартирање на преговорите за членство во ЕУ уште во август, според два извори запознаени со подготовките за пристапување на земјата.
Оваа вест доаѓа во време кога проширувањето на ЕУ се чини дека повторно добива на интензитет, додека Брисел работи на план што би можел да ѝ донесе на Украина делумно членство уште следната година, а Црна Гора, како водечки кандидат, минатиот месец затвори уште едно преговарачко поглавје, пишува Политико.
Владејачката коалиција во Рејкјавик вети дека ќе одржи референдум за продолжување на преговорите за пристапување, кои претходната влада ги замрзна во 2013 година, до 2027 година.
Сепак, временската рамка се чини дека се забрзува поради геополитичките превирања, одлуката на Вашингтон да воведе царини за Исланд и заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да го анектира Гренланд.
Се очекува исландскиот парламент да го објави датумот на гласањето во следните неколку недели, според изворите, кои зборуваа под услов на анонимност. Овој потег следеше по серија посети на европски политичари на Исланд и исландски претставници на Брисел.
Доколку Исланѓаните гласаат „за“, тие би можеле да се приклучат кон ЕУ пред која било друга земја-кандидатка, рече еден од испитаниците.
„Дебатата за проширувањето се менува“, изјави за Политико комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, која се сретна со исландската министерка за надворешни работи, Торгердур Катрин Гунарсдотир, минатиот месец во Брисел.
„Сè повеќе станува збор за безбедност, припадност и зачувување на нашата способност да дејствуваме во свет каде што се натпреваруваат различни сфери на влијание. Тоа е прашање за сите Европејци.“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се сретна со исландската премиерка, Криструн Фростадотир, во Брисел минатиот месец и рече дека нивното партнерство „нуди стабилност и предвидливост во нестабилен свет“.
Фон дер Лајен, која го посети Исланд минатиот јули, ја пофали земјата за зајакнување на соработката со ЕУ за време на состанокот на Нордискиот совет во Стокхолм минатата есен и планира нова посета на арктичкиот регион во март.

